Поништени одлуките за одбиените проекти, се разгледуваат одново

Стручните комисии формирани да ги оценуваат апликациите од национален интерес, кои годинава ќе ги поддржи Министерството за култура, од вчера утрото повторно се состанаа, но да ги разгледаат само одбиените проекти.

За време на нивната работа во Министерството дојдоа и претставници на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, кои пред медиумите рекоа дека се дојдени да го искажат својот револт од нееднаквата поддршка меѓу фолклорните ансамбли.

– Македонските друштва, кои се со 60, 70 или повеќе години активни во Македонија и се докажани и тука и во странство, имаат добиено нула средства за работа. Исто така, фолклорни фестивали како што се Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, фестивалот во Тодорица во Свети Николе, „Вапцарови денови, „Илинденски денови“ воопшто не се ставени во програмата за финансирање. Овие фестивали со години и децении ја презентираат македонската култура. Колегите со години работат во промоција на македонски фолклор, како што се ансамблите „Орце Николов“, „Вапцаров“, „Скопје“ немаат добиено ниту денар за работа. Направивме анализа и споредба и се гледа дека за македонските фолклорни друштва издвоени се 2 милиони и 700 илјади денари, додека пак за албанските фолклорни друштва се одобрени 4 милиони и 700 илјади денари. Со ова ни е нанесена голема неправда – вели Благоја Јовановски од Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија.

Како што информираше Министерството, одлуките за сите одбиени апликации ќе бидат поништени и по нивното повторно разгледување, доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти од национален интерес ќе биде дополнета. Во интередисциплинарната дејност, како што информираше претседателката на комисијата, Љонора Сејдиу, при ревидирањето на одбиени проекти не утврдиле технички грешки, па оваа комисија останува на ист став.

„Нема да има нови одобрени проекти. Вкупно беа одбиени 111 апликации. Согласно критериумите, максималната вредност изнесуваше 100 илјади денари. При распределбата на средствата комисијата ова го констатираше врз основа на портфолио или референтна листа на носители на пријавите. Комисијата при разгледување на проектите го имаше во предвид и датумот на регистрација на фирмите“, се вели во писмената изјава на Сејдиу.

Во драмската дејност, пак, постојат можности за дополнување на програмата бидејќи средствата не се во целост распределени. Доколку се утврди дека има потреба од нови одобрувања проекти, листата ќе биде дополнета.

До оваа комисија пристигнале 149 пријави, од кои 53 се прифатени, а 96 се одбиени.

– Оценките на пријавените проекти ги носевме согласно одредбите наведени во текстот на годинешните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по дејности и области. Сакаме да напоменеме дека во конкурсите не е наведен критериум, датумот кога треба се регистрирани правните лица, туку приоритет се дава на портфолиото на правното лице – вели во писмена изјава членот на комисијата на Драмска дејност, Хисмет Рамадани.

Во текот на оваа седмица со работа ќе продолжат и останатите комисии, а доколку се утврдат неправилност, листите на одобрени проекти ќе бидат дополнети. (И.Н.)