Повторно со автобуси, сокчиња, сендвичи

Повторно со автобуси, сокчиња, сендвичи. Тоа беше недозволиво и смешно кога ВМРО-ДПМНЕ организираше протести од позиција на власт. Но, сега  со знамиња на Македонија и ЕУ, транспаренти, маички… сè е дозволено.

Десетиците автобуси со регистарски таблички од различни градови кои завчера го преплавија главниот град предизвикаа лавина реакции на социјалните мрежи чиј заеднички именител е изедначувањето на претходната и актуелната владејачка гарнитура во практикувањето на власта. Истиот еквивалент се користеше и кога во јавноста пукна аферата со доделувањето грантови од Фондот за иновации. Под мотото „сите се исти“ беа ставени и убиствата на Мартин Јанушев и Никола Саздовски – трагични настани кои се поврзуваа со смртта на Мартин Нешковски….

Пораките дека во суштина станува збор за една политика која го одржува и репродуцира постојниот општествено-економски систем и која токму како да произлегува од еден „одбор“, според дел од аналитичарите се претерани, без оглед што кај оваа власт постојат примери кои не може многу да се разликуваат од претходните негативни практики. Тие обиди се во насока на комплетна релативизација и создавање гласачи со апатичен однос кон владеењето на правото и корупцијата.

Не е спорно, според нив, тоа што приврзаниците на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ дошле масовно во Скопје со автобуси. Партиите имаат свои фанови кои со задоволство ѝ даваат поддршка на партијата. Важно е, велат, дали некој ги присилил на тоа. Засега, нагласуваат, нема такви информации.

Членовите на Владата, инаку, се вклучени како членови на своите партии и на коалицијата. Владата официјално не е дел од овие активности. Таа води кампања за промоција на референдумот само на социјалните мрежи.

„Забележливи се позитивни поместувања во поглед на практицирањето на власта во различните општествени сегменти. Тоа може да се види дури и низ призма на секојдневните средби со граѓаните низ градовите што ги има коалицијата ‘Заедно за европска Македонија’. Никој не инсистира на некаква изнасилена масовност, напротив. Собирите се крајно релаксирани со помал број луѓе, што изгледа симпатично ако знаеме дека не така одамна се носеа илјадници гласачи по сите места низ земјава. Очекувано беше во Скопје да има повеќе луѓе, сепак тој собир има третман на главна манифестација“, вели професорот Илија Ацески. Според него, изедначувањето меѓу двете владеења е обид за фрлање магла, да не се знае што е што, со цел уште поголема дезориентираност на граѓаните.

„Јасно е дека постојат слабости во владеењето, но целосна општествена регенерација не може да се направи со стискање на копче. Претстои тешка битка со алчноста, непотизмот, корупцијата… Но, може да се препознае намерата за средување на проблемите. Ни претстои исклучително важен период кој ќе ја одреди насоката по која ќе се движи земјата. Потоа нештата ќе добиваат на јасност“, вели Ацески.

Поранешниот директор на Агенцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, во екот на нападите дека „Курто само го сменил Мурто“, но ништо не променил, објави дека наводно ВМРО-ДПМНЕ побарало од своите членови да ги остават своите лични карти и пасоши во штабот како гаранција дека нема да излезат на референдумот. Тој апелираше до партиските членови да се потсетат на робовладетелскиот однос кон нив на претходната раководна структура во ВМРО-ДПМНЕ.

„Се сеќавате на списоците што мораше да ги пополнувате? Заборавивте ли како ве уценуваа со работни места? А како ви беше кога секоја вечер ве шетаа со автобуси од град во град по митинзи, за да бидете само бројка“, напиша Цветанов.

Дел од аналитичарите со кои разговаравме велат дека, сепак, критичната мисла треба да биде насочена кон сегашноста. За Марко Трошановски од Институтот за демократија поистоветувањето на двете владеења има за цел да ги релативизира злоупотребите на претходната власт.

„Концептот е јасен – освојување на власта со гласачи кои апатично се однесуваат кон владеењето на правото, антикорупцијата…“, вели Трошановски. Сепак, кај сегашното владеење, оценува тој, постојат примери кои не може многу да се разликуваат од претходните негативни практики.

„Доколку тие навремено не се адресираат од критичката јавност и самата Влада, неизбежно ќе водат кон повторни тенденции на заробена држава“, посочува Трошановски.

Наум Котевски