Писмо за прекин на преговорите со Грција
Ерол Ризаов
Го прочитав неколку пати отвореното писмо на близу 200 јавни личности, македонски интелектуалци адресирано до политичките лидери на Македонија озглавено со познатата мисла на Мисирков: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“ Повод за ова обраќање е, како што наведуваат, длабоката загриженост од начинот на кој Владата го води процесот на разговори со Грција за нашето уставно име и национален идентитет. Главната поента во писмото е веднаш да се прекинат преговорите со Грција бидејќи можеме да станеме членки на НАТО и на ЕУ со уставното име. Работата била многу лесна и едноставна.
Потписниците, главно универзитетски професори, академици, познати јавни личности укажуваат на големата неправда што ѝ се прави на една мирољубива земја која за никого не претставува опасност, а е блокирана цели 27 години со ултиматум од својот сосед не почитувајќи го елементарното меѓународно право и универзалното и цивилизациско право гарантирано со резолуции на ОН за самоопределување и самоидентификација на народите. Потписниците чувствуваат историска одговорност да не молчат и да се обратат не само на политичките лидери на Македонија, туку и на целата македонска и светска јавност.
Во отвореното писмо се изнесени низа научни и историски факти кои ја докажуваат големата неправда што ѝ се нанесува на Македонија. Станува збор за добро познати аргументи за кои од првиот ден на наметнатиот спор не се молчи, туку милиони пати се соопштени како непобитни вистини и разни правни толкувања во полза на Македонија од голем број светски авторитети по меѓународно право, почнувајќи од Бадентеровата комисија, па сѐ до познати државници и политичари, новинари, домашни и странски, објавени во најугледните светски мас-медиуми. Упатени се стотици отворени и затворени писма до лидерите на најмоќните држави, некои од тие писма и стасани одговори на нив одамна се објавени во книги. Донесени се најмалку 20 декларации и резолуции во македонското Собрание. Сето тоа како најголем доказ е потврдено со судска пресуда на судот на ОН за правда во Хаг каде што стои дека спротивно на меѓународното право Македонија е попречувана да стане членка на меѓународни асоцијации со името ПЈР Македонија. И уште еден силен политички и морален аргумент, најдобра потврда за правото на самоопределување, е што 137 држави во светот ја признаа Македонија под уставното име меѓу кои и најголемите светски велесили Америка, Русија и Кина.
И дотука ништо не пречи во уште едно од низата јавни обраќања до светската и до домашната јавност. Но веќе во вториот дел од ова обраќање, покрај евидентното навлегување во партиски води, иако потписниците велат дека нивното писмо е до власта и до опозицијата, го нема точниот одговор на првото прашање од насловот „Шчо напраифме?“ Не направивме НИШТО. За 27 години ништо не направивме, односно ништо не направија одговорните македонски лидери да остварат барем една стратегиска и приоритетна цел на Македонија. Не направија демократско општество со сите нишани за заштита на човековите права и слободи, не направија правна држава каде што владее правото, не го намалија организираниот криминал и корупцијата, не го зголемија стандардот и квалитетот на живеење на граѓаните, не ги остварија евроатланските интеграции со редовно членство во НАТО и во ЕУ. Иако овие определби се назначени во сите партиски и државни стратегии и програми и се јасна определба на мнозинството граѓани, тие не се остварени. Тоа кажува дека елитите што ја водеа државата не успеаја да ја оправдаат независноста. Тие за 27 години само успеаја да ги оправдаат своите неуспеси криејќи се зад уставното име и идентитетот, барајќи постојано други виновници кои, за жал, јавноста во најголем дел ги прифаќаше.
Потписниците, секоја чест на исклучоците, не се појавија со своја критичка опсервација за статус кво ситуацијата и за инсталирање на режимот во Македонија кој го запре целосно развојот на државата, но и на евроатлантските интеграции во изминатите десет години, кој ни ги одзеде пријателите и поддржувачите во светот поради антикоманијата и потрагата по пославно минато и срамната интервенција на науката во политиката. Не ги видовме во најголем дел овие силни имиња да ја предупредат тогашната власт каде ја води Македонија. Можеби тогаш молчеле бидејќи биле сигурни дека власта на Никола Груевски работи за доброто на народот и ја одржува Македонија на реформскиот курс, да не мрдне од место со силен нов идентитет на сметка на словенството.
Потписниците бараат да се прекинат разговорите со Грција, но нема назнака во писмото дали со ова ја прифаќаат одговорноста за последиците од прекинот на преговори кој во моментот би бил најсилното оправдување на натамошната позиција на статус кво на Македонија. Одговорот на второто прашање од насловот „шчо трба да праиме“, што го даваат потписниците на отвореното писмо, е инфантилен и детски наивен. Велат Владата веднаш да се обрати до Генералното собрание на ОН за да се стави крај на употребата на референцата ПЈРМ и да се донесе резолуција на Генералното Собрание на ОН со која на РМ би ѝ се гарантирал непречен прием во меѓународни организации под уставното име. Прекрасно. Браво.
Колку била лесна работата за која се изгубија децении. Просто човек да не може да се изначуди како ова досега на никој не му текнало. Стегни барање до ОН и готово, се заврши работата со Македонија. Навистина несфатливо непознавање, или подобро кажано игнорирање на разликите меѓу правото, политиката и интересите и односите на силите во Советот за безбедност и правата на вето. Го заборавивме многу бргу одговорот на претседателот на Франција, Франсоа Митеран, на Робер Бадинтер за признавањето на Словенија и на Македонија. Да, тоа е така во правото, ама интересите на Франција налагаат нешто друго, кажа Митеран. Во политиката работата е ептен поинаква. Најчесто место правото и правдата предност имаат интересите.
И, конечно, зошто воопшто вакво обраќање да се најде патот за прием на Македонија во НАТО и во ЕУ без промена на уставното име кога првопотписничката на отвореното писмо, претпоставувам иницијатор, Билјана Ванковска, неодамна напиша јавно дека и да нѐ примат во НАТО со уставно име, треба да одбиеме. Така што наместо криење зад неостварливи заложби, потписниците најдобро да напишеле телеграма дека не ни требаат ни НАТО, ни ЕУ, ни со уставно, ни со друго име. Нашиот идентитет на најбедна европска држава со неизвесна иднина е најдоброто решение. И така да си тераме и во иднина, како и во изминатите 27 години. Додека се може.