Пепељугоски: Со Преспанскиот договор не изгубивме права од индустриска сопственост
Со Преспанскиот договор, од аспект на индустриска сопственост, ништо не е изгубено. Имаме еднакви права на користење на терминот Македонија, македонски и сите други изведени термини. Но, и ништо не е променето во однос на претходно. Фирмите што немаат врска со државен капитал, со финансирање од државата, не мора да ги менуваат ниту ознаките ниту имињата. Без проблем може сега да си регистрирате фирма која ќе се вика Македонија. Во двете земји. Но, на производите на фирмата од нашата земја, на кодот ќе стои „од Република Северна Македонија“. И вака ќе биде додека посебна меѓународна комисија, утврдена со Преспанскиот договор, не донесе какви било други заклучоци, тврди адвокатот и професор Валентин Пепељугоски, познато име во областа на индустриската сопственост.
Македонски експерти за интелектуална сопственост не учествувале во формулирањето на одредбата од Преспанскиот договор што се однесува до употребата на терминот „Македонија“. Ама ќе работат на нејзина операционализација.
„Таа одредба не е доволно јасна, но од друга страна не е страшна за сите оние кои досега имаат регистрирано фирма што содржи во својот назив Македонија, македонско, МК, МАК, или пак имаат трговска марка што ги содржи овие термини. Оние што регистрирале се заштитени, и тоа не само во Македонија, туку и во Грција, дури и на меѓународно ниво. Тоа значи и за грчките компании кои имаат регистрирано фирми во Македонија и кои ги содржат овие термини, во кирилична или латинична форма, во транскрипција и превод. Исклучок се државните фирми, јавните претпријатија и сите здруженија, организации кои имаат државен капитал или се основани со закон од страна на Собранието или владата. Тие ќе мора да го сменат името“, посочува Пепељугоски.
И кај географските ознаки, односно ознаките за потекло на производи, во моментов нема промени и се чека исходот од работата на комисијата. „Македонија е во предност, бидејќи го има ратификувано Лисабонскиот договор и има 5 географски ознаки, вклучително и македонскиот ајвар, кој е заштитен како географска ознака, што значи дека тој производ може со такво име да го користи само оној што ги исполнува условите и оној што има одобрение. Грција го нема ратификувано тој договор и не е членка на Светската организација за интелектуална сопственост WIPO, која го администрира и овој договор за географски ознаки. Додека не го ратификува Лисабонскиот договор, не може да ни прави проблеми за сè што е досега регистрирано“, вели адвокатот, додавајќи дека, според него, би требало на тие производи да стои дека потекнуваат од Северна Македонија.
Податоците од WIPO покажуваат дека грчки компании во Македонија имаат регистрирано 227 трговски марки, а македонски компании во Грција имаат 60 регистрации. Во Македонија има регистрирани само 6 марки со зборот македонски и 22 марки што го содржат зборот Македонија. Има регистрирани три марки што содржат збор Macedonia, и ниедна не е од Грција, додека со зборот Macedonian се шест, од кои две се македонски, а три грчки.
„Немам податок како е во рамките на ЕУ, но убеден сум дека тука статистиката е во полза на Грција. Нашите компании генерално не заштитуваат надвор. Имаме премногу малку пријави надвор на трговски марки и тоа е проблем за Македонија, генерален проблем. Нашите директори побргу ќе купат ‘мерцедес’ отколку да заштитат трговска марка, што за 10 години ќе ги чини околу 500-600 евра, вклучително адвокатска услуга, за една земја“, укажува Пепељугоски.
Бидејќи со Преспанскиот договор најзасегнати ќе бидат земјоделско-прехранбениот сектор и пијалаците, како наша специфика, среќна околност е што големите компании од оваа сфера се најактивни во заштита на трговски марки во странство. Освен со Грција, адвокатот очекува проблеми околу трговските марки и со Бугарија, држава со која имаме многу слични производи. На пример, мастиката.
И додека се чека формирање на комисијата од експерти која во рок од три години ќе ги решава овие проблеми и ќе зазема ставови, во преодниот период се лови во матно. Има информации дека грчки компании интензивно регистрираат трговски марки во ЕУ, за производи што ги има во двете соседни земји. Адвокатот Пепељугоски мисли дека ќе има важност сè што е пријавено и регистрирано до денот на влегување во сила на спогодбата.
Заштитата во Грција се смета како ЕУ-заштита
Заштитата на трговската марка не е обврска. Бегајќи од плаќање, македонските компании имаат, генерално земено, малку заштитени трговски марки.
„Со заштитата добивате поголема сигурност дека никој друг нема да го крсти својот производ како вас. Вам никој не може да ви забрани сега да го крстите производот ‘македонски кашкавал’. Проблемот е ако сакате да извезете во Грција, како ќе ви реагира пазарот. Доколку го немате заштитено, вие нема да може да ѝ забраните на фирма од Грција да го крсти својот производ ‘македонски кашкавал’. Пред да влезе Северна Македонија во ЕУ, ако Грција има заштитено производ ’македонски кашкавал’, тогаш може да ѝ забрани на друга фирма да го стави тоа име. И ова правило важи генерално, не само за ‘македонски’. Значи, не е сврзано со Преспанскиот договор. И да влезевме во ЕУ под БЈРМ, пак ќе губевме доколку грчка фирма го заштитила името на производот пред нас, и пред влезот на државата во ЕУ. Но, иако нашата држава не е членка, компаниите може да си ги заштитат трговските марки и во тој случај, ниедна земја членка не може да прави проблем. Инаку, ако си ја заштитил трговската марка во Македонија или во Северна Македонија, по автоматизам немаш заштита во ЕУ, а Грците, со тоа што заштитуваат во Грција, по автоматизам имаат заштита во Унијата. А на нашите компании никој не им брани да ги заштитат производите во ЕУ или сега во Грција, што ќе се смета како заштитена во ЕУ“, објаснува адвокатот.
Нема македонско, оти нема ни грчко вино
Грција како држава има повеќе вински региони. Еден од нив е во областа Македонија, посочува Пепељугоски по кој основ Грција заштитила трговска марка „македонско вино“.
„Кај нас има повеќе вински региони, што е согласно со Законот за вино. Имаме тиквешки, валандовски, гевгелиски регион, скопско виногорје. Различни се. И Грција нема заштитено ‘грчко вино’, затоа што не е цела Грција еден вински регион, исто како и цела Македонија што не е“, вели тој.
Но, прашање е дали целата област „Македонија“ во Грција може да се третира како еден вински регион. Тоа треба експертите да го кажат, вели адвокатот. „Може да се постави прашање дали е тоа злоупотреба на правото, бидејќи не може вино од Халкидики да има иста ознака на потекло како од Кавала“, дополнува Пепељугоски и смета дека опасно би било комисијата да се враќа назад, во расчистување на вакви прашања, но сигурно е дека вакви прашања ќе се отворат.
Хендикеп или предизвик
Како ќе постапуваат заводите за заштита на интелектуална сопственост во двете земји кога ќе добијат барање за регистрирање на трговска марка, ќе биде едно од прашањата кои ќе ги расчистува новата меѓународна комисија за изнаоѓање решенија за употребата на имињата, трговските марки и заштитните знаци.
„Имињата на компаниите не може никој да ги натера да ги сменат. Проблемот ќе биде кај трговските марки, кои по правило означуваат и потекло од каде што доаѓа производот. Тоа е она на што укажуваше и Кирјакос Мицотакис во грчкиот парламент кога велеше дека ќе создава забуна. Зашто, ако пишува на пример ‘Macedonian chocolate’ на едно чоколадо и ако е само во збор, јас не би пуштил да се регистрира. Но, би го пуштил ако во изглед го содржи ‘Macedonian chocolate’“, вели Пепељугоски.
Очекува комисијата да се формира до средината на годината, а потоа има три години работа, иако смета дека ни сега веќе грчкиот завод за индустриска сопственост нема да одбива барања за регистрација на трговски марки од македонски компании, што досега им успеало само на 60.
Комисијата ќе има многу финеси за расчистување. Уште нема информација кој од македонска страна ќе влезе во таа комисија. На Пепељугоски му било навестено дека на него се смета како на иден член на комисијата. Вели дека фактот што од другата страна е Грција, која, на пример, ја победи Данска со „фета“ сирењето и се избори во цела ЕУ никој друг да не може да го користи терминот „фета“, не треба да се сфаќа како хендикеп.
„Грците многу работат на оваа проблематика затоа што се познати како аграрна земја, со земјоделски производи познати во рамките на ЕУ. Тие, како добри трговци, знаат дека заштитена трговска марка ја зголемува вредноста на производот. Нашите бизнисмени тешко го сфаќаат ова. Не е проблем за компании од типот на ‘Алкалоид’, ‘Тиквеш’, ‘Витаминка’, кои имаат регистрирано по стотици марки, проблем ќе имаат малите компании кои за тоа допрва ќе станат свесни“, вели тој.
Анита Салтировска