Од Букурешт до Брисел


Александра М. Митевска

Има некоја симболика во најавата од Брисел дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО на претстојниот самит. Она што не се случи пред точно десет години, кога наместо честитки за прием добивме вето од Грција, ќе се реализира за десетина дена, благодарение на договорот што го постигнаа владите во Скопје и во Атина.
Генералниот секретар Јенс Столтенберг веќе му го покажа на македонскиот премиер Зоран Заев празниот јарбол пред седиштето на алијансата што се чува за македонското знаме. Му го покажа и следното место на мапата што е резервирано за нашата земја – веднаш до Црна Гора (последната нова членка на НАТО, која во годините кога Македонија беше лидер во Јадранската група не беше уште самостојна држава).
Во 2008 година, т.н. БЈРМ доживеа разочарување во Букурешт откако пропадна опцијата за нејзино преименување во Република Македонија (Скопје). Наспроти тоа, Албанија и Хрватска, кои беа наши сопатници на патот кон НАТО, сега се веќе десетгодишни членки на оваа организација. Овој пат државата која фигурира сѐ уште во меѓународните организации како Бивша Југословенска Република со полно право очекува да биде славеничка на јулскиот самит во Брисел. Таму ќе биде поканета да стане 30. членка на НАТО, откако ќе го реализира договорот кој предвидува и нејзино преименување во Република Северна Македонија.
Симболиката во однос на конечното стапнување на Македонија на прагот на алијансата, всушност, не е само во „јубилејните бројки“, поточно во еднодецениското тапкање во место и во триесеттото столче што се чува сега за нашата земја на масата на најмоќниот воено-политички сојуз. Има одредена коинциденција и во тоа што падовите и подемите на Македонија на патот кон тој сојуз почнуваат на буквата „Б“…
Поканата што ќе ја добиеме на скорешниот НАТО-самит во Брисел е, всушност, главната придобивка од неодамна потпишаниот договор со Грција на брегот на Преспанското Езеро. Придобивките, пак, што ги очекува Македонија од официјалното влегување под чадорот на НАТО, по долгогодишен партнерски однос и исполнување на бараните критериуми – вклучително со трансформацијата на армијата, се многубројни. И тие не се однесуваат само на безбедноста и на стабилноста, туку и на позиционирањето на земјата наспроти мигрантската криза, на внатрешно-политичката стабилност, меѓуетничката кохезија, зајакнувањето на економските перформанси и на климата за инвестиции… Наспроти тоа, пак, е климата на загрозена евроатлантска перспектива, на копање низ далечното минато, на меѓународна изолација и назадување во демократските процеси, на отсуство на политички дијалог и нарушен соживот… откако пред десет години почнаа да фаќаат корен никулците на автократијата како опција што се отвори пред тогашната власт откако на Македонија ѝ беше затворена вратата на НАТО.
Сега вратата е повторно отворена и Македонија е на нејзиниот праг. Само уште неколку чекори ја делат од влезот. Затоа, македонските власти имаат сега обврска на најсоодветен можен начин да им ги предочат на граѓаните сите предности што ги носи со себе членството на земјата во НАТО, како и сите ризици од евентуалното враќање назад и понатамошно останување надвор од тој клуб.
Македонските гласачи треба да ги имаат предвид сите тие аргументи кога за некој месец ќе излезат на референдумот за името. Затоа што тогаш ќе треба да изберат меѓу досегашното име на земјата и остварувањето на нејзините стратешки определби за евроатлантско интегрирање. А тука, пред сѐ, се мисли на членството во НАТО, со оглед на тоа што полноправното членство во Унијата е долг и неизвесен процес, за што Македонија се надева дека дури до година ќе добие датум за преговори.
Од полноправното членство во НАТО, практично, нѐ делат сега само уште референдумот за името, уставните измени и исполнувањето на уште некои обврски од договорот со Грција… Затоа, ако за толку кратко време во домашната политичка арена се апсорбираше доволно политичка волја и енергија за надминување на најголемата пречка на нашиот пат кон Брисел, како и за санирање на дел од последиците од неколкугодишната политичка криза, тогаш во наредниот период вреди да се вложи уште толку труд и елан за да се направат и последните чекори за конечен влез во НАТО.