Новиот Џејмс Бонд ќе вози електричен „астон мартин“


САД– Тајниот агент Џејмс Бонд ќе вози електричен„астон мартин“ во новиот филм “Shatterhand” кој јавноста ќе го види идната година.

Режисерот Кари Јоји Фукунага сака ѕвездата на филмот, Даниел Крејг, наскоро да седне зад воланот на моделот „астон мартин“ во ограничено издание, поточно автомобил кој наскоро ќе биде лансиран – Рапид Е. Тоа е воедно и првиот електричен автомобил од овој произведувач. Со цена од околу 330 илјади долари, ќе бидат произведени само 155 примероци од моделот, а еден од нив ќе биде ѕвезда во новиот филм за агентот 007.

“Оваа одлука потекнува од режисерот на филмот кој е голем љубител на екологијата. Тој соработува директно со брендот „астон мартин“, за еден од нивните електричните автомобили да биде спремен за својата голема улога. Тој секако ќе биде во центарот на вниманието на неверојатните акциони секвенци. Да бидеме јасни, ова е нешто што режисерот го сака, а Даниел и продуцентите се сложија со целата приказна”, изјавил изворот близок до филмот.

Минатата година, „астон мартин“ нѝ даде увид во моделот Рапид Е кој е развиен во партнерство со “Williams Advanced Engineering”, компанија која некогаш ги дизајнираше и склопуваше батериите за автомобилите на Формула Е.

„Астон мартин Рапид Е“ ќе го напојува систем на батерии од 800 волти, со капацитет од 65 kWh и опсег од 320 километри со едно полнење.

Новото продолжение на култниот Џејмс Бонд, ќе се снима во Матера, jужна Италија. Градот е под заштита на УНЕСКО и е годинешна европска престолнина на културата, заедно со Пловдив, Бугарија.

Градот кој има 60.000 жители интензивно се подготвува да ја прими екипата од 500-на луѓе за снимањето кое е предвидено кон крајот на јули. Праисториските пештери на Матера биле искористени за снимањето на „Страдањето на Христос“ на Мел Гибсон во 2004, а во античкиот град се снимани и сцени од „Бен Хур“ и од „Чудесна Жена“.

Италија изминативе години често беше користена за снимање на филмови од Бонд франшизата, како што беше случај со „Спектра“ и „Трошка утеха“.