Не на грбот на работникот!


Здравко Савески

Дезинформацијата од ММФ

Шефицата на мисијата на ММФ во Македонија, Џасмин Рахман, на меѓународната конференција во Скопје, организирана од Народната банка, изјави дека ММФ препорачува да се зголеми старосната граница за пензионирање како што е во ЕУ, бидејќи сме имале слична должина на животен век. Две прашања се наметнуваат во врска со оваа изјава. Прво, дали оваа госпоѓа мислеше дека во Македонија дотолку се неписмени сите што не знаат да проверат на интернет дали животниот век во Македонија е сличен на тој во ЕУ? Второ, дотолку немале аргументи за да притискаат за повишување на старосната граница, па прибегнале кон ширење дезинформации?

Според Евростат, просечниот животен век во ЕУ е 80,6 години, а во Македонија тој е цели пет години помалку – 75,5 години. За каква сличност зборува дотичната госпоѓа? Свесна е дека, кога станува збор за просечната должина на животниот век, не може разлика што изнесува повеќе од една година да се смета за слична? А што е со квалитетот на животот? Со ист работен капацитет располага македонскиот и европскиот граѓанин на 65 години? Зошто дотичната госпоѓа не го спомна случајот на Словачка, каде при животен век кој е подолг од нашиот (76,7 години), а се оди во пензија порано од Македонија (на 62 години и за мажи и за жени)?

Но, никаква одговорност од ММФ околу дезинформацијата што ја прошири нивната шефица. Ниту се јавија со соопштение да се извинат за дезинформацијата што ја проширија ниту ја повлекоа шефицата. А од нашата Влада, да побараат одговорност од ММФ што нивната шефица во Македонија си дозволила да шири дезинформации што можат да влијаат врз животите на стотици илјади граѓани? Бог да чува и да брани! Тие повеќе ќе сакаат препораката на ММФ да ја третираат како изговор за да се обидат да ја зголемат возраста за пензионирање. Наспроти волјата на граѓаните! Затоа, ќе им нагласиме, препорака не значи и наредба. Оттука, власта не мора да постапи по препораката на ММФ, особено што таа се темели врз дезинформација.

Што правиме со невработеноста и продуктивноста на трудот?

Не може така едноставно да се повиши возраста за пензионирање, а тоа да нема последици по економијата. Ако луѓе кои веќе заслужуваат да одат во пензија бидат законски принудени да продолжат да работат, тогаш на нивното место нема да можат да бидат вработени други. Македонија има огромен проблем со невработеноста. Особено кај младите. Па младите ќе имаат намалени шанси да се вработат и, што ќе прават? Ќе се иселат од државата. Оваа влада ја критикуваше претходната дека ги принудува младите да се иселуваат од државата. А што прави таа за да ги задржи? Вака ли ќе создава услови за живот во Македонија?

Втора важна работа е продуктивноста на трудот. Постојано се упатуваат критики дека продуктивноста на трудот во Македонија е ниска. Како таа ќе се зголеми, ако млади луѓе на врвот од својата продуктивност се принудени да бидат невработени, а на работните места се држат луѓе кои според својата физичка состојба веќе заслужуваат да одат во пензија? Ова е добра тема за размислување и за газдите. Нека размислат дали во контекст на зголемувањето на продуктивноста на трудот е исправно да поддржат повишување на возраста за пензионирање.

Што значи повишувањето на возраста да биде последна опција?

Министерката за труд и социјала Царовска пред три месеци изјави дека последно решение за Фондот за пензиско осигурување е зголемување на старосната граница. Таква изјава даде и министерот Тевдовски. Но, само два дена потоа премиерот Заев ги обезвредни изјавите на своите министри и стави до знаење дека и повишувањето на возраста за пензионирање е во игра. Нема да се задржиме овде околу тоа што значи кога еден премиер ги обезвреднува изјавите на своите министри. Она на што овде е важно да се предупреди е дека штом еден премиер, особено во Македонија, кажува дека е можно некоја непопуларна мерка да се примени – таа мерка сигурно ќе се примени. Ако нема отпор.

Повишувањето на возраста за пензионирање мора да биде само последна опција. Откако буквално сите други мерки ќе бидат исцрпени. А тоа, пак, значи дека оваа мерка не може да се применува паралелно со другите мерки. Не е прифатливо врамувањето на проблемот од типот „малку работодавачите да попуштат, малку работниците“. Поради отворената про-бизнис политика на Груевски, газдите значително се збогатија во текот на неговото владеење. Кога Груевски ги намали придонесите за социјално осигурување, парите што останаа не се поделија по принципот „малку за газдата, малку за работниците“. Газдите ги зедоа тие пари. Како, во тој контекст, некој може да зборува за поделба на товарот? Да не заборавиме и на тоа дека намалувањето на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување придонесе и за намалување на идните пензии на сегашните работници.

Власта зборува за алармантна состојба со пензискиот фонд. Ами, ако е таква работата, што чекаа досега со воведувањето на прогресивното оданочување? Зошто уште ја одложуваат таа мерка? Зошто не ја укинаа, како што ветија пред избори, максималната основица за плаќање придонеси, која дополнително ги збогатува најбогатите? Нека се врати стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување на нивото што беше пред Груевски да ја намали. Нека се укине привилегирањето на странските инвеститори во однос на плаќањето придонеси. Нека се примени предлогот на УПОЗ, да се зголеми процентот од придонесот што оди во првиот столб на сметка на процентот што оди во вториот столб. Нека се намали бројот на прикриени работни односи, па дел од луѓето што работат хонорарно да бидат вработени во редовен работен однос. И така ќе се зголеми приливот на средства во пензискиот фонд. На крајот, укинете ги привилегиите на функционерите, патните трошоци и (л)апанажите, намалете го бројот на пратеници на 90, па и 60. И така, главнината од нив џаболебари во Собранието. Намалете го и бројот на министри во Владата. И тоа рековте дека ќе го направите. И кога сето тоа го направите и ако пак има проблем со пензискиот фонд, тогаш и само тогаш размислувајте да ја зголемите возраста за пензионирање.

Дали ова ќе го дозволиме?

Од нас зависи. СДСМ е партија која му служи на крупниот капитал. Исто како ВМРО-ДПМНЕ. Жално беше да се гледа колку евтино луѓето паднаа на пропагандата на СДСМ дека нешто научиле за време на долготрајната опозиција. Не научија. И не престанаа да ѝ служат на олигархијата. Ако не сакаме пак ние да го плаќаме цехот за погрешните политики на властодршците, мора да го кренеме гласот. Македонија по Устав е социјална држава. Во реалноста тоа не е. Ако сакаме и во реалноста тоа да биде така, мора да се избориме за тоа. Во спротивно, залудно само зборуваме.

Здравко Савески,
политиколог и член на Левица