На сет со режисерката Ана Јакимска: Ме инспирираат вистинити приказни

Младата режисерка Ана Јакимска стабилно го трасира својот пат во кариерата, а периодов го сними и краткометражниот филм „Неонски срца“. Јакимска изминативе години неколкупати го сврте вниманието кон себе, преку филмовите „Пoлноќен воз“, „Ќе дојдат децата“, „Би се викал Барбара“, „Надвор е ладно“, но и многубројните признанија и награди за нив. Често патува на филмските фестивали низ светот, па има одлична можност инспирацијата да ја црпи од различни култури. Се занимава и со фотографија, што е нераскинлив дел со филмската уметност. Таа го режираше и еден од највпечатливите видеозаписи кај нас, оној за песната „80-ти“ на „ПМГ колектив“.

Нејзиниот последен филм „Неонски срца“ ја раскажува животната приказна на средовечен геј-маж кој живее двоен живот. Главната улога ја толкува актерот Јордан Симонов, а во останатите улоги играат Гордана Ендровска, Симеон Дамевски, Симон Палитов, Гзим Жерка и Влатко Илиевски. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности.

Разговорот со Јакимска го реализираме по тој повод, но откриваме повеќе за нејзините креативности.

Го сними твојот нов краток филм „Неонски срца“. Што ќе ни раскажеш преку таа приказна?

Идејата за „Неонски срца“ се роди уште додека студирав режија на ФДУ. На крај на прва година имавме задача да снимиме краток документарен филм кој требаше да биде општествено ангажиран, односно, требаше да третира некој аспект од нашето секојдневие. Во долгиот период на одбирање тема и централен лик, налетав на многу вистинити приказни кои беа пречувствителни за да се осмелам да ги третирам документарно. Но, уште тогаш решив дека една од тие приказни некогаш ќе ја претворам во фикција и ќе ја снимам. Сценариото за „Неонски срца“, како и повеќето сценарија, е инспирирано од вистинита приказна.

Каква е Ана на сет? (во смисла смирена, нервозна, перфекционист, опуштена?)
Верувам дека нервозата на сет е непродуктивна. Сите работи веќе треба да бидат разјаснети и договорени меѓу екипата пред да се дојде на сет. Снимањето треба да биде само егзекуција на идеите бидејќи времето на сет е прекратко. Ако почувствувам дека нешто не е како што треба на сет, веднаш знам дека не сум му посветила доволно внимание во подготовките. Во тие случаи секако дека сум нервозна, но пробувам да го скријам тоа и да размислувам конструктивно.

*Од снимањето на „Неонски срца“ со актерот Јордан Симонов

Со претходниот краток филм „Ќе дојдат децата“, во кој игра Наташа Петровиќ, доживеа големи успеси на фестивалите низ светот. Колку те мотивираат признанијата и наградите?
Фестивалскиот успех на „Ќе дојдат децата“ ми донесе многу патувања низ различни земји, што е најголемата придобивка за мене како млад режисер. Секако дека се радувам за секоја награда, зашто екипата и актерите што работеа на филмот ја заслужија и сакам да знаат дека завршија одлична работа. Но она што за мене е најважно е можноста да посетам некое ново место и да видам како таму го гледаат филмот, како ја „читаат“ неговата приказна. Тоа е дел од континуираниот процес на надградба на секој автор.

Низ твоите филмови ги третираш човечките проблеми од различни аспекти. Дали може да се каже дека животните приказни на луѓето те инспирираат?
Секако, верувам како и секого што барем еднаш се обидел да напише нешто.

Како е да си жена режисер во свет кој сè уште им е наклонет на мажите?
Во последно време во Македонија има сѐ повеќе жени режисерки и продуцентки, па, благодарение на моите колешки, имам чувство дека патот е веќе трасиран. Не сум имала некое непријатно искуство на сет кое би било родово дефинирано.

Голем љубител си и на фотографијата, често човек може да те забележи со фотоапарат. Да можеш да ја „чкрапнеш“ твојата најсилна емоција, што ќе содржи таа фотографија?
Спуштање на ноќта над Водно во лето, додека небото е уште темносино, а долу веќе светат сите улични светла. Некаде на почетокот на 2000-тите, кога сѐ изгледаше поинаку и кога јас и моите другари имавме големи соништа и лименка пиво во рака.

Каков тип филмови најчесто гледаш? Кој е филмот што го имаш изгледано повеќе од петпати и зошто?
Гледам секакви филмови, вклучувајќи филмски класици, нови авторски филмови, блокбастери… Како гледач најмногу сакам дистописки филмови и научна фантастика. „Никогаш не ме оставај“, чие сценарио е адаптација на истоимениот роман на Казуо Ишигуро, е еден од моите најдрагите дистописки филмови.

*„Верувај ѝ на екипата, не си сама“ е најдобриот совет што Јакимска го добила

Американска, европска или каква кинематографија ти е омилена?
Има фантастични филмови, кои, за жал, постојат надвор од радарот на нашата западноцентрична култура. На пример, многу ми се допаѓа азиската кинематографија поради стилизираната актерска игра. Еден од моите омилени филмови, „Соништа“ на Куросава, ѝ припаѓа на јапонската кинематографија. Верувам дека преку соочувањето со други култури, со поинаков поглед на свет од нашиот, ние дознаваме за нив, но уште поважно, откриваме повеќе за себе и за нашето место во светот.

Кој е најдобриот совет што си го добила во кариерата од колега/колешка?
„Верувај ѝ на екипата, не си сама“.

Како се справуваш кога животот ти „дава лимони“?
Ги ставам во една убава сина порцеланска чинија и ги оставам на маса. Лимоните можат да бидат одличен елемент на сликата ако добро се искомпонираат.

За крај, на кој култен филм би му направила римејк и зошто?
Можеби на „Rocky Horror Picture Show“. Не можам да замислам позабавно нешто.

 

Ивана Настеска
Фото: „Сутерен студио“, Горјан Атанасов