Наградените композитори ќе го тужат министерот Роберт Алаѓозовски

Наградените автори на Конкурсот за откуп на нови музички дела, најавија тужба поради поништувањето на конукурсот.

Како што информираат тие, го добиле Решение за поништување на конкурсот од страна на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, по два претходни налози од Државниот управен инспекторат.

„По добивањето на решението за поништување на објавените награди, авторите ќе поднессеме тужба до Управниот суд и ќе поведеме граѓанска тужба со барање надомест за штета, поради компромитирање и нарушување на анонимноста на делата и повеќемесечниот труд“, велат авторите.

Министерот најави повторување на конкурсот, но сè уште нема информации во врска со неговото повторно објавување.

Оштетените автори посочуваат дека причините за поништување на конкурсот наведени во решението, согласно Законот за култура, се резултат на немарноста на самиот министер и неговите служби.

„Позагрижувачки е фактот дека истите пропусти, спротивно на законот, се направени при реализацијата на Годишната програма, што може да биде основ за нејзино поништување доколку некој поведе тужба пред надлежниот суд“, велат авторите во нивниот допис до медиумите.

Во дописот се потпишани Јана Андреевска, Андреј Блажевски, Валентина Велковска-Трајановска, Кокан Димушевски, Филип Иванов, Илија Илиевски, Горан Начевски, Ана Пандевска, Бојана Петровиќ, Сони Петровски, Драган Стојковски, Тодор Трајчевски, Благој Цанев и Панде Шахов.