Морална рација
Румена Бужаровска
Неколку работи ме вознемирија во врска со полициската рација во скопските дискотеки минатиот викенд. Прво, очигледното: фактот што полицијата извршува „акциска контрола“ при која проверува лиценци на газдите на клубовите, но тоа го прават во оклопи, вооружени до заби. Нема дилема дека ваквата демонстрација на моќ и сила има за цел да ги заплаши не само газдите, туку и обичните граѓани кои легално и нормално отишле за викенд да се забавуваат.
Не можам да ја сфатам насилничката логика дека луѓето треба да се заплашат за да го почитуваат поредокот; всушност, ваквата логика ми е варварска. Доколку полицијата навистина имала за цел да изврши контрола, тоа можела да го направи на мирен начин, кој би бил многу поефективен. Еве, лаички, би рекла дека не мора да влегуваат со полицајци во оклопи со шмајзери, туку во цивилки, при што мирно, без паника и човечки би ја извршиле потребната контрола. Велат дека нашле човек со оружје. Јас велам дека човек со оружје можеш да најдеш и во супермаркет. А, и доколку постои дојава дека имало некој со оружје, зар застрашувачкото полициско вооружено присуство не го прави просторот уште понебезбеден за граѓаните кои отишле да се забавуваат? Затоа ваквата контрола на полицијата ја сметам за силеџиска и брутално авторитарна?
Ме вознемирува уште една тенденција, која, повторно ќе кажам, лаички е забележана меѓу народот, а тоа е засилената контрола на организираните форми на забава во градот кога се на власт социјалдемократите. По 11 години десничарска власт, која би требало да биде традиционална и конзервативна, се чини дека се враќаме на уште построга контрола врз ноќниот живот на еден град кој едно време знаеше да понуди квалитетна забава во кафеаните, кафулињата и клубовите, како за локалците, така и за странците. Наивно очекував од оваа власт малку да ги остави луѓето да дишат, оти кога луѓето имаат каде и како да се забавуваат се помирни, помалку напнати, позадоволни. На пример, очекував дека ќе се случи некакво заживување во чаршијата, во која речиси никој не живее, наместо и таму да патролираат полицајци и да гледаат дали некој пие џин-тоник во празно сокаче по полноќ. Најмалку очекував оружени рации во клубови во сабота вечер.
Последното нешто што ме вознемири беа јавните реакции на оваа рација. Првично очекував дека луѓето ќе бидат гневни што полицијата толку отворено, беспотребно и силеџиски демонстрирала моќ, намерно влеала страв и им покажала на граѓаните дека не е тука да им служи ним, туку дека ние сме тука да се плашиме од неа. И што тоа го направила кога сме најопуштени, т.е. кога се забавуваме (во меѓувреме, помислете си и пребројте колку пати и дали кога сте виделе полицаец сте се почувствувале безбедно, а колку пати сте се почувствувале заплашено и небезбедно). Многу непријатно се изненадив кога видов колку луѓе ликуваа на ваквата акција на полицијата, зафаќајќи морално надредена позиција, што покажа дека целта на рацијата не е да се контролира и спречи незаконско работење (небаре незаконската работа на клубовите е приоритет на полицијата во оваа длабоко функционална држава), туку да спроведе еден тип морална рација. Па така, предните борбени редови на оваа нововоспоставена морална полиција ја зазедоа луѓето кои тврдеа дека малолетниците се пијанчеле во клубовите и дека таму имало дрога. Вистина?
Ова го тврдат истите одговорни родители што на своите малолетни деца им даваат минимум 1.000 денари за да можат да излезат, да платат влез во клуб и да нарачаат доволно алкохолни пијалаци за да можат да се алкохолизираат и потоа да си дојдат дома со такси?
Ова го тврдат истите родители кои им овозможуваат на своите малолетни деца излез до 5 часот наутро? Дали за употребата на дрога и алкохол за рекреативни цели се дрзнуваат да зборуваат луѓе кои дома имаат резерви од, како што нагалено ги викаат, дијазепамче, лексилиумче и хелексче и чуваат ракија во стари шишиња „пелистерка“? Дали овие родители и овие луѓе моралниот распад на општеството го гледаат во дискотеките, а не во сопствените домови, од каде што всушност потекнува? Дали овие луѓе сметаат дека полицијата треба да се грижи за нивните деца, наместо за нив да се грижат самите тие?
За крај, ќе повторам веќе мое изнесено мислење дека дел од оваа морална полиција, што штетно ги поддржува авторитарноста и силеџиството на државната полиција гледајќи спас во насилството, е впрочем и алергична на туѓото и отворено задоволство. Тие нема така лесно да поддржат оружена рација, да речеме, на пазар. Ама и тоа како ќе бидат среќни ако полицаец со шмајзер некому му го скрати задоволството што самите тие не знаеле, не знаат или пак не сакаат да си го дозволат.