Мицковски нагло закочи и тргна во рикверц
Ерол Ризаов
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, нагло закочи и почна да вози во рикверц. Досега леташе со 150 километри на час по автопатот „Александар Македонски“, но во спротивна насока. Откако дозна дека е преименуван во „Пријателство“, за малку ќе имаше директен судир со голем шлепер. Се паркира на првиот паркинг и реши да чека да го извлечат и да го преместат на вистинскиот пат. Тоа се новите околности и новите сообраќајни знаци кои мора да се респектираат, појасни Мицкоски. Не може да се вози во спротивна насока по автопат и по еднонасочна улица. Се доведуваат во прашање, покрај својот живот, и животите на многу луѓе.
Христијан Мицкоски доживеал уште еден шок кога влечната служба го означила неговиот паркинг на автопатот Е–75. Како прашал вчудовиден, зар ова не е „Пријателство“, односно „Александар Македонски“. Не, му рекле возачите за помош на патиштата, ова е делница на патот од Лондон преку Ла Манш и преку цела Европа и преку Босфор и половина Азија до Техеран, така ќе продолжи и до Пекинг. Никогаш не го променил името, постојано и секаде се вика Е-75. Чекај, чекај, па ова е сосема нова ситуација, нови околности кои не сме ги знаеле, рекол Мицкоски, молејќи бргу да го шлепуваат.
Мицкоски ја нема храброста на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој, пак, на враќање од Скопје кон Валандово вози минибус со неколку патници, исто така, на погрешниот дел на автопатот во спротивна насока. Но, во случајот со претседателот на државата нема опасност од жртви бидејќи полицијата навреме го стопирала сообраќајот со аларм за општа опасност, забрана за движење на сите моторни возила и пешаци, па така и возачот и патниците во минибусот уште не ја осознаваат заблудата, бидејќи се сами на патот, па со полна брзина непречено возат накај дома без да има потреба да ги почитуваат сообраќајните знаци. Сите, живи и здрави, ќе стасаат бргу дома, но глобата за штетите од подолгиот застој на сообраќајот ќе мора да ја плати возачот на повеќегодишни рати со високи затезни камати.
Почитувани читатели, оваа илустрација со возење во погрешна насока и со нови сообраќајни знаци во нови околности е обид да се објасни колку што е можно поедноставно големиот идиотизам од реченицата која се вергла милион пати како најнова сапуница деновиве – дека немаат врска договорот со Грција и членството во НАТО и во ЕУ. Мицкоски и Иванов се фатија за оваа сламка како давеници за спасување од глупоста што ја направија, која ептен излезе на виделина со ашиќере попречување на иднината на државата, која ја одредуваат сојузите со НАТО и ЕУ. И сега двајцата како фанатици проповедаат дека нема никаква врска членството во ЕУ и во НАТО со договорот со Грција. Цели десет години им ги полнеа главите на луѓето и ВМРО-ДПМНЕ и д-р Никола Груевски и д-р Иванов дека само поради Грција и нејзината привилегирана позиција од страна на Европа и на Америка не сме членки на НАТО и не можеме да почнеме преговори со ЕУ, а сега одеднаш велат дека тоа едно со друго нема ништо заедничко. Договорот со Грција е капитулација и домашно предавство, а влезот во ЕУ и во НАТО си е сосема друга и многу значајна стратегиска цел која треба да ја оствари нивната влада по падот на предавниците, а не на референдум.
Па така, претседателот не само што нема до го потпише договорот, без оглед што е двапати ратификуван во Собранието и што прави тежок престап со непочитување на Уставот и закономерноста на парламентарната демократија, туку нема да го потпише дури и ако граѓаните на референдум ги прифатат евроатлантската ориентација и потпишаниот договор со Грција.
Всушност, дали претседателот ќе потпише по изјаснувањето на граѓаните на референдум за НАТО и за ЕУ, или нема да потпише, тоа зависи од тоа дали ќе му се допадне референдумското прашање, уште повеќе дали ќе му се допадне одговорот на граѓаните и дали тие денови ќе биде добро расположен. Ами како. Ако некрунисаниот крал од Водно оцени дека граѓаните како луѓе со посебни потреби се донесени во заблуда од предавниците и непријателите на татковината, тој нема да потпише капитулација. Тоа се новите околности на Иванов и на Мицкоски во подготовките да го прогласат уште неодржан референдумот за фалсификат.
Меѓутоа, големата изгледност над 700.000 граѓани да кажат „да“ за ЕУ, за НАТО и за договорот со Грција е опасност која предизвикува уште понови околности кај Мицкоски и во ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали референдумот ќе биде успешен или не. Веднаш по референдумот може да уследат оставки на премиерот и на владата, распуштање на парламентот и нови предвремени парламентарни избори уште оваа година со предизборна коалиција на сите политички партии кои се за европска Македонија и кои го поддржуваат договорот со Грција и ги прифаќаат компромисите кои со ништо не ги повредуваат националните и други идентитетски обележја на македонскиот народ и на другите народи што живеат во Македонија. Читањето на договорот со Грција во нови околности без висока температура и со студени глави открива дека е прифатлив како предуслов за членство во ЕУ и во НАТО, дури и повеќе од тоа што се надеваа политичарите кои биле сведоци и учесници во долгогодишните разговори и преговори со Грција.
Можноста за нови предвремени избори веднаш по референдумот се новите сообраќајни знаци покрај автопатот кои го натераа раководството на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски, веднаш како пожарникари да тркнат до своите медиуми и да приопштат дека ќе ги бојкотираат и евентуалните предвремени избори по референдумот ако не ги организира ВМРО-ДПМНЕ, односно ВМРО во МВРО. Бараат министерот за внатрешни работи да биде од ВМРО-ДПМНЕ за време на евентуалните предвремени избори. Најпогодна за тоа е Гордана Јанкулоска, која со своето големо искуство ги знае сите јатаци кои останале во МВР и кои работеле посветено за ВМРО-ДПМНЕ на сите избори.
Некој галиба му шепнал на Мицкоски дека со 700 до 800 илјади гласови за европска Македонија во истиот миг се селат не во подлабока опозиција, туку на други адреси, а некои дома. Сега Мицкоски ќе почека да види што ќе биде од сето тоа, па потоа ќе размисли дали е можно да се бојкотира и референдум и предвремени парламентарни избори, а притоа да се докаже дека влезот во НАТО и во ЕУ нема врска со капитулантскиот договор, оти тој ќе склучел уште подобар.
Равенката што ја решава Мицкоски како нова околност гласи: колку места во парламентот ќе освојат противниците од предавничките европски партии, ако 700 до 800 илјади луѓе гласаат за нив на предвремени парламентарни избори што може да се одржат уште годинава ако продолжи да проповеда бојкот на референдумот. Дали тогаш ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Иванов ќе имаат потреба нешто да се прашуваат или да потпишуваат. Или можеби најдобро е веднаш да се приклучат во заедничкиот проглас на сите проевропски политички партии до граѓаните на Македонија да излезат на референдум и да гласаат по своја волја дали се за европска иднина на државата прифаќајќи го договорот со Грција, или се против. Само така ВМРО-ДПМНЕ останува на политичката сцена со шанси да расчисти со товарот во партијата.