Македонски антихистерезис


Анита Димовска

Текстов го пишувам со надеж дека ќе е достоен одговор на прашањето што мачи еден од нашите поранешни министри за финансии, а веројатно истиот ќе може да послужи и како лекција за актуелната, но и за секоја наредна Влада.

Прашањето е можеби реторичко, но за мене секое прашање заслужува одговор, па и ова кое си го поставува поранешниот министер: „Како кога многу национални економии и светската економија во 2008/2009 година, откако беа погодени од рецесија реагираа речиси по учебничките правила – БДП и инвестициите се намалија, надворешната трговија доживеа драстичен пад, а невработеноста се зголеми, во Македонија при исти услови невработеноста се намалува, а потоа намалувањето продолжува и во услови на слаб економски раст, па повторно се намалува во услови на нова рецесија итн. сè до денес.“
Пред да се обидеме да го демистифицираме „чудниот начин стапката на невработеност постојано да се намалува, без разлика на сè што се случува“, да се потсетиме дека во третиот квартал во 2006 година стапката на невработеност изнесуваше 35,9 отсто, и истата беше повисока од стапката на вработеност која изнесуваше 35,6 отсто, што значи дека тогаш повеќе луѓе во Македонија биле невработени отколку што биле вработени.

Просечната месечна бруто-плата тогаш во 2006 година изнесуваше 23.036 денари, а просечната нето плата 13.217 денари, што значи дека даночното оптоварување беше 42,6 отсто. Персоналниот данок на доход од 15 отсто, 18 отсто и 24 отсто, а особено придонесите за социјално осигурување претставуваа значајна компонента на трошоците на труд што, пак, придонесуваше за ниската стапка на вработеност и обесхрабрување на формалната вработеност. Значи, имаше работа „на црно“, а за оние „легално пријавените“ вработени работодавачите имаа високи трошоци. Инвестиции со цел отворање нови работни места речиси и да немаше…

Ова беше состојба на пазарот на труд кога замина владата на министерот кој го поставува прашањето: ниска активност, ниска стапка на вработеност, висока стапка на невработеност и квантитативна и квалитативна нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на работна сила.

За да се случи „на чуден начин стапката на невработеност постојано да се намалува“, неопходни беа континуирани реформи на микрониво, соодветно комбинирана и координирана макроекономска политика, како и соодветни политики за вработување. Затоа, прво се пристапи кон подобрување на деловната клима, со цел олеснување на административните процедури за основање и раст на фирмите и намалување на трошоците за работна сила кои понатаму поттикнаа создавање на нови работни места и намалување на стапката на невработеност. Приближно истото изгледаше вака:
На крајот на 2006 година се намалија и израмнија стапките на персоналниот данок на доход и данокот на добивка на 12 отсто, па на 10 отсто, а на крајот на 2008 година стапките на придонеси од задолжително социјално осигурување се намалија од 32 отсто на 27,9 отсто во 2009 година (по што следуваше и дополнително намалување во наредни години, достигнувајќи ниво од 27 отсто). Во 2009 година се напушти системот на „оданочување на остварената годишна добивка“, а се воведе систем на „оданочување само на распределената добивка“, со што повеќе средства остануваа за инвестиции и развој на претпријатијата. Оваа мерка беше воведена во услови на светска економска криза, а од 2015 година се укина. Малите и микробизниси чиј годишен вкупен приход изнесува до 3 милиони денари се ослободија од обврската за плаќање на данок на добивка, а се воведе можност за избор на моделот на оданочување (данок на добивка од 10 отсто или годишен данок на вкупен приход во висина од 1 отсто) за правни субјекти чиј вкупен приход изнесува од 3 до 6 милиони денари. Целиот период активно се работеше на привлекување на странски инвестиции.

Овие, но и многу други мерки кои се спроведуваа во континуитет, пред, за време, но и по рецесијата на светската економија во 2008/2009 овозможија да се намали трошокот на бизнисот, да растат инвестициите, да расте вработеноста и да се намалува невработеноста. Она што е значајно е тоа дека за разлика од останатите земји кои ги зголемија даноците или воведоа нови кризни давачки во текот на должничката криза во Европа, во Македонија даноците останаа непроменети, а придонесите се намалуваа.

Дополнително, се спроведуваа мерки и за формализирање на неформалната вработеност, а паралелно се спроведуваа и мерки за јакнење на капацитетот на институциите и системот во целина, а кои имаа позитивни ефекти врз пазарот на труд. На пример, се пристапи кон спроведување мерка согласно која лицата што се пријавуваа во АВРМ како невработени единствено за да користат бесплатно здравствено осигурување (што создаваше нереална слика за бројот на лицата што навистина активно бараат работа) се префрлија во надлежност на Фондот за здравствено осигурување. Понатаму, се спроведоа многу активни мерки за вработување, кои предвидуваа различни видови на поддршка за самовработување и вработување на различни категории невработени лица.

Ако од претходното не е веќе јасно како е можно во континуитет да опаѓа стапката на невработеност, независно како е дефинирано во учебниците по економија и дали попрво би требало во услови на рецесија, па при излез од истата да се очекува хистерезис (натамошно задржување на невработеноста) – еве можно е!!! И без да се сомневаме дали е нов „феномен“ во економијата кој ќе го наречеме антихистерезис, нека биде токму тоа – македонски антихистерезис, резултат на јасна визија и посветена работа некогаш со ветер во грб, некогаш наспроти ветрот, но стапката на невработеност се движеше надолу и уште се движи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2017 година стапката на невработеност се намалува на 21,9 отсто (од 23,1 отсто во 2016), покрај тоа што во 2017 година имаше раст на БДП од нула отсто. Феноменот антихистерезис…
Денес порелевантно од тоа „како е можно?“ е прашањето: „уште колку ќе трае?“

За да трае, македонските економисти и креаторите на економските политики треба да разберат дека за успешни економски резултати најнапред е неопходно да се има објективна слика за состојбите во економијата; да се има јасна визија за тоа што треба да се постигне и бргу да се дејствува, во вистинскиот момент со вистинска мерка и да се има подготвен и мотивиран тим кој ќе знае како истото да го постигне.
Наместо да поставуваат прашања подобро е економистите да нудат одговори, а тие што треба да работат да си бркаат работа,бидејќи нашата економија нема да биде во состојба уште долго да „се вози“ на претходно сработеното.

П.С. Согласно последните достапни податоци на ДЗС за платата во декември 2017 година, нето-платата изнесува 23.850 денари, а бруто-платата 35.017 денари, што значи дека даночно оптоварување е 31,89 отсто (во споредба со 42,6 отсто тогаш во 2006), а бројот на вработени лица на крајот на 2017 година изнесува 745.206, во споредба со 576.813 (тогаш во трет квартал 2006). Создадени се нови 168.393 работни места. Математички прецизно…