Македонската литература тешко се пробива на големиот книжевен пазар

Нема заинтересираност од странските издавачи за превод на македонски книги или процедурите за нивниот избор се во застој? Конкурсот на Министерството за култура за финансирање странски издавачи е отворен во текот на целата година за поднесување апликации, но се чини динамиката на проектот не е иста. Или, пак, впечатокот е таков затоа што резултатите не се соопштуваат јавно како до пред една година, пишува МИА.

Субвенционирањето странски издавачи кои ќе преведат и објават книга од македонски јазик почна да се применува од 2014 година како стимулативна мерка од Националната стратегија за култура 2013-2017. Позитивен став за таа новина во издавачката дејност имаше и новото раководство во Министерството по смената на власта, наспроти критиките за повеќето други проекти во културата што ги оцени како неуспешни или непотребни.

Од Министерството за култура за МИА одговорија дека конкурсот е активен и комисијата работи. Од почетокот на 2014 се поддржани 149 преводи, а од смената лани, велат, поддржани се 34 дела. Укажуваат дека законски не се обврзани да ја продолжат практиката резултатите да ги објавуваат на прес-конференции.

– Легислативата не пропишува јавно објавување на резултатите од овој конкурс, туку им се праќа одговор по електронски пат на апликантите, на кои договорите им ги доставуваме писмено и електронски. Конкурсот е активен, комисијата работи, има одобрено нови изданија, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура по сумирање на резултатите од досегашните работни сесии на комисијата, информираат од Министерството за култура, од каде што додаваат и дека апликации најчесто пристигнуваат во пролет и есен кога се одржуваат саемите на книга.

Нове Цветаноски, иницијатор на проектот и претседател на првата комисија за разгледување на пријавите, изјави дека конкурсот, со кој се помага покривањето на трошоците за превод, досега е најдобриот и најефективниот проект за меѓународна афирмација на македонската литература и, како што рече, вратата кон Европа и кон светот за македонските писатели.

– За половина век не беа преведени толку дела колку за три години. Многу млади автори но и постари афирмирани писатели, благодарение на тој конкурс, првпат ја почувствуваа меѓународната афирмација. Секоја комплетна и уредна пријава за секое квалитетно дело беше прифатена. Сега не знам дали сè уште функционира тој конкурс. Неофицијално слушнав дека нема доволно пријави од странски издавачи, а тоа е затоа што нема кој да им најде издавач на македонските автори, изјави Цветаноски.

Сегашнот претседател на комисијата што ги разгледува пријавите, Ненад Стевовиќ, вели дека се состануваат по потреба и кога ќе се насоберат поголем број пријави, решаваат по нив. За изминатата година поддржани се триесетина проекти што, рече, е во рамките на изминатите години. Речиси сто отсто се поддржани од тие што се пријавуваат.

– Интересот е, главно, од балканските земји и од поблиските јазици и претпоставка е дека најмногу се должи на личните контакти на писателите. Во оваа ситуација тоа е добредојдено, но тоа не може да биде единствен начин. Се забележува дека од година во година се работи за исти издавачи а, за жал, нема голем интерес од поголеми земји – за преводи на француски, германски, на англиски јазик. Потребно е да се формира Агенција за книга за што, како што е најавено, има намера Министерството за култура, за македонската литература да биде повидлива и попрофесионално претставена, која ќе има своја веб-страница со сите актуелности, со адресар на македонска литература итн., секако и на англиски јазик. Пример може да биде Словенечката агенција за книги ЈАК , изјави Стевовиќ.

Преводите најчесто резултат на лични познанства

Според писателите, субвенционирањето странски издавачи кои ќе преведат и објават македонски книги е значаен проект зашто овозможил нивниот глас да се слушне преку границите. Академик Влада Урошевиќ вели дека конкурсот е едно од ретките среќни решенија донесени во врска со пласманот на нашите книги во странство. Смета дека постојат сè уште нерешени проблеми, а прашање е, рече, и дали е можно докрај сите тие да се решат. Една од слабостите е дали се преведуваат квалитетни дела и тие што најмногу заслужуваат да бидат преведени. Затоа што со конкурсот се помагаат со финансии сите книги што конкурираат доколку ги задоволат формалните услови – солидно обработена документација и докази дека постои сериозен издавач кој ќе ја објави книгата.

– Сега се поставува прашање за вреднувањето на тие книги – дали се тоа навистина книги кои треба да ја репрезентираат македонската литература во странство. Не сакам да навредувам никого, но постојат многу значајни книги кои никој не ги предлага, или авторот е веќе починат, или немаат врски со издавачи… Тоа е еден извонредно тежок проблем затоа што доколку, од друга страна, се мешаме и во вреднувањето на тие книги, тогаш ќе добиеме резултат државата преку своите институции да се замеша во пласирање на домашната книга во странство. А тоа не би смеело да биде. Државата не би смеела да вреднува и да си зема на себе улога на арбитер за естетски вредности. Тој принцип на немешање на државата во вреднувањето на книгите треба да се зачува, истакнува Урошевиќ, кој овој дециден став го имал и пред неколку децении кога бил во комисија за културни врски со странство и за пласман на наши книги.

Академик Урошевиќ ја нагласува и важноста од негувањето на врските со странски издавачи и со преведувачи кои, според него, треба да се мотивираат да го запознаваат македонскиот јазик и потоа да ја шират македонската литература на своите јазици. Во денешни услови кога многу од минатите културни врски со светот се ослабени или згаснати, вели тој, тешко се доаѓа до издавач во странство, особено на Запад, а преводите најчесто се на јазици од околните земји и се резултат на лични познанства.

– Да се пробие човек на некој сериозен и голем книжевен пазар е многу потешко. Тука играат улога и личните пријателства итн. Кај нас доста пејоративно се употребува тоа „лични врски“, а тие се значајна работа во уметноста. Порано имавме извонредни книжевнки врски, преку Струшките вечери, со врвовите на француската литература и литературите на неколку други европски земји. За жал, не умеевме да ги чуваме и негуваме тие врски кои не се создаваат така лесно. Сега ми се чини дека немаме толку силни врски со странство и очигледно е дека, за жал, како да помина големиот интерес за македонската литература што постоеше кон крајот на 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите години. Тоа помина и сега сме една литаратура која е доста слабо позната во светот, која тешко се пробива, рече Урошевиќ.

Грижа за преведувачите заинтересирани за македонскиот јазик

Преку овој конкурс нему му беа преведени дела на руски, германски, француски и дански. Задоволен е од преводот од она што го прочитал на јазиците што ги знае. Смета дека државата треба повеќе да им посвети внимание на луѓето што ги преведуваат македонските книги, особено на младите што се заинтересирани за изучување на македонскиот јазик. Тоа, вели, може да се прави не само со повикување на семинарот во Охрид, туку и да им се дава стипендија за да можат да престојуваат подолго време во Македонија, да им се овозможи да работат тука итн.

– Во еден миг имаше такви потфати и даваа резултати на тој план, но мислам дека сега се доста запоставени тие односи. Имавме лекторати во странство и тоа речиси пропадна. Има неколку странци кои живеат тука и кои одвреме-навреме преведуваат и се одлични во својата работа, а мислам дека не им укажуваме доволно внимание. За сето тоа треба грижа од институциите и ние треба да сфатиме дека тие луѓе се мост кој нè врзува со светот, истакна Урошевиќ.

Од 2014-та кога почна објавувањето на Конкурсот за финансирање странски издавачи, буџетот варира од година во година во однос на обемот на пристигнатите пријави. Според Министерството за култура, тој вообичаено се движи меѓу три и четири милиони денари, а сумите со кои се поддржува преводот се базираат на мерила и критериуми. Минималниот износ на поддршка е 500 евра, а максималниот 5.000 евра. Комисијата ги определува според јазикот на превод, големината на делото, популарноста на авторот итн.

Најбројни се преводите на српски, бугарски, украински, хрватски, англиски јазик. Но има и преводи на кинески („Нишан“ – Блаже Миневски), ерменски („Неверство“ – Дејан Трајкоски), амхарски („Сестрата на Зигмунд Фројд“ – Гоце Смилевски, „Македонски народни приказни“ – Марко Цепенков), арапски („Нишан“ – Блаже Миневски, „Дваесет и првиот“ – Томислав Османли, „Храпешко“ – Ермис Лафазаносвки)… По автори, најмногу преводи имаат Лидија Димковска и Киро Донев (седум), Томислав Османли и Блаже Миневски (шест).

Министерството за култура планира утврдување нови критериуми и реформи во финансирањето, применување комбинирани и специјални повици, еднократни и со променливи датуми, за краткотрајни, но и подолгорочни проекти што имаат потреба од повеќегодишно финансирање, особено за пресретнување на проектите што добиле европска поддршка.

– Министерството за култура од оваа година го активира целосно Секторот за книга при Министерството и го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија прилагодено на тематските фокуси на саемите, што ќе ги зајакне меѓународните претставувања на македонската книжевност и издаваштво, додаваат од Министерството за култура.