Липа


Лејла Сабит

Мирисот на нашето детство, младост и старост.

Некого опива, а некому му предизвикува алергија.

Се шири низ улиците, парковите и барокните плоштади, убаво уредените или запуштени дворови во скопските маала.

Ја потиснува смрдеата на расфрлено ѓубре, на тешките парфеми на скопските дами, на загорена скара и на потта во автобусите, такси-возилата, во продавниците и на работното место.

Скопје не е Виена каде што улиците мирисаат на парфем, ниту Солун каде што мирисаат на печени слатки.

Скопје ги има липите.

За чај, за славење на поезијата и за убаво чувство.

Со ладен чај од липа заборавате на жешката клима околу вас и во политиката и со мислите патувате на годишен одмор.

Се капите во ладното море, гледате во една точка на хоризонтот и читате добра поезија навалени во лежалка или испружени на песок.

Со липите ви надоаѓаат само добри мисли, низ глава ви се вртат само сликите на драгите луѓе и сфаќате дека во животот има и нешто убаво, надежно, а не само сеир и малограѓанштина.

Нешто како ѓердан од бисер наследен од мајка ви меѓу десетте парчиња бижутерија со која одамна ја полните кутијата со накит.

Скопје не е веќе градот на нашата младост, а и сега некои нови мангупи пијат пиво место чај во сенка.

Здравјето се мери со пари, ама со парите не секогаш може да го сочувате здравјето.

Старите скопјани тврдат дека липите треба одвреме-навреме да се сечат зашто нивните корења можат да ви го срушат домот.

А и не се прави чај од липа собран од дворовите, зашто воздухот одамна е загаден во Скопје.

Цветаат липите, ама ништо не е како лани, дури ни љубовта меѓу нас и Скопје!