Купуваме двојно повеќе храна отколку што продаваме


Mакедонија има поволна клима за производство на храна, но сепак од година во година драстично се зголемува увозот на храна. Од друга страна, иако извозот на прехранбени производи континуирано растеше последниве десетина години, главно како резултат на финансиската поддршка во земјоделството, сепак, статистиката покажува надолен тренд минатата година. Податоците покажуваат дека лани сме увезувале двојно повеќе храна отколку што сме извезуваме. Според податоците за трговска размена на Народната банка, во 2017 година Македонија извезла прехранбени производи во вкупна вредност од 306,7 милиони евра, што е за 7,8 милиони евра помалку споредено со вкупниот извоз од 314,5 милиони евра од претходната 2016 година.

Овошјето и зеленчукот, кои се главните извозни производи од Македонија и вредносно гледано имаат најголемо учество на странските пазари, минатата година бележат драстичен пад. Во исто време, има тренд на пораст на увозот на овошје и зеленчук од странските пазари, најмногу јужни овошја.
Македонските земјоделци лани извезле овошје и зеленчук во вкупна вредност од 150,4 милиони евра, што е за 20 милиони евра помалку споредено со извозот од 171,4 милиони евра во 2016 година.

За 1,5 милион евра е зголемен извозот на живи животни, кој до крајот на минатата година достигнал вредност од 2,3 милиони евра, споредено со 800.000 евра претходната година. Во 2017 година кланиците и месната индустрија извезле месо и преработки од месо во вредност од 23 милиони евра, што е за еден милион евра повеќе споредено со претходната година. За околу четири милиони евра е зголемен извозот на млечни производи и јајца, и во 2017 година изнесува 14,5 милиони евра. Статистиката на Народната банка покажува дека за 1,4 милион евра е зголемен извозот на риби и преработки од риби, со што во 2017 година извозот изнесувал 2,3 милиони евра.

Минатата година извозот на жито и житни култури достигнал 72,2 милиони евра, што е за 5,8 милиони евра повеќе споредено со претходната година.
Извозот на шеќер, преработки од шеќер и мед лани бил поголем за 100.000 евра и достигнал 8,6 милиони евра. На приближно исто ниво од 14,8 милиони евра минатата година бил и извозот на кафе, чај, како и зачини, а сме извезле и добиточна храна во вредност од еден милион евра.

Рекорден увоз на месо и салами

Кога сме кај увозот на храна, статистичките податоци покажуваат дека изминатите десет години има континуиран раст. Минатата година сме потрошиле 605 милиони евра за увоз на прехранбени производи, што е за 50,7 милиони евра повеќе споредено со претходната година.
Македонија од прехранбени производи најмногу увезува месо и преработки од месо, така што минатата година увозот достигнал 132,3 милиони евра и е за 14 милиони евра повеќе споредено со увозот од 118,3 милиони евра претходната година.

Расте и увозот на овошје и зеленчук. Така, лани од странските пазари сме увезле зеленчук и овошје во вредност од 91,4 милиони евра, што е за 8,2 милиони евра повеќе споредено со 83,2 милиони евра претходната година.

Лани зголемен е и увозот на жито и преработки од жито за 9,1 милиони евра, на вкупен увоз од 87,4 милиони евра. За пет милиони евра е зголемен увозот на млечни производи и јајца, или лани од странските компании сме купиле од овие производи во вредност од 52,8 милиони евра. За два милиони евра е зголемен увозот на риби и преработка на риби, а исто така за два милиони евра е зголемен и увозот на шеќер, преработки од шеќер и мед, на вкупно увезени производи од 46,5 милиони евра.

За увоз на кафе, чај и какао сме дале 75,8 милиони евра минатата година, што е за речиси пет милиони евра повеќе споредено со претходната 2016 година, додека за увоз на добиточна храна сме платиле нешто повеќе од 24 милиони евра.
За десет години се исплатени над една милијарда евра субвенции во земјоделството.
Александра Спасевска