Крај за метежите на Страдун: Дубровник го ограничи бројот на туристите
Во летниот период од годината во еден од најубавите градови на Јадранот, Дубровник, се создаваа огромни метежи од туристи на главното шеталиште Страдун поради големиот број крузери кои истовремено се вкотвуваа во пристаништето. Поради тоа, градоначалникот реши да преземе мерки за да го ограничи бројот на крузерите, па од следната година наместо 10.000 туристи, таму истовремено ќе можат да се најдат најмногу до 5.000.
Имено, Дубровник ја доби „битката“ со крузерите, а од следната година во најпосакуваната дестинација за крузерите, не само во Хрватска, туку и во целиот Медитеран, дневно ќе впловуваат само два крузера.
„Договорите со компаниите за крстарење се потпишани за следната година, така што ќе имаме максимум два крузера дневно во текот на целата недела од понеделник до недела. Понекогаш ќе има само еден, понекогаш двата ќе пристигнат во исто време или еден наутро, а другиот попладне. Тоа е она што сакавме да го постигнеме, а сега и го остваривме“, вели градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, кој додава дека има уште многу работи да се решат со сообраќајниот метеж во градот.