Кој зборува за албанската опозиција
Роберт Несими
Првата лидерска средба очекувано пропадна, од самиот факт што таму се собраа премногу партии и уште повеќе лидери. Наредните денови средбите продолжија со стариот формат: две македонски и две албански партии, од власта и од опозицијата. Како претставник на албанската опозиција, Зоран Заев одлучи да го повика Билал Касами, иако во Владата како претседател на Беса го признава Африм Гаши.
За лидерските средби ова е помалку важно. Тој можеше да го повика и Зијадин Села или Гаши или, пак, Мендух Тачи, но на крајот не е Заев тој што одлучува кој ги претставува Албанците од опозиција. Кога на ред ќе дојдат поважни работи, како референдумот, вистинската тежина ќе ја има она партија која има реална поддршка во електоратот и утре од неа може да зависи и неговиот краен исход. Заев наивно сега може да посака да си поигра со некои албански партии не сфаќајќи дека така го загрозува и самиот референдум. За нас поважно е да знаеме како ова прашање да помине, а за тоа битно е да знаеме кој навистина зборува за албанската опозиција.
Ако прашањето се поставуваше во декември 2016, тогаш немаше да има никаква дилема. Неспорно е дека тогаш Беса излезе втора албанска партија, со околу 20 илјади гласови повеќе од третата, Алијансата за Албанците. Улогата на главен опозиционер ѝ припаѓаше нејзе. Дилеми би немало и да зборувавме за истото време лани. Тогаш Алијансата веќе беше на власт, а Беса во опозиција, па беше јасно кој е гласот на албанската опозиција.
Но сега не е декември 2016, ниту јули 2017, туку јули 2018 година. Во меѓувреме, се случуваа неколку работи кои драстично ја сменија сликата во албанскиот блок на партии и сметам дека веќе нема дилеми дека вистинскиот опозициски глас на Албанците е Алијансата за Албанците. Работите што се случија се локалните избори 2017, излегувањето на Алијансата од Владата, расколот во Беса и влезот на едното крило во Владата.
Прво локалните избори целосно го изместија редоследот на партии. ДУИ стагнираше со гласовите, ДПА се преполови уште еднаш, а Беса изгуби околу 10 илјади гласови. Единствена партија која порасна е Алијансата, која успеа да освои над 50 илјади гласови и да ја помине Беса како втора албанска партија. Освен тоа, Алијансата победи и денес раководи со три општини, а Беса остана со една единствена општина. Ова беше прв индикатор дека волјата на албанскиот електорат е сменета и дека по дадената шансата на Беса, тој електорат одлучи сега да ѝ даде шанса на Алијансата за лидерство во опозиција против ДУИ.
Второ, Алијансата излезе од Владата веднаш по локалните избори, и тоа поради несогласувањата со СДСМ и ДУИ. Со преминот во опозиција Алијансата ја прифати улогата што ѝ ја даде електоратот, односно гласови да го добие ДУИ во три општини, а таа улога не можеше да ја изврши сè додека беше на власт. Нормално, во тоа време се очекуваше Алијансата да ја одигра улогата заедно со Беса, со која имаше коалиција на локалните избори.
Трето, по губењето на приматот во опозиција, Беса и се погоди и самата себеси. Кога требаше да остане единствена како силен опозициски глас, заедно со Алијансата, таа се подели на два дела. Сè уште не е јасно каде е отиден електоратот на Беса, но факт е дека таа освои 48 илјади гласови на последните избори кога беше единствена. Значи, како поделени ниедното крило нема шанси да е втора албанска партија, бидејќи не беа такви ниту кога беа заедно. Со расколот во почетокот на годината, Беса конечно ја изгуби можноста да биде силна опозиција и глас на опозициски настроените Албанци, заедно со Алијансата.
И конечно, Беса изгуби секаква претензија за опозициски глас во моментот кога влезе во преговори за влез во Владата на местото на Алијансата. Без разлика на изјавите на нејзините челници, со овој чекор она ѝ сврте грб на опозициската коалиција со Алијансата трудејќи се да стане нејзина резерва. И ова важи за двете крила на Беса, бидејќи на крајот на краиштата двете сакаа да бидат дел од власта, иако најголемиот товар паѓа на Беса на Гаши која на крај заврши во Владата. Ова беше погрешен чекор во погрешно време.
Тргнувајќи од овие процеси, јасно е дека вистинскиот опозициски глас на Албанците сега е Алијансата. Беса на Гаши или, пак, ДПА го изгубија ова право кога влегоа во Владата. Беса на Касами може да претендира на такво нешто тргнувајќи од последните парламентарни избори, но ова е крајно легалистичко толкување кое нема врска со денешната реалност. По локалните избори, расколот во Беса и кокетирањето со власта, ова крило на Беса може да претендира на такво нешто ако повторно коалицира со Алијансата и се координира со неа. Таква можност можеби сè уште е отворена во иднина и тоа до некаде би ги оправдувало сегашните потези на ова Беса. Но сè додека се различни субјекти, несомнено е дека лидер на опозицискиот албански дух во моментот реално е Алијансата.