Кокан Димушевски, музичар: Поборник сум за напуштање на комфорната зона

За себе вели дека е роден пијанист кој подоцна се претвора во клавијатурист. Повеќе од четири децении е активен музички творец и е во постојана потрага по нешто ново. Карактеристичен е по тоа што музиката не ја компонира на хартија, туку ја импровизира мелодијата и потоа ја документира. За работата на Кокан Димушевски би можеле да напишеме стотици дефиниции, но тој не ги сака дефинирањата, особено не во творештвото. Со својот проект „Приватна музика“ ќе настапи на 31 октомври, на отворањето на годинешното 10. издание на Фестивалот за современа електронска музика „Десонанз“ во Македонската филхармонија во 20:30 часот.

Автор на сите композиции од „Приватна музика“ е Димушевски, а ги изведува заедно со виолистот Љубиша Кировски. Ова ќе биде трето претставување на проектот, првото беше во рамките на „Денови на македонска музика“, а вториот концерт се случи во Малта.

Неодамна, имавме прилика за првпат во Македонија да доживееме 3Д мапинг шоу, а автор на музиката и аудиоефектите беше токму Димушевски. Шоуто започна на 6 октомври во рамките на „Бела ноќ“, а се презентираше до 9 октомври како дел од Меѓународниот фестивал за светлосна уметност „Скопје лајт арт дистрикт“.

Со оглед на својата продуктивност, Димушевски е малку застапен во медиумите, па затоа преку овие редови ќе се обидеме барем минимално таа грешка да ја поправиме.

Ќе настапите на 10. издание на Фестивалот за електронска музика „Десонанз“ со Ваши композиции под насловот „Приватна музика“. Може ли да ни кажете малку повеќе околу концептот на настапот?

– Секој од нас во животот поминува низ неколку етапи, кои во суштина се повторуваат, стрелката на вагата во животот секогаш стреми да биде на средина, но обидувајќи се да ја достигне идеалната положба инклинира некогаш нагоре, а некогаш надолу. Вечната потрага на секој творец е да ја осознае вистината за своето кратко постоење на овој свет, испитувајќи го непознатото. Така е конципирано и видеото кое е дел од „Приватна музика“, започнува со бескрајното, универзумот и завршува повторно тамy некаде во бескрајното и безвременото.

„Приватна музика“ ја изведувате заедно со виолинистот, но во овој случај, виолист Љубиша Кировски. По што ќе се издвои овој Ваш заеднички настап од претходните?

-Ова е прв проект на кој гостува Кировски, емотивен уметник со прекрасен и изграден стил и тон, човек со кого многу едноставно и лесно соработуваме. Го заинтригира мојата музичка приказна, се склопија енергиите, го снимивме и студискиот материјал. Соработка што и за двајцата беше нешто ново.

Самиот наслов „Приватна музика“ упатува на поголема интимност. Во право ли ќе бидам ако констатирам дека во овие композиции сте оставиле поголем дел од себеси?

-Секоја моја композиција е разголување на чувствата, отворање на дел од себе, соочувајќи се константно со распетието меѓу своите ангели и ѓаволи, или пак, би рекол повеќе како медитирање самиот со себеси. Кога зборуваме за творештвото, јас сум поборник на напуштање на комфорната зона во која се чувствувам сигурен и на свој терен, едноставно сакам да истражувам нови и нови простори.

Во Вашата неколкудецениска кариера имате многубројни композиции, театарска музика, електронска музика… Каква музика Ве предизвикува сега?

-Секоја дефиниција ме ужасува, особено во творештвото. Секоја сигурна формула за успех води кон репетирање и вртење во еден здодевен и маѓепсан круг. Се стремам мојата музика да не ја наруши тишината, музика што има повеќе нивоа, музика во која чувствувате геометриска перспектива.

За голем дел од јавноста сте запаметен и како синоним за „Леб и сол“. Како гледате на таа приказна од денешна перспектива?

-Последниот предизвик со „Леб и сол“ беше „Леб и сол симфони“ со трите концерти во МОБ, точно пред две години и мислам дека само во тој правец и би требало да се движиме понатаму. Размислувам за една џез-рок опера, можеби, која ќе биде со либрето на тема „Приказната за Леб и сол“, можеби за 45-годишниот јубилеј, ќе видиме, долго време размислувам на таа тема.

Во генерална смисла… но пропадна ли рокенролот?

-Не би можел да ти одговорам на ова прашање бидејќи никогаш не сум се сметал себеси за рокер. И никогаш не сум бил заинтересиран толку многу за рок музиката.

Според Вас, во кој правец треба да се движи современата музика и како таа треба да звучи?

-Нема правило, секој треба да истражува во своите интересни перспективи кои му претставуваат предизвик. Тие што го следат трендот во музиката веќе во старт се загубени во преводот, почитувам уникатен звук, идеја и решение.

Музичките автори сè уште се на маргините во земјава. Да можете да ја смените оваа состојба, што прво би промениле?

-Состојбата можат да ја променат самите автори. Зависи од нивната храброст за истражување, за откривање на нови решенија, тежок пат што треба да се изоди и што бара многу жртви и одрекувања од удобноста во животот. Во уметноста нема многу простор за компромис. Ако имаш што да кажеш, мора тоа да го кажеш со свој јазик, со свое видување. Досега барем таквите приказни се покажале поуспешни од приказната да ѝ се допаднеш на публиката, таа  ги препознава делата по интуиција и тие дела и уметници знае да ги почитува.

Ивана Настеска   Фото: Приватна архива