Како стигнавме до овде?
Александар Николоски
На почетокот на кампањата за референдумот околу промената на името на Македонија и обезличувањето на Македонците останува да лебди прашањето – како се најдовме овде? Како се најдовме во ситуација да имаме договор со кој губиме сè, а не добиваме речиси ништо? Како се најдовме во ситуација да имаме Влада која прифаќа да се смени името на државата, да се обезличи македонскиот национален идентитет и да се постави механизам на континуирана блокада на Македонија на патот кон ЕУ преку т.н. Комисија за ревизија на историјата, науката и културата.
Ова се ретки историски моменти во кои мора да се направи осврт на она што е и што не е направено и секако да се направи напор да се зачува тоа што може.
Има две работи што се неоспорни. Првата е дека низ годините наназад од сите македонски влади биле пропуштени многу подобри шанси за да се реши спорот. Не мислам дека тоа било правено намерно или од незнаење, напротив мислам дека патриоти и одговорни луѓе седеле во тие влади, без разлика на другите нивни слабости. Тие луѓе се надевале дека следниот предлог ќе е подобар и активно се бореле Македонија да го зачува своето име.
Втората работа, која е неоспорна, е дека со доаѓањето на власт на Зоран Заев и наметнувањето на Никола Димитров за министер за надворешни работи, почнува целосно рушење на македонските позиции од само за нив познати причини, кои се чисто лукративни и коруптивни. Од една страна, имате премиер кој не победил на избори, но добил на тацна можност да состави влада, паралелно си е познат и тој и неговото семејство не по чесна работа туку по обратното, си има на товар ем јасни докази за барање мито на принципот евро за брат му и евро за „црквата“, ем фамилија која сака да владее на криминален начин со најголем дел од бизнисот во Македонија. Во неговата проекција за себе, власта и финансискиот бенефит се пред националниот интерес.
Од друга страна, имате министер за надворешни работи кој не учествувал на ниедни избори! Кој никогаш за ништо не се кандидирал во животот! Кој не ја добил довербата од граѓаните да ги претставува и кој е класичен кариерист кој мисли само на својата кариера и бенефиции. Тие двајца нè доведоа до овде.
За да сме овде, се случија најмалку четири крупни настани и грешки – објавувањето на нелегално прислушуваните материјали, целосно сервилната позиција кон Грција, излегувањето од рамката на преговори во Обединетите нации и прифаќањето на промена на Уставот. Ќе го образложам секој еден настан посебно.
Објавувањето на нелегално прислушуваните материјали е факт што ја урна претходната влада, но исто така е факт дека го урна и угледот на Македонија. Јас можам да ја разберам борбата на секоја опозиција да дојде на власт, впрочем, за тоа постојат политичките партии и еве сега ние сме во истата позиција, но не можам да разберам да се користат недозволени средства. Зашто користењето на истите средства целосно ја урива државата. Како очекуваме Грција да нè почитува кога со години се слушаат приватни телефонски разговори на луѓе на врвни државни позиции. Тоа е рушење на државата за кое ќе треба да поминат најмалку десетина години за да се вратиме во нормала.
Целосната сервилност кон Грција ја видовме од првиот ден на Владата на Заев и Димитров. Таков понизен став не е виден ниту запаметен. Буквално, да се молат Грците да им се прифати сè од тоа што го бараат е национално понижување. Сетете се колку бедно изгледаше кога Заев го молеше Ципрас заедно да слават Нова година во Солун, за на крај Заев да слави само со солунскиот градоначалник. Колку е тоа бедно и понижувачки. Откако ќе се поставите така, очекувате по неколку недели кога ќе седнете на преговори да ве почитува другата страна. Сигурно нема. Сум споменал и претходно, да не преговараа Заев и Димитров и само да побараа Грците да напишат договор по свој терк, ќе добиеја подобар договор од овој. Веројатно од срам Грците ќе прескокнеа некоја одредба и немаше да побараат сè што добија.
Во целиот процес според мене, клучна грешка е излегувањето од рамката на преговори во Обединетите нации. Обединетите нации се механизам кој им помага на помалите држави, како што е Македонија, да се заштитат од поголемите, како што е Грција. Не случајно тој механизам беше поставен и не случајно генералниот секретар на ОН имаше свој специјален пратеник во ликот на Метју Нимиц. Сите поискусни во дипломатијата знаат дека овој систем колку-толку помага за рамноправност. Денот кога Владата реши да го напушти овој принцип и да почне директни преговори, прво меѓу министрите за надворешни работи, а потоа и на ниво на премиери, беше денот кога Македонија го изгуби своето име, а Македонците се обезличија. Сè потоа беше само техника. Во тие денови јас гласно во медиумите повикував да не се прави тоа, предвидувајќи дека Македонија ќе е најголем губитник од една таква авантура. За жал, моите стравови се остварија, балансот се изгуби и Грција победи.
Прифаќањето на промена на Уставот, барем официјално, дојде со лажниот предлог „Илинденска Македонија“. Тоа беше класична дипломатска игра на Грција, добро подготвена и обмислена, со добро профилирање на карактерите на Заев и Димитров. Грците знаеја дека очајно им треба успех и на двајцата. И пуштија предлог кој изгледаше како победа, со една мала забелешка, а тоа е да се промени Уставот. Мала, а толку голема, круцијална, ама кој да ја види! Заев и Димитров се залетаа, иако буквално и јас и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги молевме да не го прават тоа, затоа што бевме свесни како ќе заврши тоа. И така заврши – Грците рекоа не за „Илинденска Македонија“, но се заблагодарија што конечно во Македонија има толку наивно водство кое прифаќа промена на устав. Катастрофата почна. По неколку дена дојде предлогот Северна и тука заврши сè.
Сега сме пред историска одлука. Граѓаните треба да решат. Но да бидеме искрени, пред сè треба да решат Македонците, зашто ова прашање се однесува на нив и нивниот идентитет. Народот, Македонците, многу добро знаат што треба да направат на 30 септември, со цел овој договор да не стане реалност. Мудри се и одлучни, оставаме на нив да го донесат последниот суд кој сите ќе мора да го следат.
(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)