Како да се победат времето и просторот

Публиката во регионот не е навикната на текст и претстава која се занимава со победата над времето и просторот. Тоа се филозофски прашања, кои веројатно сите ние секојдневно си ги поставуваме, но тоа не се гледа често во театрите.

Претставата „Ајнштајновите соништа“, според истоимениот роман-бестселер на Ален Лајтман, во режија на Слободан Унковски се занимава токму со овие теми. Претставата беше поставена на матичната сцена на Југословенско драмско позориште (ЈДП) од Белград во октомври минатата година. Синоќа и денеска на сцената на Македонскиот народен театар и македонската публика има можност да ја погледне претставата.

Актерката Наташа Тапушковиќ вели дека ова е еден вид арт-проект и за да се изработи е потребно големо искуство, а режисерот Унковски тоа го има.

„Денешните ангажирани претстави се вонвременски и немаат врска со дневната политика. Театарот е презаситен од таква политика и токму тоа што нема таква конотација оваа претстава за мене беше највозбудливото нешто. Сите грешки во нашето општество се веќе јасни, без разлика дали некој е образован или не, сѐ е толку евидентно во грешките на системот. Ангажираноста сега е во тоа како љубовта победува и што сѐ е над универзалното. Унковски одлично го водеше правецот на подготовка на претставата, особено со тоа што никого не го задоволи со некој отскок да вметне некој политички коментар или слично. Токму поради тоа и ми е драго што сум дел од оваа претстава, мораме да најдеме хуманизам и ренесанса каде што најмалку ја има“, вели Тапушковиќ.

Патувајте низ времето и на различни начини, е пораката што ја пренесува оваа претстава, иако секој гледач наоѓа субјективен дополнителен одговор.
Актерот Драган Миќановиќ, кој ја толкува главната улога, вели дека преку „Ајнштајновите соништа“ се третира времето како кружно, како се да се враќа и се да имаме преживеано.

„Според Ајнштајн, сѐ е релативно, па вклучително и театарот. Театарот е миг во кој се спојуваат актерите со публиката. Претставата отскокнува од вообичаен репертоар, а ние сакаме во нашиот театар постојано да ги прошируваме видиците на публиката. Да работиме различни претстави од различни жанрови и со тоа секој од публиката ќе најде некое свое уживање во некоја од нашите претстави“, вели Миќановиќ и додава дека поделбата што ја направи режисерот за оваа претстава е фантастична бидејќи има актери од различни генерации и секоја генерација на различен начин се бори со победата над времето.

Македонската публика треба да ја погледне претставата без очекувања, туку само да се препушти на театарската магија. Претставата е во директна спротивност од амбиентот во кој ќе биде одиграна, во позлатената сала во МНТ. Но велат дека предизвикувачки е и за нив да видат како ќе се изведе.

„Погледнете го амбиентот во кој треба да ја играме претставата, па тој е во директна спротивност од нашата претстава. Како ќе се спои ова во едно, само Господ знае. Обожавам предизвици и секако се прашувам дали кога ќе застанам на сцената ќе можам да не го гледам ова злато бидејќи ќе морам да бидам во мојот сон, а мојот сон не е златен, туку е сребрен. Имам сцена која ја играм блиску до публиката, ме интересира какви им се лицата, како реагираат. Мислам дека сите ќе бидеме изненадени“, вели Тапушковиќ.

И за Миќановиќ и за Тапушковиќ ова не е прва соработка со македонскиот режисер Слободан Унковски. Двајцата актери се согласни дека секогаш е задоволство да се работи со смирен и мудар режисер каков што е Унковски. Тапушковиќ истакнува дека на нејзините 27 години првпат соработувала со нашиот режисер и тоа искуство ѝ помогнало подоцна во кариерата да може да препознае кој проект е добар, кој не и во што вреди да се впушти професионално.

„По соработката со Унковски, не сакав да работам со режисери диктатори, а такви ги има. Неколкупати напуштав такви проекти бидејќи научив каде е љубовта во театарот и после тоа не може веќе никој да ве лаже. Неговата смиреност и мудрост навистина ми помогна да го најдам својот правец во кој ќе ја движам кариерата“, вели таа.

Ивана Настеска
Фото:Борис Грданоски