И со затворени очи се наоѓа основа за гонење на Јакимовски

Kолкав е во моментов долгот на Општината? Како оваа состојба влијае на тековните активности и реализацијата на вашата ветена програма?

– По сите основи, во моментов должиме 18 милиони евра, а долгот допрва очекуваме да расте. Има неколку примери за завршени активности за кои кон изведувачите не е исплатен ниту денар и, кај и да е, ќе почнат да ни стасуваат фактури. Се трошело непотребно за работи што воопшто не се во описот и ингеренциите на градоначалникот и Општината, каков што е случајот, на пример, со финансирањето на КК Соколи. Годишно за него се издвојувале 750.000 евра во ситуација кога Општината е сопственик на само 20 отсто од клубот, а остатокот е во рацете на приватно лице. Тоа е нонсенс, а и Државниот завод за ревизија посочи дека тоа не е воопшто работа на Општината.

Го споменавте ДЗР, значи ли тоа дека ревизорите во меѓувреме комплетно ја прочешлаа Општината? Кој е исходот?

– Ревизијата е завршена, изготвен е нацрт-извештај, го чекаме финалниот. Интересно во нашиот случај е што ДЗР сам покрена иницијатива за ревизија, очигледно поради многубројни сомневања и шпекулации за проневери. Верувам дека дури Јавното обвинителство дури и да затвори очи, да го стави прстот на која било страна од ревизијата, ќе најде основа за одговорност на Јакимовски. Но не е мое да судам, за тоа си постојат институции.

Не одговоривте како финансиската ситуација ви влијае во делот за инвестиции, реализирање на ветените проекти?

– Факт е дека може да се функционира и со овој долг, меѓутоа неодржливо. Генерално, стартувавме со реализација на 90 отсто од ветеното во програмата. Во меѓувреме, гледаме да работиме подомаќински. Скратив на непродуктивни трошоци, како и на проекти кои во овој момент би значеле шминка.

Од друга страна, бев приморан да создадам нови трошоци, да вработам нови 12 лица за одржување на јавната хигиена кои ќе чистат преку цела година, независно што вообичаено се ангажираат и сезонски работници. На полето на хигиената имаме сериозен проблем.

Значи ли тоа дека состојбата со хигиената ви е еден од приоритетите за решавање, иако навидум тоа претставува обичен проблем?

– Секако. Општината беше и сѐ уште е делумно еден вид депонија. Речиси на секој чекор има кеси, хартии, на одредени локации во континуитет се фрла градежен шут. Пробавме да се реорганизираме, набавивме и ново камионче, но ургентни беа и вработувањата. Хигиената е една од нотираните најцрни точки и проблеми во Карпош. Полека се гледаат резултати, но далеку сум од задоволен. Уште треба да работиме.

Го споменавте урбанизмот… веројатно и вие како дел од вашите колеги ќе кажете дека не сте моќен, немате механизам да ставите крај на тој градежен хаос, наплив од станбени блокови на сметка на хуманото живеење.

– Речиси сте во право. Кратко и јасно, само Уставниот суд може да спаси икс локации таму да не се гради. Има три детални урбанистички плана за кои е поведена постапка пред Уставен по иницијатива на граѓани. Ние предложивме да се донесе мерка за времено запирање, што во пракса би значело да не се издаваат одобренија за градба дури не се одлучи по иницијативите, но предлогот беше одбиен. А, генерално, наследив речиси хаотична ситуација. Големи габарити на спорни локации и за жал, голем дел од тие се веќе направени. Тоа е на некој начин легализиран криминал и колку за информација, и тој е нотиран од ревизорите. Има значителен дел издадени одобренија за градба, а изградбата не е започната и тоа на локации и со габарити за кои сигурно ќе има реакции од граѓаните.

Еден од примерите е зелениот појас на просторот помеѓу зградата на „Горење“ и „Сити мол“. Таму има маркица за комерцијален објект, дел е за домување, а дел деловен простор. Дозвола за градба не е издадена, меѓутоа дури во два урбанистички плана маркицата постои, и јас ќе морам да ја издадам доколку во меѓувреме можеби не пресече Уставен суд или законите не се сменат.

Општината не е моќна да го запре тоа. Нема механизам. За жал, постоечките закони гарантираат „еднаш стекнато право, секогаш стекнато право“. Стекнато право во смисла, при носење на урбанистички план или негова измена, еднаш стекнато право, зацртана маркичка, не може да се намали, може само да се потврди или зголеми. Јас, односно Општината и да покрене иницијатива за менување одреден ДУП, да избришам одредена маркица, утре инвеститорот може да ме тужи и автоматски судот ќе ми наложи да ја вратам маркицата во првобитна состојба поради еднаш стекнато право. Згора на сѐ Општината ќе треба да плати отштета и плус судски трошоци. Сѐ на сѐ, спас ни е само Уставен да ги поништи плановите, а во меѓувреме законите да се сменат. Ме радува што веќе е формирана комисија во Министерство за транспорт и врски и се работи на менување на законите.

Дали и кој проект заеднички ќе го реализирате со Град Скопје? Можеби имате договорено и соработка за некој проект со помош од Владата?

Со Град Скопје ќе стартуваме заеднички проект до крајот на годинава, исто и со Агенцијата за млади и спорт. Со Градот во план е пробивање на улицата „Љубљанска“ и изградба на мост преку Вардар кон Бардовци, а заеднички ќе градиме и два кружни тека, еден кај „Хубо маркет“, а другиот каде што се двои патот кон Кале и кон Косово. Договорена ни е и соработка со Агенцијата за млади и спорт за изградба на три пливачки базени во дворовите на училиштата. Едниот сигурно ќе биде готов годинава. Во моментов се анкетираат родители во училиштето „Јан Амос Коменски“, дали се согласуваат во нивниот двор да се изгради базен. Индиректно, ќе бидеме вклучени и во владиниот проект за изградбата на Клиничкиот центар во Бардовци.

 

По должина на бул. „Илинден“ ќе никнат згради и до 14 ката

Во налетот на урбанизација, станбени и комерцијално-деловни згради предвидено е да никнат и по должина на булеварот „Илинден“. Конкретно, на потегот од базенот до улица „Љубљанска“. На целиот тој простор има маркици за градба на објекти за домување и за комерцијални намени. Речиси 80 отсто од нив се со приземје, пет ката и потпокрив, а на места има и маркици за згради до 14 ката. „Тоа го предвидува постоечкиот ДУП, а во согласност е и со ГУП. Исто и на потегот кај ‘Алумина‘ ќе се градат уште згради, практично ќе се заокружи целиот тој комплекс од станбени блокови, како што предвидува и ГУП“, вели Богоев.

 

Деспина Трајковска-Димова

Фото: Борис Грданоски