И МРТ (ли) стана дел од реформскиот пазар
Александра М. Митевска
Апсурдот што се одигра деновиве околу Македонската радиотелевизија ја отслика, всушност, целата апсурдност на политичкиот живот во државата, во ситуација кога Владата што се декларира како реформска е ставена во ситуација да преговара за поддршка на реформите со опозициската партија која, пак, го бојкотира парламентот. Станува збор за истиот парламент кој е основач на МРТ, а во кој мнозинството го имаат сега СДСМ и ДУИ. Но, во овој случај се виде дека партиите што го сочинуваат собраниското мнозинство, кое е додуша тенко и променливо, всушност, немаат мнозинство и во Програмскиот совет на јавниот сервис.
СДСМ, како најголема владејачка партија, седум месеци по смената на кормилото на „Илинденска“, всушност, нема ни свои претставници во Програмскиот совет на МРТ. Затоа, пак, нејзините коалициски партнери од ДУИ се застапени таму со свои претставници – „заборавени“ од времето на партнерството со ВМРО-ДПМНЕ. Токму тие овозможиле кворум за стариот (по стаж) директор на МРТ да ја преживее, барем засега, смената на власта. Од кои причини го направиле тоа може само да се нагаѓа?! Исто како што може само да се претпоставува дали и на СДСМ ѝ одговара ваквата „математика“, со оглед на тоа што главната владејачка партија ќе треба веројатно да испорача одредени отстапки во однос на најголемата опозициска партија со која сега тет-а-тет преговара за поддршка на реформскиот пакет.
А, МРТ не е можеби приоритет од реформскиот план, но не е исклучено да стане една од отстапките што ќе бидат направени. Зашто ако можеше СДСМ пред парламентарните избори во 2016 година да бара смена на уредничката функција на информативната програма, зошто сега и ВМРО-ДПМНЕ да не бара модалитети за да го задржи влијанието врз уредувачката политика на јавниот сервис? Барем додека Владата не го подготви новиот закон за аудиовизуелни услуги и не го достави до Собранието, кое, пак, кој знае кога ќе го усвои со оглед на „барикадите“ што ги наметнаа десетиците илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците, бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, па и блокадата на одредени комисии предводени од опозициски пратеници. Таква е на пример Комисијата за избори и именувања што СДСМ му ја препушти „великодушно“ на Илија Димовски, а каде што ќе можеа навреме (пред да го одобрат реизборот на Цветковски), да бидат сменети барем оние членови (најмалку четворица од вкупно 11) на Програмскиот совет на МРТ за кои Здружението на новинари тврди дека биле своевремено избрани незаконски, затоа што биле носители на јавни функции во последните пет години. Меѓу нив има и две поранешни пратенички на ВМРО-ДПМНЕ.
И не дека парламентарното мнозинство не може да го заобиколи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ за да се свика седница на матичната Комисија и да се предложи разрешување на одредени членови на Програмскиот совет.
Шефот на парламентот има деловничка можност да овозможи деблокада на работата на која било комисија, ама парламентарното мнозинство, во овој случај, едноставно, не го направи тоа. Дилемата е дали се случи тоа од банални или од практични причини – во име на старото партнерство на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, или во насока на консензусот што треба да се гради со опозицијата? Само што МРТ не би смеела да биде колатерална штета на тој консензус!
Зашто, време е конечно да се овозможи реална реформа на јавниот сектор, во насока на јакнење на неговата независност и професионалност, а не тоа да биде само декларативна заложба на секоја опозициска партија – сѐ додека не дојде на власт. Во овој случај, наивно е да се верува дека таква реформа може да се постигне со старата раководна структура во високата зграда на МРТ. Сепак, Цветковски останува засега (и кој знае до кога) на најзиниот „врв“, шест години по стапнувањето таму, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Всушност, името и презимето на директорот на МРТ, како и неговиот стаж на функцијата, немаше да бидат толкав проблем, доколку во изминатите шест години програмската политика на неговиот уредувачки тим не беше силно критикувана од поранешната опозиција, па и од голем дел од јавноста, како необјективна, пристрасна и партиски обоена. А, тоа е, нели, недозволиво за еден јавен сервис!