И градежниците се трујат од загаден воздух, зар не?

Растргани меѓу желбата за профит на работодавачите, лошите климатски услови и загадувањето, македонските работници добиваат професионални заболувања или умираат. Според официјални податоци, 40 проценти од работниците се изложени на неповолни микроклиматски услови. Најмногу работниците во градежништвото, земјоделството, црната металургија и технолошките профили.

„Градежништвото во Македонија генерира околу 7 проценти од вкупните вработувања и со тоа учествува со приближно ист процент во БДП на годишно ниво, што го поставува како еден од носителите на националната економија. Иако законот предвидува финансиски казни за операторите и инвеститорите што не обезбедуваат вистинска заштита за оние што се директно изложени на лошите климатски услови и загадувањето, во услови на отсуство на јасно дефинирани подзаконски акти преку кои ќе се воведат применливи стандарди, законот остава широк простор за манипулации и неисполнување на законски утврдените права на работниците. Според податоците на Светска банка, поради изложеноста на загаден воздух, во Македонија умираат 1.350 луѓе годишно, што ја чини економијата 253 милиони евра преку намалена продуктивност“, рече Кирил Ристовски, претседател на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, укажувајќи дека многубројни професионални заболувања не се дијагностицираат ниту се регистрираат и дека има потребата од усвојување јасни и недвосмислени стандарди кои ќе го намалат губењето на здравата работна сила. За што европската Агенција за безбедност и здравје при работа пресметала дека професионалните болести и повредите на работа, кои се последица на несоодветно организираниот систем за заштита при работа, ја чинат секоја земја меѓу 2,6 и 3,8 проценти од БДП.

Измени на регулативата за здравје и безбедност при работа се најавени за следната година. „Флорозон“, преку документ за јавна политика, посочи дека во регулатива треба да се преточат повеќе препораки, меѓу кои да се донесат правилници кои ќе бидат обврзувачки за работодавачите. Во зависност од фазата на загадување, да не смеат да им дозволуваат на работниците да работат во часови непогодни за нивното здравје. Потоа, општините задолжително да носат препораки за намалување на загадувањето и привремена или делумна забрана за сообраќај. Работодавачите да го реорганизираат работното време за избегнување на критичните часови кога загадувањето е најголемо. Беше побарано да се изготви Регистар на професионални болести, кој сè уште не постои, каде што ќе ги има сите професионални болести во Македонија. Сметаат дека се потребни правилници за утврдување на професионални болести, за работа на отворен простор во неповолни временски непогоди и за неповолни еколошки услови.

Дека има простор за унапредување на регулативата за заштита на работниците на отворено потврди и Дарко Дојчински од Министерството за труд и социјална политика, укажувајќи дека во тек се активности на анализа на влијанието на УВ-зрачењето врз работните места, влијанието на загадениот воздух врз работниците, како и следењето на алергиските реакции на работниците што работат на отворено.

Директорот на Државниот инспекторат за труд Аљајдин Хавзиу се пожали на премалиот број инспектори.

„Јас сум директор 4 години и првпат се случува во планот за вработување за 2019 година да има нови вработувања на инспектори. Имавме 33 инспектори, сега се помалку. Но, и да имаме 100 на терен, нема да се постигне целта, треба да се работи на свеста. Сега ќе се намалат и казните, ќе видиме како тоа ќе се одрази“, рече Хавзиу забележувајќи дека и инспекторите кога контролираат се изложени на исти ризици како работниците, а тоа никој не го гледа.

За професорот по трудово право Агим Шаќири ни во ЕУ нема стандарди за безбедносни мерки за работа на отворено ниту, пак, има гранични вредности за условите во кои смее да се работи.

„Не е добро ниту кога одредена област е пререгулирана. Тоа го покажува и проблемот на Хрватска, каде што толку е проширено уредувањето што не може да се спроведе“, посочи професор Шаќири дополнувајќи дека е неопходно за секое работно место на отворено да има соодветна проценка на ризик и да се почитуваат мерки кои тие услови ги бараат. Тој посочи дека контрола на загадувањето не е дел од обврските за контрола на трудовите инспектори.

Дали и најдобрите корекции на регулативата ќе се најдат во конечната верзија на актите што ќе ги усвојат пратениците, синдикалецот Драгче Димковски изрази скепса.

„Со секоја измена на работничкото законодавство им се одземаат права на работниците, а им се намалуваат казни на работодавачите. Треба да има конкретни наредби за стопирање на работа во одредени услови, има само препораки што работодавачите не мора да ги почитуваат. Нема веќе работници што одат во инвалидска пензија поради намалена работна способност туку само со канцер. Ова е резултат и на немоќта на синдикатот“, призна Димковски.

Професорот Лазар Јовевски смета дека и покрај сите предизвици со правилници треба да се уреди работењето на отворено. Тој посочи на алатката што работниците ја заброваат – дека може да одбијат да работат доколку има ризик по нивното здравје.

„Како судот ќе го толкува тоа е друго прашање“, рече Јовевски.

Од Управата за електронско здравство посочија дека системот „Мој термин“ ги следи сите нивоа, од матичен лекар до аптека, на секој пациент и може за работниците да забележи какви професионални болести имаат. Но, Ванчо Спасески од Стопанската комора на Македонија вели дека таквото обележување на работниците ќе направи никој да не ги вработи.

Анита Салтировска