Интерпол го „ослободи“ Харадинај, па на раат дојде во Скопје

Интерпол ја повлекол меѓународната потерница против косовскиот премиер Рамуш Харадинај поради што тој непречено влезе во нашата земја. Поранешниот лидер на ОВК и затвореник во Судот во Хаг сега единствено ќе има проблем доколку се обиде да мине преку српска територија бидејќи Белград и натаму го товари за убиства и тешки злосторства извршени во Косово во 1998 и 1999 година.

Токму српските медиуми вчера дигаа врева објавувајќи сензационалистички наслови дека македонските власти го тргнале Харадинај од листата на бегалци и со тоа му овозможиле да присуствува на Дигиталниот самит во Скопје, каде што, меѓудругото, седеше на иста маса со претседателката на владата на Србија, Ана Брнабиќ. И косовските весници долеваа масло дека повлекувањето од потерниците на Интерпол е направено преку ноќ, имајќи предвид оти пред само една недела била објавена најнова листа, според која, Харадинај бил на врвот од 20 команданти на ОВК.

Македонските власти го тргнаа Харадинај од листата само еден ден пред да пристигне во Скопје“, тврдea белградските весници.

Сепак, според нашите информации, Рамуш Харадинај уште во декември минатата година бил избришан од списокот на лица барани врз основа на меѓународната потерница, кој го издаде Србија. Тогаш биле тргнати вкупно 18 косовски државјани. Со одлуката, тие можат слободно да патуваат надвор од Косово без никакви проблеми.

Ве информираме дека во моментов против Рамуш Харадинај нема активна меѓународна потерница и тој може да оствари непречен влез на територијата на Република Македонија“, ни потврдија и во нашето Министерство за внатрешни работи.

Претходно, Харадинај беше редовно приведуван каде и да стапнеше надвор од Косово. Последен пат лани во Франција каде што пристигна со авион од Приштина. Беше задржан во притвор.

Ваквата постапка е целосно неправедна и неприфатлива. Ги повикуваме француските власти и целата европска заедница да му дозволат на Харадинај непречено да се движи имајќи предвид дека потерниците од Србија се незаконски“, реагираа неговите адвокати.

Набргу потоа, францускиот суд ги одби доказите и барањата од Белград за негова екстрадиција. Српските власти ја распишаа потерницата во 2004 година. Беше обвинет пред Хашкиот трибунал, но во 2008 година му беше пресудена ослободителна одлука.

Самиот тој сериозно ги стави на испит односите меѓу Македонија и Косово откако во име на владата што ја предводи вети по десетина илјади евра за семејствата на косовските државјани што беа осудени за терористички активности во кумановската Дива Населба во мај 2015 година кога беа убиени осум припадници на полицијата. Во реакцијата, министерот за надворешни работи Никола Поповски оцени: „Одлуката на владата на Република Косово за издвојување буџетски средства за финансиска поддршка на семејствата на осудените државјани на Косово не е во духот на градење европска иднина за регионот засновано на владеење на правото што е заеднички интерес на двете земји“. Кривичниот суд во Скопје осуди вкупно 16 косовски државјани, пет од нив на доживотен затвор, седуммина на по 40 години, а на четворица им е одредена казна затвор од по 20 години.

За време на посетата на Скопје, Харадинај се сретна со премиерот Зоран Заев и учествуваше на заедничката вечера на претседателите на владите од регионот и со европската комесарка за надворешна политика Федерика Могерини. Ова не е прва официјална средба меѓу Заев и Харадинај. Пред четири месеци македонскиот премиер ја предводеше делегацијата што беше во еднодневна службена посета на Приштина.

Горан Адамовски