Интервју со Драгана Заревска-Телемама: Градот е полн со дневна политика и трач

Последниве две години, откако се појави на музичката сцена, сѐ погласно се зборува за музиката и песните на Драгана Заревска. Настапува под псевдонимот Телемама, а нејзиниот прв албум „Мис слобода“ издаден во 2015 од „Ако никој не свири“ беше доволна причина да го задржи вниманието. А, три години подоцна повторно да ја потврди креативноста со нов албум. Минатиот месец во соработка со Давид Ангелески – Пиколомини го промовираа „Краток албум за двајца“ во издание на „Шарла рекордс“.

Во спектарот на уметноста ја има речиси секаде, се занимава со перформанс заедно со нејзината професионална партнерка Јасна Димитровска под името Ефермеки и постигнуваат и меѓународен успех работејќи како перформанс-дуо уште од 2011 година. Има учествувано и во танц-претстави на неколку европски кореографи во „Дансенс хус“ и „Модерна мусеет“ во (Стокхолм), „Нурланд операн“ (Умео), „Трафо“ (Будимпешта), „БУДА Кортријк“…

Заревска дипломира режија во Софија, магистрираше комуникации во Скопје и е несуден докторанд по историја на уметност во Универзитетот во Абердин… за жал, не ја доби потребната стипендија откако веќе универзитетот ја прими во 2014 година.

Иако од скопската промоција на „Краток албум за двајца“ нема поминато ниту цел еден месец, нивните песни веќе се вртат по домашните, но и по светските радиостаници. Од она што успеавме да забележиме досега, македонскиот јазик низ музика и песна од овој албум се слушна во Британија, Хонг Конг, Сан Франициско и уште неколку радиостаници во САД… Веројатно додека го подготвуваме текстот за печатење, „краткиот албум…“ завршил и на некој друг крај од светот.

Телемама во нејзината приватност е мајка на Миљан, сопруга на Предраг, одлична пријателка на сродни и несродни души, сестрана уметница, девојката со уку-леле, фанатична цртачка, вечен обожавател на литература и кралица на шалата во меланхолијата. Последниот период живее на релација Скопје – Прага, а кога веќе беше на наша територија, не смеевме да ја пропуштиме за разговор.

Го обелодени и вториот албум насловен како „Краток албум за двајца“ во соработка со Пиколомини (Давид Ангелески). Како дојде до овој интересен спој и колку сте задоволни од финалниот производ?
– Давид ми пријде после мој концерт во МКЦ во 2016-та и ми предложи соработка. Прифатив, а во 2017-та првпат секој ги изложи своите фантазии за проектот, и работата почна и во практична смисла. Ние сме пресреќни со албумов, а процесот на создавање на истиот беше уште поголемо задоволство.

Овој музички материјал има поинаков призвук од твојот деби-албум „Мис слобода“, но сепак задржана е онаа меланхолична нота со која веќе стануваш препознатлива во музичкиот израз.
– Овој албум e крос-брид, калем меѓу талентите и вкусовите на Телемама и тие на Пиколомини. Не е компромис, како што можеби прават некои други луѓе кога соработуваат, туку ова е сокот, најсочното и најубавото од нас двајца – во една формула. „Мис слобода“ беше сниман дома (во спална, кујна, дневна), со мало бебе – дете што спие, боледува од сипаници и грипови, што се гушка со мајка си наутро и е со неа во сѐ, а надвор трае мрачен режим и страв кај сите. Овој албум сега е различен бидејќи мајката „излегла во град“.

Како се впушти во музичкото патување и твоето запознавање со инструментот уку-леле? Претпоставуваше дека твојата љубопитност ќе те донесе на ваков пат?
– Јас имам многу чуден живот. Родена сум и растена во Кратово, од мала имам некаква ѕвезда што како да ме води и ме спасува кога ќе затреба. Таа ѕвезда ме однела на чудни места и во моите дваесетти веќе имав разни награди за визуелна уметност, многу резиденции во Европа зад себе, многу познанства и зближување со луѓе што како дете ги обожавав (читав и слушав) – цел живот ми е чуден и вртоглав и скоро секогаш очекувам изненадувања. Е, ова не го очекував до ваков размер. Сакав само на верандата на село да му свирам на маж ми, а види што се случи. Ме води мислата дека морам да правам добра уметност и само тоа ме интересира во животов.

Која е приказната за уметничкото име под кое настапуваш Телемама?
Во време на телемедицина, телекомуникации и секогаш телепатија, Телемама е само уште еден елемент во низата. Нема посебна приказна. Сакав да се ставам под псевдоним за кога Ѓорѓи Јаневски од „Канал 103“ ме покани да учествувам со авторска песна на компилацијата „Некои девојки“ во 2014 година, тогаш не знаејќи дека ќе продолжам со музика. Само сакав да поминам инкогнито.

Преслушувајќи го „Краток албум за двајца“, остава впечаток дека се исплетени многу музички влијанија. Што најмногу те инспирираше додека го создававте албумот?
– Прво треба да се каже дека јас и Давид сме огромни обожаватели на Југославија и на естетиката на тоа време во секоја пора од секојдневието. Шик-соц-реализам од типот на „Макфест“, сако со големи копчиња, одмор со твоите во Црна Гора, нервозни службенички на шалтер со натапирани шишки, санка „елан“, нови чевли од Борово, модерни луѓе на улица. Второ, обожаваме литература и филмови. Мислам дека за да правиш уметност каква што сакаш, мора прво да читаш, слушаш и да гледаш туѓа уметност барем 25 години (освен ако си Кинг Круле кој и на 18 години знаел што сака, или Рембо кој и како „копиљ“ се осознал жанровски и стилски), и потоа да сублимираш и да прикажеш. Покрај тоа, ќе страдаш – ќе изгубиш родител, ќе скршиш рака, ќе немаш пари итн., ама тајната е цело време да си викаш дека ќе биде по твое.

Текстовите навистина се оригинални и без заобиколување. Како ти оди пишувањето?
– Пишување, букви, јазик, фонетика се првото нешто што ме фасцинирало во животот. Филозофот на јазик, Витгенштајн, го обожавам и од него црпам. Луѓе што ги поминуваат линиите на жанр, формат, стил и прават сето тоа да изгледа како една смешка – тие ме привлекуваат. Витгенштајн, Кортасар, Дубравка Угрешиќ, Агамбен, Јасна Котеска, Влада Урошевиќ, Георги Рупчев…

Песната „Аника“ е првата која беше промовирана и има и видеозапис. Како се роди таа песна?
„Аника“ се роди за пет минути од една линија на поетесата Калиа Димитрова каде што се зборува за некоја девојка со трага на вратот. Видеото е на Љубица Манасиева – наша фотографка и архитектка која живее во Хамбург.

Во текстот на „Јорган планина“ има еден стих кој вели „сите спијат… градот полн политика“. Се „отрувме“ со политика низ годиниве, се согласуваш?
– Градот е полн дрндање, дневна политика и трач. Вистинската политика е комплексен начин на комуникација меѓу поединците, групите и подразбира разговор, размисла и познавање на своите права – во најмала рака, истражување за истите.

Покрај уметностите преку кои се изразуваш, луѓето што лично те познаваат те опишуваат и како непоправлив борец за правда. Како ја перципираш денешната состојба во која живееме?
– Ја перципирам така како што е испеано во „Јорган планина“ – секоја градска (или селска) супкултура во својот филм: клаберите мислат се најдобри и од нив подобри нема, антивакцерите исто, веганите исто, рокерите исто, поетите исто, членови на партии исто. Еве и јас исто.

Ќе го сменат ли жените светот?
– Па, жените секој ден го менуваат светот, нели приметуваш колку е поразличен од вчера?

Скопје-Прага-Скопје е честа релација на која живееш во последниов период. Ти помага ли патувањето во уметничкото творење?
– Летање во авион и висење по терминали, возови и други патни референции ми помагаат пред сѐ во пишувањето затоа што само тогаш наоѓам мир и време да пишувам.

Како мајка, што е она што сакаш како најважно да му го пренесеш на својот син?
– Сакам да биде поспокоен од мене, да не трча пред „коњот“, да чита многу, за да знае колку убави работи правеле некои луѓе, и да знае дека родовата борба е пред сѐ – класна. Да се смее и да не го тапи.

Ивана Настеска

Фото: Приватна архива