Изложба во Скопје: Грчка колекција во Музејот на современа уметност

Во четврток напладне, во Музејот на современата уметност во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Грчката колекција во Музејот на современата уметност“.

„Политичката и поради неа и културната разделеност помеѓу Република Македонија и Република Грција, до неодамна претставуваше нерешлива енигма, но притоа секогаш се појавуваа мигови на вистинска релација остварена преку индивидуални или институционални форми на поврзување што ги доближуваа уметниците на двете земји. Во историјата на Музејот секако е значаен фактот на взаемни контакти, најнапред преку донацијата на уметнички дела од повеќе грчки уметници, по кои следеа самостојни и групни изложби организирани во последните пет децении во Атина, Солун и Скопје. Изложбата на грчката колекција во Музејот на современата уметност од една страна го илустрира овој парадокс, а од друга страна го истакнува уште еднаш неограничениот потенцијал на уметноста да гради културни мостови“, се појаснува во најавата за изложбата.

Еден дел од донациите потекнуваат уште од 1965 година, односно од периодот на формирањето на Музејот на современата уметност, како на пример графичките отисоци на Васо Катракис и сликата на Емануел Пиладакис, додека главнината од грчката колекција се формира во 1970-те години со масовниот одзив на поголемиот дел на уметниците претставени на оваа изложба. Во таа деценија клучна улога одигра донацијата и влијанието на Јанис Гаитис, голем пријател на Музејот на современата уметност и еден од најзначајните уметници во повоената уметност во Грција. Освен неговата донација која се состои од пет графики, еден објект и една објект-слика, Гаитис имаше значајна улога во поттикнувањето на грчките уметници да донираат дела на градот, којшто беше разрушен од земјотресот во 1963 година.

Во моментов во колекцијата на Музејот на современата уметност се наоѓаат 47 уметнички дела од 34 грчки уметници:

Танасис Акривополос, Беба Ангелину, Кате Антипа, Ахилеас Апергис, Коула Бекари Јанис Гаитис, Биа Даву, Диоханди, Ахилис Друнгас, Ана Константину, Димитрис Ксоноглу, Ники Канагини, Лефтерис Канакакис, Христо Карас, Васо Катраки, Димитри Кондос, Панделис Ксагорарис, Статрис Логотетис, Димитри Митарас, Јанис Михас, Тониа Николаидис, Ѓоргос Николаидис, Емануел Пиладакис, Контарату Хотополу Сосо, Јоана Спитерис, Елени Статополо, Сотирис Сарагос, Василис Скилакос, Александре Фенос, Вангелис Фасинос, Мариа Хаџигаки, Опи Зуни, Елени Зерва, Кристина Зерву.