Оперската класика „Травијата“ вечерва на програмата на 54. Мајски оперски вечери


Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди ќе биде изведена вечерва на сцената на Националната опера и балет во рамки на 54. Мајски оперски вечери.

Ремек-делото кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет вечерва во 20.00 часот.

Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува длабоко човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Унгарија, Гергељ Кесељак, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Теа Пурцеладзе (Грузија), во улогата на Алфред Жермон – Алесандро Фантони (Италија), Жорж Жермон – Бадрал Чулунбатар (Монголија), а во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Операта „Травијата“ е едно од најзначајните и најизведуваните дела во светската оперска литература, напишана од Џузепе Верди во 1853 година и за првпат изведена истата година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција. Создадена според романот „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот, операта и денес се смета за едно од клучните дела на репертоарот, кое со својата силна драмска линија и емоционална длабочина останува актуелно на сцените ширум светот и кај нас.

-Некои приказни траат една вечер. Други остануваат со вас цел живот. „Травијата“ е токму таква приказна. Секој од нас, барем еднаш се соочил со момент кога љубовта и разумот не оделе во иста насока. Кога срцето сакало едно, а животот барал нешто сосема друго. Токму затоа, оваа опера на Џузепе Верди, повеќе од 170 години ја допира публиката низ целиот свет – се вели во соопштението на Националната опера и балет.

Кога за првпат ја доживеавме „Травијата“ на сцена, се додава во соопштението, сфативме дека не станува збор само за опера. Тоа е приказна за љубовта, жртвата, надежта и човечката сила. Приказна во која секој може да препознае дел од себе.

-Токму затоа, ова дело останува едно од најизведуваните и најсаканите оперски ремек-дела во светот – наведуватт оттаму.

Најавуваат величествена музика, раскошна продукција, извонредни солисти и емоции, кои не можат да се пренесат преку фотографија или видео.

-Ова е искуство што мора да се доживее во живо. Публиката која редовно ги посетува Мајските оперски вечери постојано ни кажува дека токму ваквите вечери ги паметат со години. Многумина доаѓаат повторно и повторно, затоа што секоја изведба носи нова емоција и ново доживување – се додава во најавата.