Зоолошката во Скопје ќе се приспособи за посета на лица со оштетен вид

Зоолошката градина во Скопје ќе отпочне процес за нејзина целосна адаптација за посета на лица со оштетен вид.

Согласно најновиот проект на Зоолошка градина „Адаптирање на зоолошката за потребите на слепите лица“ директорот на Зоолошка градина Скопје, Ѓорѓи Галетановски, денеска за таа цел одржа работен состанок со директорот на државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, Горанчо Јакимов, секретарот на Национален сојуз на слепи, Стерија Димов, и професорот на Штуловиот универзитет, Шпетим Љатифи при што било договорено заеднички да се отпочне со процесот за целосна адаптација на зоолошката за посета на оваа категорија лица.

– Мислам дека ќе бидеме прва Зоолошка во Европа што ќе биде оспособена на ваков начин, а имаме и општествена одговорност заеднички да се заложиме оваа институција да биде адаптирана за луѓето со оштетен вид, бидејќи и тие ни се чести и добредојдени гости. Ќе поставиме специјални тактилни патеки, информативни табли со звуци и Браево писмо и ќе ги обучиме нашите кадри за нивна едукација, објасни Галетановски.