За 260 чистачи на улици и собирачи на отпад – 1,56 милиони евра, требаат уште 400

„Комунална хигиена“ ќе потроши 1,56 милиони евра за привремени вработувања. Според договорот што го склучи јавното претпријатие со агенцијата „Мотиви“, во период од една година, до август 2019 година, ќе може да ангажира работници, а за услугата агенцијата ќе им наплатува и осум проценти месечна провизија.

Директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани вели дека ангажирањето привремени работници е практика која веќе осум години се применува во претпријатието. И со последниот договор, кој пред два дена беше објавен на страницата на Бирото за јавни набавки, ќе се ангажираат истите лица кои веќе работат за „Комунална“. Шабани информира дека во тек е систематизација на работните места, која ќе им овозможи трајно да ги вработат.

„Се работи за 260 лица, кои со години работат кај нас и секоја година се ангажираат на истиот начин. Овие пари се наменети за нивните плати, придонесите и данокот. Тоа се метлачи на улици и собирачи на отпад, кои секогаш ни недостасуваат. Претпријатието многу долго време нема направено систематизација, па се ангажирале вака“, вели Шабани.

„Комунална хигиена“ во моментов има над 1.000 редовно вработени, но директорот посочува дека, покрај привремено ангажираните лица, му требаат уште 300 до 400 работници од овие профили за да може да го одржува Скопје чисто. (С.Н.)