За курбан овца 50 евра по грло
Ерол Ризаов
Конечно се јавија овоземни конкретни побарувања од водачите на движењето за спасување на Македонија. За нивниот труд бараат пари од државната каса затоа што проповедаат бојкотирање на референдумот и на европската иднина на граѓаните. Нема што, чесно и поштено, што би рекол нашиот народ.
Велат, тие биле втората, поточно спротивната страна на тие што работат на укинување на државата и на македонскиот народ, па сосема логично и разбирливо за тоа треба да добијат исто толку пари колку и тие што ќе водат кампања за поддршка на „капитулантскиот“ договорот со Грција и за влез во НАТО и во ЕУ, опасни сојузи кои воопшто не се јавен интерес. Не знам зошто толку ја симнале цената, бидејќи не може исто да се плати и за предавство и за спасување на државата, спасувачите требало да побараат најмалку двојно повеќе. Што се однесува до парите, образложението е генијално, човек да симне капа, не може да се стави ниту една забелешка. Такви биле демократските правила во Велика Британија кога се гласало за Брегзит или за ЕУ. Парите се делеле пола-пола на два еднакви дела. Мал проблем е што кај стиснатите Англичани организаторите на кампањи добиле пари само за тие што се „за“ и „против“. Кај нас има уште една страна која проповеда сеир и кукавичлук.
Веднаш треба да се уплатат авансно првите неколку милиони евра на сметката на овие патриотски здруженија за бојкотирање на Македонија. А до почетокот на референдумската кампања и преостанатиот многу поголем дел, односно исто толку колку што ќе потрошат тие што ќе ни ги полнат главите дека било добро за иднината на граѓаните да се влезе во ЕУ и во НАТО и да се биде дел од европското семејство, но и на оние кои ќе гласаат против. Сега голем проблем е како да се формира цената по глава на секој што има право на глас. Малку ми е незгодно да лицитирам, ама некако ми изгледа понижувачки да речеме само по пет евра од човек кој е запишан во гласачките списоци. Пет евра по човек ми доаѓа ептен евтино, срамота е за историски чин, за спречување на капитулација и за спасување на Македонија да се плаќа пет до десет пати помалку отколку по грло стока.
Еве сега на Курбан-бајрам најмалата цена на една овца, и тоа нестрижена, е стотина евра. Ако спуштиме двојно помалку од цената на овците, значи ќе следува пристојна понуда по 50 евра од човек да добијат водачите и спасителите на Македонија и тоа директно кеш на рака за трошоци за извонредните успешни кампањи од кои овците, поточно ние човеците, ќе останеме без здив и без глас. Од една страна ќе ни кажуваат – не испуштајте ја последната шанса да станете Европејци и вашите деца да влезат во рамноправен натпревар со нивните врсници од Европа. Ќе ни кажуваат дека ќе си останеме Македонци и свои на своето во Македонија како и досега, ќе живееме подобро, ќе бидеме побезбедни, послободни, почисти и конечно посреќни. Другите отспротива ќе ни викаат, како што веќе ни викаат, никако не треба да се прифати таков договор со Грците и со Бугарите. Готово е со Македонија, се укинува библиската држава, се брише нашата историја, и античка и современа. Сè ќе биде грчко и бугарско, ние ништо ќе немаме од минатото, а и тоа што го имаме ни го дале под рака Тито и Сталин. Ќе ни накалемат словенски варварски јазик. Се брише националната припадност Македонец од 1 октомври 2018, ако не гласаме против не постоиме. Исчезнуваме.
Третата страна, пак, вели сè ова е точно – дека се укинува сè што е македонско, но не смее да се гласа против, бидејќи ако се гласа повеќето од граѓаните се за ЕУ и за НАТО, па така ако 750.000 до 800.000 граѓани се „за“ ЕУ и за НАТО и поради тоа го прифаќаат договорот со отстапки кои никогаш не би ги прифатиле да не се овие два најголеми воени и економски сојузи и ако 150.000 или 200.000 граѓани се против договорот, тогаш отиде Македонија јабана, пропадна, ја снема. Значи, за да ги зафркнеме сите и дома и надвор, мајката му е само „Бојкотирам“.
За одржување под висока температура на овој зовриен референдумски котел, во кој можеме сите да се свариме како одрани курбани, за трошоците на стрижачите на овци се потребни скромни 50 евра по запишан човек во Избирачкиот список сосе фантоми и мртви души. Во тој случај на сметките на неколку организатори и изведувачи на пропаганди ќе легнат цирка околу 100 милиони евра. Проста математика, за 1.830.000 гласачи и негласачи, по 50 евра и нешто малку плус за непредвидени трошоци, рамно сто милиони евра. Некој изгубил од предвид дека референдумот е само консултативен, па не мора да се фрлат толку пари за новопечени патриоти и лидери кои ќе ги информираат граѓаните зошто треба на 30 септември да седат дома и да гледаат сеир што ќе остане со државата.