За Демир Хисар преку Бардовци


Ерол Ризаов

Ќосињата на ВМРО-ДПМНЕ, кои во Бардовци пред куќата на семејството на пратеничката Ременски со викање и фашистички закани си ја олесниле фрустрацијата, имаат две големи олеснителни околности поради што не можат да одговараат за сторените кривични дела. Прво ја погрешиле адресата, требало да се симнат порано, оти сите биле за Бардовци, ама за една многу поголема зграда. Дел од нив можеле да бидат веднаш задржани, а другите да добијат интервентен упат за Демир Хисар, за потешки случаи, каде што заедно со прилепските ќосиња кои врескале пред домовите на пратениците од Прилеп можеа на државна сметка да примат соодветна терапија. Втората олеснителна околност која ги прави амнестирани и недостапни за законот е што се трагични жртви на хистеријата што ја посеаја поранешниот премиер и сѐ уште полупретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, претседателот на државата Ѓорге Иванов, актуелниот претседател на втората половина на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и учените и многу мудри бранители на големата опасност за македонскиот јазик од албанизација на државата.

Ете, тоа е жалниот производ на високооктанските јавни експертизи длабоко врежани во тркалезните жешки глави од полудени ќосиња кои, како што најавија нивните водачи од христијанското братство, допрва во наредните месеци ќе ги покажат своите високи дострели. Се разбира, сега сите тие убаво ќе си ги измијат рацете, ако пламне веднаш ќе се скријат зад своите институции и академски титули, зад своите лаги негирајќи ги своите довчерашни јавни или тајни изјави и ќе приопштат дека само ги бранеле уставот и законите и дека немаат, ама баш никаква врска со она што се случува на улиците, пред куќите на тие што гласале за законот. Каква врска имаат паметни и образовани луѓе ако на некого му ја кршат главата, или му ја палат куќата, колата, имотот, му ја уриваат џамијата, црквата… тие такво нешто никогаш не кажале ниту, пак, помислиле, тие само кажувале дека останавме без држава, дека е загрозен уставниот поредок, дека е готово со нас бидејќи ни пресадиле два јазика во устата, дека сме станале двојазични, дека само прашање на денот е кога сите ќе мора да зборуваме албански, дека кога ќе одиш на лекар, не дај боже, ако е Албанец додека се разберете што те боли отиде на оној свет… Што да прават загрижените патриоти кога ќе го слушнат сето ова и уште милион лаги, освен да земат пушка и со божји благослов на владики да заминат право во четата построена пред војводата. Треба да се брани татковината. Ами како.

Има и една добра работа што ја направија вмровската тројка Иванов, Груевски и Мицкоски заедно со нивната интелектуална логистика. Тоа е радикализацијата на државата со будење на вампирите да се напијат свежа крв. Тоа е нивна заслуга и не треба таа да ја препуштаат на непознат сторител бидејќи сите знаеме дека во Македонија нема публика ни на спортски натпревар ако не повика партијата, а воопшто да не зборуваме за митинзи и протести. Спонтани собири, демонстрации, протести и контрапротести на „група граѓани“ е измислена категорија во што веруваат само уште корисните будали кои навистина се за жалење, злоупотребени луѓе – жртви кои се убедени дека прават нешто корисно за државата и кога ја уриваат.

Го препрочитувам новиот полулидер, полупретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека е европски и прозападно ориентиран како ги осудува нежно пациентите пред куќите на пратениците. Внимава човекот да не повреди нечии чувства кои оправдано се наталожиле од тиранијата на ненародната власт. Затоа Мицкоски ќе оди од врата на врата кај народот свој, тоа било природната средина на ВМРО-ДПМНЕ. Сака лично да им каже на Македонците дека Владата залудно потрошила 10 месеци од животот на сите граѓани. Да им каже дека во Македонија не се живее подобро, да им каже дека станавме држава каде што сиромаштијата расте, стандардот паѓа, а корупцијата е највисока во Европа. Да им каже дека Македонија денес е киднапирана и урната држава. Очигледно му било тешко да каже „заробена држава“ да не го обвинат за плагијат од едни други времиња.

Полека господине Мицкоски. Прво, измерете си ја температурата, вие сте инженер, ако друго не знаете, сигурно ги знаете разликите меѓу десет месеци и 11 години. Во 11 години има 132 месеци, или ако сакате понагледно да ги видите разликите, можете и на овој начин, на пример, децата што имаа по десетина, дванаесет години кога твојот претходник дојде на власт, завршија осмолетка, завршија и средни училишта, завршија и факултети, многумина од нив кои не успеаја да избегаат се формираа како личности во време на диктатура на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, па сега не знаат што да прават со слободата. За која сиромаштија зборувате, за таа што е создавана за 27 години, за 11 години, или за оваа за десет месеци. За која корупција и организиран криминал зборувате, за таа што ја практикувавте 11 години, или за оваа изминатите десет месеци. Ај ви се молам оставете ни ја таа десетмесечна корупција и грешките на власта нам, ние подобро и поуверливо им ги мериме гревовите на новите власти. Вие имате поважна обврска, фатете се за работа да ја средите партијата со тоа што прво ќе го исчистите ѓубрето од депонијата која 11 години не е исчистена. Обидете се, ако не е доцна, да израснете во лидер на ВМРО-ДПМНЕ со ослободување на паријата од тешкиот товар, а потоа тргнете од врата на врата да им кажете на луѓето дека се е чисто и дека нема од што повеќе да се срамат. Распрашајте се малку кај своите како ќе знаете на која врата да чукнете кога ќе тргнете во поход. Да не ви ги обележуваат со жолта боја вратите на немакедонци. Тоа не е баш добра идеја.

Има неколку порти на кои треба Мицкоски да тропне пред да замине во обиколка на Македонија. Тоа се судските врати. Треба малку да послуша таму за корупцијата и криминалот за кои се обвинети неговиот претходник и првите му соработници. Таму ќе дознае како е осиромашен народот и кога е заробена државата и уништен правниот систем. Ако не појде таму, тоа ќе значи дека тој добро ги знае работите кој го извршил грабежот. Законот вели кога знаеш кој направил тешко кривично дело, а не кажуваш, е исто така кривично дело рамно на соучесништво.