Државата најголем спонзор на партиите, колку повеќе пари, толку повеќе контрола на сметките 

Искуствата на европските земји покажуваат дека кога државата дава повеќе пари за партиите мора да ги диктира условите за трошење.

Во очекување на новиот модел на партиското финансирање во Македонија, се отвора дилемата какви се искуствата во другите европски земји и какви позитивни и негативни ефекти може да се очекуваат од одлуката државата во поголем износ да ги финансира политичките партии, а притоа да не ги укине донациите.

Како успешен модел на финансирање на партиите во Европа се посочува Шведска, каде што во најголема мера приходите се собираат од самата држава. Она што е специфично за оваа земја е исто така дека до 2014 година немало никаква регулатива за финансирањето на партиите и никакви ограничувања, што значи дека партиското финансирање било речиси без контрола, нешто што сепак е применливо во земји со високи политички стандарди. Партиите во Шведска можат да собираат пари од членарини, од донации, од приватни лица или компании, од публикации, од приходи од имот, па и од водење бизниси. Во Шведска, која се смета за една од најстабилните демократии, нема ни забрана за донации од странски извори. Иако првично одбиваше, сепак во 2014 година под притисок од ОБСЕ и ГРЕКО шведската влада утврди законска рамка според која партиите се обврзуваат јавно да ги објават имињата на донаторите чија донација ја надминува сумата од 20 илјади шведски круни.

Сепак, организацијата ИДЕА, која го истражува политичкото финансирање на сите континенти, не препорачува ваков екстремно либерален модел, туку смета дека сите земји треба да стават акцент пред сѐ на контролата на финансирањето на партиите, на регулирањето на трошоците и на донациите, како и на целосна примена на санкциите. Овој процес според ИДЕА е најуспешен кога со него раководи единствено и независно тело и ако се обезбеди внатрешна транспарентност во партиите околу приходите и расходите.

И во Германија, како и во Шведска, партиите добиваат голема државна помош и, исто така, нема ограничување, кога се во прашање донациите од приватни лица или од компаниите, ниту во однос на бројот ниту во однос на висината, а нема лимит ни во однос на трошењата за време на кампањите. Причината за давањето државна помош е што компаниите не сакаат да бидат видени како политички финансиери бидејќи во јавноста тоа се доживува како најава за корупција преку купување идни договори. За разлика од Шведска, во Германија државната помош сепак се врзува со бројот на партиските членови, за да не се стимулираат партии што ќе немаат поддршка во јавноста и тие да бидат мотивирани да работат на терен. Финансиските извештаи еднаш годишно се праќаат до првиот човек на Бундестагот, откако претходно ќе ја поминат контролата на независен ревизор. Но, за разлика од Шведска, каде што партиите што освоиле доволен процент на гласови добиваат 17 евра по глас, за ова во Германија партиите добиваат помалку, односно 0,83 евра по глас.

Спротивно на праксата во Германија и во Шведска, по скандалот со Вили Клас во 1995 година, кога како министер за економски прашања зел провизија за да вклучи договор за набавка на хеликоптери, радикално се сменија правилата за финансирање на партиите во Белгија. Денес тие не смеат да земат никакви пари и донации од приватни компании и речиси од сите што имаат правен статус, било фондации или невладини организации, а како единствен извор за финансирање им се членарините и државните пари кои ги добиваат по изборите. Контролата е до тој степен голема што е забрането давање и на најмал подарок од страна на партиските кандидати, а ако се утврди такво нешто може да им биде одземен мандатот. Целосно се забранети политичките рекламирања, освен гарантираното време на националните телевизии.

Што се однесува до казните за непочитување на изборните кампањи и партиските финансирања, искуствата од држава во држава се различни. На пример, во Грузија опозициска партија била казнета со 102 милиони долари поради прекршување на регулативата за финансирање на партиите, додека пак во некои други европски држави се одземаат регистрациите на партиите, се одземаат функциите добиени по изборите или, пак, се суспендираат политичките партии.

Партиското финансирање на Балканот е попроблематично бидејќи во сите земји има недостиг на транспарентност и сите се обидуваат да го заобиколат законот. Во анкетите што се прават во регионот околу корупцијата партиите редовно се пласираат високо, што е резултат на немањето ефикасна контрола за начинот на кој се финансираат и на малите и речиси непостоечки санкции во реалноста.
Според препораките на ГРЕКО и ОБСЕ, Во Македонија треба да се намали лимитот за донации од компаниите и приватните лица бидејќи сега е превисок за сиромашна земја како нашата. Исто така, треба да се зголеми улогата на државните надоместоци и да се елиминираат анонимните пари во партиите. Препорачливо е формирање на ново независна институција чија работа ќе биде само со приливот на парите во политиката, но и да спроведува санкции. Со оглед на големата корупција во политиката досега, белгискиот модел би можел да биде пресвртен за Македонија бидејќи опфаќа целосна забрана за земање донации од компании, за инволвирање на партиите во бизниси, со исклучиво финансирање од државни фондови и со големи ограничувања во кампањите.

Блерим Исмаили