Град Скопје распиша повик за субвенции за велосипеди

Со цел да ги стимулира скопјани да користат велосипеди, Градот Скопје распиша јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипед.

Граѓаните кои ќе купат велосипед заклучно со 31 август 2018 година, ќе им надомести 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.

„Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух“, велат од Град Скопје.

Целиот повик, условите, начините за пријавување и остварување на правото на надоместок може да се видат тука.