Гастропода – лигави бизнис и тренд-господа
Звонко Давидовиќ
Шетам по кејот на Вардар пред некоја вечер и гледам еден куп полжави како ползат по патеката во сите можни правци,со рокчињата ја испитуваат околината и се лигават движејќи се кон некоја нивна замислена цел. Помалите се движат по крајот на патеката, а оние големите по средина се лигават и лизгаат полека и безгрижно не плашејќи се од никого и од ништо. На враќање веќе ги снема полжавите, а на патеката останаа само нивните лиги по кои се движеа. Сево ова ми дојде некако познато и веќе видено, познато излигавено и измрсулавено на патеката по која чекориме.
Човечкиот свет наликува на животинскиот, тие честопати се пресликуваат и, ако внимателно погледнете, секако ќе најдете многу сличности. Животните се симбол за определени човечки особини па честопати велиме вреден како мравка, итар како лисица, зол како волк, лигав како полжав…
Токму лигавоста, безрбетноста на полжавите и излигавената патека ме потсетија на патот кој го изодевме, и сѐ уште го одиме, во овие децении на самостојноста на државата и односот на дел од бизнис заедницата и на дел од политичките и судски структури. Дел од овие структури за кои зборувам се одликуваат токму како и полжавите со безрбетноста, лигавењето и ползењето. Токму како што полжавите се единствени мекотели кои се приспособиле и на копнените услови на живот, така и овие безрбетни мекотелни господа се приспособуваат на сите можни услови на живот и политички промени.
Лигавењето не е спонтано туку е намерно предизвикано за определена цел и намера. Можеме во човечкиот свет да наброиме многу видови лигавења и ползења, но јас за оваа пригода би издвоил неколку: лигавење пред изборите, лигавење по изборите, лигавење пред моќта и интересот, лигавење пред законот и лигавење како стил на живот.
Лигавењето пред избори најчесто започнува многу порано и од изборната кампања и е сеопфатна појава која не ја заобиколува ниту една партија која претендира да ја освои власта или да ќари барем нешто од државниот колач. Во тој период сите оние моќници и недопирливи татковци, мајки и маќеи на народот наеднаш стануваат видливи, љубезни и присутни во општеството. Пред изборите се недостапни, недопирливи и оддалечени од народот, себични и самобендисани, најверојатно притиснати од бремето на власта, да е просто неверојатно како без срам наеднаш стануваат насмеани, присутни меѓу луѓето, љубезни и лигави во својот однос и ветувања. Во овој краток период, токму како полжавите по дожд, оваа лигава мекотелна тајфа лази и пузи пред народот заради тој нивен глас на гласачкото ливче. Тогаш и само тогаш сите ќе бидат вработени во блиската иднина, секој ќе живее нормален живот еднаков пред законот. По завршувањето на изборите од сите ветувања остануваат само лигите на патеката по која овие мекотели ползеле.
По изборите единствено оној кој не ја освоил власта продолжува да се лигави и ползи пред народот ветувајќи му го сето она што го ветил пред 4, 8 или 10 години и што не го исполнил додека бил на власта. Наеднаш довчерашните моќници кои не го есапеле ниту народот ниту законот и кој го нарекувале “човечиња”, а го гледале само својот ќеиф и џеб, стануваат лигаво љубезни и загрижени борци за правата на народот. Наеднаш сето она што го кршеле до вчера станува битно денес, а сето она што не го есапеле вчера, денес станува приоритет. Лиги на сите страни, патеките тесни, па народецов наш знае и да се лизне и да “падне” на ова лигавење.
Многу позачестена форма на лигавење и ползење е пред моќта или од интерес. Сите оние кои ниту сакаат, ниту знаат да работат или не ги бива за ништо нашле начин да напредуваат и да ќаруваат, начин кој е посилен од секое знаење, умеење или диплома. Ползење, лигавење, безрбетништво и полтронство се одличен начин за напредување. Токму затоа ниту една институција не ни ја бива ниту нормално функционира, затоа што едни лигави мекотели избираат и именуваат други лигави мекотели и секој е таму каде што никогаш не би требало да биде. Уште многу би можело да се каже за ова и да се набројат многу примери за преземени фирми, за многу ликови седнати во судството или на високи позиции, за многу полни банкарски конта и сефови, ама за тоа не морам јас да зборувам, доволно е трагата на лигите да ја погледнете и ќе видите каде води.
Токму таа трага на лиги може многу да им помогне на судските органи или другите органи на прогонот затоа што јасно го покажува патот по кој се движеле лигавите мекотели во создавањето на коруптивните зделки, криминалните фирми, перењето на пари. Се гледа трагата, сјаи дури и ноќе и е јасно видлива, ама само за оној кој сака да ја види. Најверојатно оваа тајфа од судството и обвинителството или не гледа добро или не го разбрала добро митот за Јустиција, па мисли дека треба да има врзани очи пред големиот криминал и моќниците, а не врзани очи заради еднаквоста на секого пред законот без оглед на позицијата, моќта, парите. Уште полошо е што овие моќници кога се притеснети и исправени пред лицето на правдата, што е реткост, стануваат уште полигави за да си ја спасат кожичката и парите се разбира, па често стануваат сведоци и тоа заштитени наместо обвинети.
Најприсутна категорија е лигавењето како стил и начин на живот пред секого и сешто што кратко се нарекува лигуш. За овие лигуши не мислам воопшто да пишувам затоа што сите сте свесни за постоењето на истите, ако не поради ништо друго поради лигите на вашите чевли.