ВМРО-ДПМНЕ: Филип Петровски не е наш член
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дадат оставка, ВМРО-ДПМНЕ да не се враќа во парламентот и да не се признава Талат Џафери за легитимен претседател на Собранието, му порача Филип Петровски на новото раководство на најголемата опозициска партија и нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски. Петровски, кој важи за критичар на политиките на наследниците на Никола Груевски, се придружи на Демократската фракција во ВМРО-ДПМНЕ. Тврди дека струјата што бара внатрепартиски реформи набргу ќе стане доминантна во партијата, по што ќе се тргне со спасување на Македонија од власта, која, според него, е ненародна и мора да си замине пред да биде доцна за државата. Се бара промена на статутот на партијата и давање можност на обичните членови да ги избираат своите претставници во месните комитети, општинските ограноци, па сѐ до највисоките тела и избор на делегати што ќе гласаат за претседател.
„Кризата во нашата партија трае подолго време, а резултираше со наместениот конгрес во Валандово. Таму делегатите добија инструкции за кого да гласаат, а дури и во таква ситуација не беше можно да се гласа против единствениот кандидат. До ден-денеска не е објавена листа на присутни и отсутни делегати. Сега се собравме неколку групации, бараме реални реформи“, потенцира тој.
Петровски напоменува дека партијата прави редици од грешки, потенцирајќи ги преговорите со премиерот Зоран Заев, по кој двете страни изјавија дека комисиите се договориле за сите прашања, а во меѓувреме се прави театар во јавноста со интерпелација.
„Не треба интерепација, туку да не се признае Талат Џафери за претседател на Собранието, тој е нелигитимен, избран со помалку од 61 глас. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ итно да дадат оставка и со тоа ќе ѝ зададат удар на оваа ненародна власт, која ги подигна тензиите во општеството до таа мерка што можат да излезат од контрола“, изјави поранешниот претседател на Државниот архив.
Професорот Јове Кекеновски, чиј ФРОДЕМ е дел од фракцијата, вели дека се борат со сите демократски средства и инструменти, а најдоцна во јуни ќе излезат со обединувачко собрание, на кое ќе ги соопштат конкретните мерки на делување. Засега немаат контакт со Мицкоски, но доколку е подготвен да ги слушне и исполни нивните барања, ќе му се придружат на најавени протести против Владата на Заев најавени од идниот месец. Повторуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е нивна матична партија и не размислуваат за формирање нова.
„Сакаме платформа како Г17, во која ќе ги обединиме сите структури. Во овој момент имаме подршка и од актуелни пратеници во Собанието, но рано е да излеземе со нивните имиња“, заклучува Петровски.
Но, одговорот што го добија од ВМРО-ДПМНЕ не остава простор за договор. Од „белиот дворец“ велат дека се партија со огромен демократски капацитет, во чии рамки и органи е дозволено за сите прашања отворено да се дискутира, да се има различни ставови и мислења сѐ до моментот додека не биде донесен конкретен став за било кое прашање.
„Во моментот на донесување на партиски став, ние сме конзинстетни по тој став. Она што се случи сега, односно најавата за фракционерство, во нашиот статут нема предвидено такво нешто што значи фракционерство не е дозволиво и не го подржуваме тоа. Зборуваме и во рамките по досегашниот статут, но и во рамките по статутот кој што е во доизработка од страна на експерти од нашата партија. Конкретно, едно од лицата кое што го одржа пресот, Филип Петроски го нема ажурирано своето членство во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека Филип Петроски не е член во ВМРО-ДПМНЕ и извесно е дека беше член на Демократска десница, партијата која што впрочем тој ја формираше, така што нема кредибилитет да отвора такви прашања и такви теми“, велат од „ВМРО-ДПМНЕ“ за „Независен весник“.
Горан Адамовски