Владата ќе гради нова зграда за Државниот архив


Владата на денешната седница одлучи да гради нова зграда за потребите Државниот архив. „Ќе се гради нов објект, по сите стандарди како што треба да изгледа еден објект за чување на архивски материјали“, информираше накусо владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Посочи дека во меѓувреме почнала санацијата на постоечката зграда на Архивот, дел од „Скопје 2014“ која во изминатиов период прокиснуваше во неколку наврати при што се загрозуваше архивската документација.

Ова практично е одлука за трајно решавање на проблемот со просторните услови за работа на Архивот кој беше дел од објектот во кој се наоѓаше и Археолошкиот музеј, зграда од „Скопје 2014“ и  се поплавуваше при секој пообилен дожд.

Државниот архив во посочениот објект вреден 42 милиони евра се пресели пред две години. Оттогаш при секој дожд просториите на Архивот кои се наоѓаат на шестиот и седмиот спрат во зградата се поплавуваа. Вода прокиснуваше од сите страни, па низ канцелариите и ходниците вработените редеа кофи за да колку толку ја заштитат архивската документација.

Пред да биде преселен во новата зграда Државниот архив беше сместен во зградата кај комплексот судови, која беше дадена на Обвинителството за организиран криминал. (Д.Т.Д.)