Владата во дупка од 500 милиони евра
Ерол Ризаов
Најавените нови реформи на пензискиот систем за санирање на застрашувачката црна дупка во буџетот од 500 милиони евра годишно, што му доаѓа речиси една четвртина од државната каса, се поопасен терен за лизгање и паѓање на владата на Зоран Заев отколку промената на името на државата. Првите најави дека се можни такви реформи за спасување на буџетот со продолжување на пензискиот стаж на 67 години и на сметка на стагнирање на пензиите, што ќе значи нивно реално намалување, претставува најголема закана за големо незадоволство и целосно губење на довербата на јавноста во Владата и во нејзините реформи.
Наместо реформи, домашни или по урнекот на Светската банка, сеедно, веќе одамна направени недоправени, најдобро е Владата да направи сеопфатна истрага како, кој и зошто го банкротирал најголемиот фонд во државата, па наместо најбогат со години е најсиромашен. Прво што треба да се расчисти е да се признае и да се демантира одамна наметнатата голема лага дека пензионерите добиваат пензии и покачувања благодарение на владите, на премиерите, на партиите на власт. Вистината е дека пензионерите ги добиваат своите пари што ги издвојувале во својот фонд и со тоа ја помагале државата која редовно ги користела овие пари, и тоа многу лошо и недомаќински. Или, кажано уште попрецизно, вработените што со години издвојувале секој месец од своите плати одреден процент за поспокојна старост, ако се суди според просекот на користење на правото на пензија, тие се ограбени од државата, но и од други арамии бидејќи голем дел од нивните пари завршиле во приватни џебови.
Државниот пензиски фонд одамна не е ниту солидарна, ниту економска категорија, како што предвидува законот, туку вреќа без дно. Во Фондот точно до последен денар, поточно дени, во денешна противвредност, се знае за секој вработен колку пари издвоил додека работел. Врз основа на тоа се одредува и пензијата со тоа што законот со ограничување на највисоката и одредување на најниската пензија ја искажува солидарната определба. Тоа значи дека и тие што најмногу одвојувале во Фондот и тие што одвојувале најмалку, со стекнување на правото на пензија, го добиваат тоа што е нивно. Ако е така, а така е, зошто тогаш има толкава дупка во Фондот? Каде исчезнале парите на пензионерите кои цел работен век уредно ги плаќале своите обврски, па сега тие треба да се чувствуваат како да се баласт, товар на целото општество, а не тие што ги потрошиле нивните пари.
Просечниот живот во Македонија е 72-74 години за мажи и жени и ако досега пензиите во просек се користат од осум до десет години од тие што директно го оствариле правото на пензија, и уште неколку години ако по нивната смрт член од семејство ја користи пензијата со намелен износ за една третина, произлегува дека во многу мал број случаи пензионерите го добиваат назад тоа што го издвоиле за време на работниот век. Овие податоци постојат во Фондот, но досега не биле предмет на јавна посериозна анализа или, пак, не биле достапни до јавноста бидејќи солидарната категорија евидентно е претворена во голема неправда кон луѓето кои редовно цели 30 или 40, па и повеќе години издвојувале пари во државниот фонд.
Таа неправда би била поголема ако се помести границата за правото на стекнување старосна пензија да речеме на 67 години, а просечниот животен век останува 72-74 години. Тоа можеби одговара за државите каде што квалитетот на живот и здравствената заштита се на повисоко ниво и каде што луѓето живеат во просек 80, па и над 80 години, како во скандинавските земји. Но во Македонија тоа би било погубно и крајно нехумано, од работа да се оди на гробишта. Во тој случај да се оди со 67 години во пензија просечниот период на користење на старосната пензија би бил одвај пет до седум години.
И сега законот дава можност тие што сакаат да продолжат со работа и по наполнети 64 години, да можат да работат до 67 години. Тоа е право на избор и тоа е добро. Но, што да прават тие што имаат тешки услови за работа, а се вработени од своја 18 или 19-годишна возраст, веднаш по средното образование? Ако тие луѓе мораат да одат во пензија со наполнети 67 години, тоа ќе значи дека треба да ринтаат рамно 49 години, односно половина век. За ова нема други зборови освен озаконето злодело.
Пред која било реформа предмет на сериозна истрага треба да биде што се случи со 15 отсто од акциите што му припаднаа на Фондот за пензиско осигурување од сите приватизации на државните компании вклучувајќи ги и златните кокошки што завршија во приватни раце. Ако тие компании денеска остваруваат милионски профити, Фондот секоја година од дивиденди треба да добие исто така значајна сума. Меѓутоа, информациите што се чуваат во тајност кажуваат дека највредните акции се продадени „легално“ на берзата, ама под многу сомнителни коруптивни околности, и тоа по багателни цени. Ако кон ова се додаде колку нови пензионери со интервенција на политиката и со донесување антиекономски закони се набутани во пензискиот фонд да примаат пензии, а за тоа не ги исполниле условите, ќе се открие како е уништуван со години пензискиот фонд. Направена е голема неправда кон сите што редовно плаќале за помирни денови во староста, но и криминал кон државната каса со која треба се покриваат грешките на политиката.
Чепкањето по разни нивелирања на пензиите на штета на пензионерите е активирање на социјална нуклеарна бомба. Со пензиите се издржуваат цели семејства меѓу кои и невработените млади луѓе. Сакале да признаеме или не, тие пензиички станаа силен мотив да се почитуваат и да се уважуваат повеќе белите коси отколку што е вообичаено.
И уште едно прашање до Владата. Имаше некои ветувања дека секој граѓанин што наполнил 64 години ќе добие минимална пензија, без оглед што не работел. Извонредна идеја позната во светот како социјална пензија. Само предлагачот не кажа дали и оваа политичка предизборна или постизборна активност треба да ја платат сегашните и идните пензионери. Ако е така, ова е најновиот пример како се копала дупката во пензискиот фонд. Велат кога ќе паднеш во дупка прво што треба да направиш е да престанеш да копаш, оти сѐ подлабоко пропаѓаш.