Вардар ја предаде круната
Ракометарите на Вардар нема да ја бранат титулата освоена лани откако попладнево во драматичен меч загубија од Монпеље со 28-27 (14-11). Европските шампиони беа во подредена улога во првиот дел, но во второто полувреме успеаја да се вратат во игра, израмнивме во последната минута, примивме гол на 19 секунди до крајот, а Борозан не успеа да донесе продолжение. Циндриќ и Чупиќ дадоа по пет гола, Штербик немаше своја вечер, згора и се повреди на почетокот од второто полувреме.
Претходно, екипата на Нант го надигра богатиот ПСЖ со 32-28 (17-14). „Канаринците“ водеа во текот на целиот меч и за првпат во својата историја ќе играат за титулата во Келн. Најефикасен во нивните редови, но и воопшто на теренот беше нашиот Кире Лазаров, кој постигна осум гола, од кои седум од пенал. Со вкупно 59 гола постигнати на завршните турнири, тој стана најефикасен во историјата на Фајнлфор турнирите.
Утре, на програмата се натпреварите за медали. Од 15.15 часот Вардар ќе игра со ПСЖ, а во големото финале од 18 часот ќе гледаме француски дуел: Монпеље – Нант.