Ајде да клекнеме на колена…
Ерол Ризаов
Ајде сите да клекнеме на колена и да им се помолиме на нивната светост – големите патриоти и преродбеници од ВМРО-ДПМНЕ, да не го спречуваат влезот на Македонија во НАТО, најмоќниот воен сојуз на светот. Да ги молиме и преколнуваме како чeсните сестри на мајка Тереза да се смилуваат на овоземните простосмртни грешници што се осмелија со предавство на татковината да ја остварат најголемата желба на револуционерната партија да ја видат Македонија како членка на северноатлантската алијанса, како што нè лажеа 11 години. Да ги молиме оти се поштедени да не бидат учесници и жртви на такво предавство и што навреме избегале од таа битка. Да ги молиме светците поканата за влез во НАТО да не заврши како тоалетна хартија во шолјата на претседателот на најпатриотската партија, ако нема амнестија за невино обвинетите ограбувачи на Македонија.
Засрамени, со гласна молитва на плоштадите ширум библиската земја како пред Господ, да побараме прошка од партијата, бидејќи без божји благослов на таткото на фамилијата се остваруваат најзначајните стратегиски цели на Македонија. Да признаеме колективно и јавно дека тоа што без нив се тргна во оваа офанзива да се освојат ЕУ и НАТО е голема грешка, бидејќи се виде дека ВМРО-ДПМНЕ, заедно со врховниот командант на вооружените сили, претседателот на Македонија, можат да го спречат тоа злосторничко здружување со НАТО и со ЕУ. За нив поканата е парче обична хартија која нема никаква вредност, ако не бидат амнестирани осудените за крвопролевање во парламентот на 27 април лани и се разбира, во пакет и тие кои се обвинети за други тешки злосторства и се жртви на монтирани судски процеси. Ако сите обвинети и осудени од врвот на ВМРО-ДПМНЕ добијат слобода и пресуда дека се невини, дека си ги задржуваат богатствата што ги стекнаа со макотрпна работа во служба на народот, тогаш севишните ќе кажат амин и за НАТО, и за ЕУ, и за договорот со Грција, и за уставни измени. Слободата е поважна од сè друго. Ако нема слобода, нема ни НАТО, ни ЕУ, ни договор, ни референдум, ни избори.
Ако не се прифати ултиматумот на семејството: прво амнестија, па сè друго, ВМРО-ДПМНЕ заминува во сенародно движење на отпорот и почнува борба за ослободување на Македонија, за зачувување на уставното име, на националната припадност, на македонскиот јазик. Смрт на предавниците, слобода на народот.
Да, ова би требало да биде пародија да се насмееме, бидејќи сериозните работи ако се прикажат на овој начин се многу забавни и можат да ја разголат до гола кожа бесмисленоста на постапките на луѓето кои одлучуваат за судбините на два милиони граѓани. Проблемот е во тоа што веќе ни козериите, ни сатиричните и хумористични приказни не предизвикуваат смеење, туку повеќе тераат на плачење, често и на лутина, барајќи го напразно одговорот дали е ова вистина и дали е можно ова што го слушаме и гледаме веќе година и кусур по падот на режимот на д-р Груевски, како граѓаните на Македонија се делат по живо ткиво со партиска анестезија, како омразата и нетрпеливоста стануваат ужасно секојдневје.
Да не се делиме повеќе на ваши и наши, повика новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од улица во Струмица. Штета што не додава посилна поента, па да викне да престанеме да се делиме на предавници и патриоти. Изгледа му текнало дека тоа ќе беше ептен непристојно да ја деградира главната идеологија на сопствената партија. Со таа доктрина на непрекинато откривање непријатели ВМРО-ДПМНЕ воспостави 11 години режим кој ја спасуваше државата од домашни предавници и надворешни непријатели. Не беа тоа само ваши и наши, туку многу пострашно. Ептен го ублажи нивото на поделби Христијан Мицкоски.
Верувам дека во следниот јавен настап Мицкоски ќе ја појасни разликата меѓу неговите и приврзаниците на неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис, кога велат дека договорот што го склучил Алексис Ципрас е големо предавство, бидејќи соседите добиваат сè, а Грција не добива ништо. А следбениците на нашиот Мицкотакис, викаат договорот што го склучи Зоран Заев е предавство: Грција не изгуби ништо, а Македонија изгуби сè. Од буква до буква исто обвинување во двете земји, само предавниците се различни, односно домашни. Демонстрантите во Грција прашуваат ако нашите соседи се Македонци, тогаш ние што сме. Не сакаат да бидат само Грци и Елини, туку и Македонци.
Протестантите во Македонија не прашуваат ништо, туку констатираат дека ако државата е Северна Македонија, тогаш тие ќе станат Северномакедонци. Многу мудро, иако тоа никаде не го пишува и таква националност не постои. Не допира до нив вистината дека националната припадност не е предмет на договор, тоа е универзално право на избор. За овие луѓе залудни се сите аргументи дека двете држави добиваат многу со храбрата одлука да го прифатат договорот. Колку што се посилни аргументите и фактите дека се одредуваат иднината и стабилноста на Македонија, толку полошо за нив, мислам за фактите. Голема среќа е што во Македонија мнозинството граѓани се за евроатлантски интеграции на земјата и како предуслов за тоа поддржуваат надминување на проблемот со компромиси, кои во некои сегменти се навистина болни. Ако добро се одработи информирањето на јавноста, тоа дава гаранции дека референдумот ќе биде успешен и потребното мнозинство граѓани ќе се изјаснат „ЗА“ европска Македонија. Но уште посреќна околност е што во Грција нема референдум каде што мнозинството граѓани се против договорот, ако може да им се верува на истражувањата на тамошното јавно мислење.
Знам дека во законите на Македонија има одредби кои санкционираат попречување на државните и националните интереси, за подривање на општествено-политичкиот и економскиот поредок и систем, ама не знам зошто јавните обвинители и институциите на правосудниот систем не гледаат опасност по интересите на државата од блокадите да не се остварат евроатлантските интеграции. Зошто попречувањето за навремено референдумско изјаснување на граѓаните не се третира како кривично дело и не се преземат постапки соодветни на законите. Доколку тоа е дел од парламентарната демократија, тогаш и Владата може да го попречи референдумот и да ја преземе целосно одговорноста за склучениот договор со Грција, а заедно со тоа да ја преземе и заслугата за членството во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ.
Во ваква ситуација кога однапред се минира слободното изјаснување на граѓаните со валкана кампања и невистини, со одбивање да се учествува во одредување на европска иднина на државата и со повици на бојкот, ваквиот потег може да биде неминовен и целосно оправдан. Не смее да се ризикува историската шанса. Последиците се несогледливи. Одговорноста на тие што ја создадоа шансата, а не ја реализираат, ќе биде многу поголема отколку на тие што ја попречиле. Механизмите за одлучување се во рацете на власта во вакви историски околности.