Антихистерезис или хистерија?


Никола Поповски

На 8 март оваа година на страниците на овој весник објавив текст со наслов „Ригидна невработеност“, а на 20 март, исто така во овој весник, свој текст објави извесната А.Д. со наслов „Македонски антихистерезис“, што всушност претставува полемика со мојот текст. Со оглед дека тој текст претставува вистинска стручна хистерија во врска со антихистерезисот (термин на А.Д.) ќе дадам неколку забелешки поради кои мислам дека целиот текст е само обид да се извлечат некакви политички поени врз основа на целосно нестручни анализи.

Најнапред за следново – уште во самиот вовед на својот текст А.Д. пишува, цитирам: „Да се потсетиме дека во третиот квартал во 2006 година стапката на невработеност изнесуваше 35,9 отсто, и истата беше повисока од стапката на вработеност која изнесуваше 35,6 отсто, што значи дека тогаш повеќе луѓе во Македонија биле невработени отколку што биле вработени“. Ваквата бесмислица е доволен аргумент за да се постави прашањето дали каква било натамошна полемика со автор кој има темелно непознавање на поимите „стапка на невработеност“ и „стапка на вработеност“ е корисна? Сепак т.н. аргументација на А.Д. е јавно изречена, па не е страшно и да се одговори заради пошироката читателска публика. Имено, на секој економист што завршил прва година и положил испит по Основи на економијата му е познато дека стапката на невработеност се пресметува како сооднос меѓу бројот на невработените лица и бројот на работната сила (активното население – синоним), а стапката на вработеност како сооднос на бројот на вработените и работоспособното население, а не работната сила. Како што е забележливо, се работи за две различни економски категории на населението, и тоа: работна сила или активно население и работоспособно население, па нивното изедначување е еклатантен пример на мешање „баби и жаби“. Всушност, во Македонија разликата меѓу работоспособното население (во моментов 1.680.394 лица) и активно население или работна сила (во моментов 953.692 лица) е цели 726.702 лица (околу 35 отсто од вкупното население). Во случајот на А.Д. овие 726.702 лица во Македонија очигледно не постојат. Ако тоа не го знаете и се обидувате стапката на невработеност и вработеност да ги изведувате од истиот именител, односно од работната сила т.е. активното население, тогаш сте во вистинска заблуда која ве носи кон хистерични и секако неточни констатации. Оттука, констатацијата „тогаш повеќе луѓе во Македонија биле невработени отколку што биле вработени“, не е само целосно неточна, туку и целосно бесмислена. Дури и не вреди истата да се дебатира.

Понатаму во текстот, се тврди дека во 2006 година „инвестиции со цел отворање нови работни места речиси и да немаше…“ Ова е, исто така, обична хистерична памфлет констатација бидејќи статистичките податоци кажуваат дека во таа година во Македонија инвестициите биле на ниво од 21,5 отсто од БДП, од кои инвестициите само во основни средства биле 17,6 отсто од БДП. Ако ниво на инвестиции од 21,5 отсто од БДП се во категоријата „речиси и да немаше…“, тогаш нешто со сфаќањето на економијата од страна на авторот не е во ред. Како дополнение треба да се наведе и фактот дека реалната стапка на раст на БДП во таа толку омаловажувана 2006 година беше 5,1 отсто, што од тој период, па сè до денес, повеќе од една декада, практично е уште недостижен сон за земјава.

Во својот текст, во кој авторката А.Д. очигледно ја глорифицира економската политика на сите влади на Груевски во изминатите скоро 12 години наведува и наводни нивни успеси со намалувањето на стапките на придонеси за фондовите за здравствено и пензиско осигурување во земјава што придонеле за намалување на невработеноста. Таа констатира: „на крајот на 2008 година стапките на придонеси од задолжително социјално осигурување се намалија од 32 отсто на 27,9 отсто во 2009 година (по што следуваше и дополнително намалување во наредни години, достигнувајќи ниво од 27 отсто)“. Овие кобни 4,1 процентни поени помали придонеси што ги направи тогашната влада предизвикаа такви дефицити во јавното здравство и пензискиот фонд што тие до ден денешен не можат да закрепнат од тоа. Резултатот е сериозно проблематичен – прво, како последица на тоа и на други погрешни политики, пензискиот фонд создаде дефицит во висина од околу 40 отсто од своите потреби што мора да се надоместуваат секој месец и година од даночните приходи на централниот буџет, со што се намалува можноста за финансирањето на потребите за јавните добра во иднина; и второ, намалувањето на стапката на придонес на пензиските осигуреници во земјава го намали и нивото на пари што работодавците за околу половина милион вработени оттогаш до денес го уплатуваат во фондот, па така вработените во иднина ќе имаат помали пензии поради намалените уплати на придонеси. Таков своевиден систематски „геноцид“ на висината на идните пензии на сегашните вработени не се памети во последниве децении. Секој иден пензионер ќе има помала пензија поради помалите уплати како последица на намалените стапки на пензискиот придонес.

Не е поинаква ни состојбата со здравствениот фонд кој поради истите причини постојано има високи дефицити или недостапни услуги за осигурениците. Последица – здравствените осигуреници сè повеќе мора од својот џеб да плаќаат пари за здравствени услуги на приватното здравство, иако се осигурени во јавниот фонд. Таквата состојба доведе до фактот дека денес околу 40 отсто од вкупните здравствени трошоци што ги прави населението се исплаќаат од приватни извори, а не од јавниот здравствен фонд.

Конечно, авторката самата признава што е една од причините за наводното намалување на невработеноста во времето на нејзината омилена власт кога вели: „Се пристапи кон спроведување мерка согласно која лицата што се пријавуваа во АВРМ како невработени единствено за да користат бесплатно здравствено осигурување (што создаваше нереална слика за бројот на лицата што навистина активно бараат работа) се префрлија во надлежност на Фондот за здравствено осигурување“. Имено, лицата што се водеа како дел од работната сила или активното население, а се невработени, едноставно се префрлија во категоријата неактивни лица што веќе активно не бараат работа и како такви тие веќе не се квалификуваат како невработени, туку стануваат дел од економски неактивните лица што не се дел од формулата за пресметка на стапката на невработеноста. На тој начин броителот во формулата релативно повеќе се намалува од намалувањето на именителот, а со тоа автоматски се намалува и количникот што ја дава стапката на невработеност. Но, за жал, во реалноста ништо не се менува. Реалната невработеност останува, де факто, иста. Помалку прикажаната статистичка невработеност само значи дека од сите работоспособни, но невработени лица, сега помал број активно бараат работа, но тие и натаму остануваат, де факто, невработени. Обичната „весела политичка математика“ не ја прави економијата со, де факто, намален проблем на невработеноста. Доказ за тоа е фактот што ако се обидете на овие лица (што веќе се разочарале дека не можат да најдат работа и затоа активно веќе не ја бараат) да им понудите соодветна работа, тие веднаш ќе ја прифатат бидејќи себеси се сметаат за невработени иако активно не бараат работа, а познато е дека за едно лице да има статус на невработено, тоа мора „активно да бара“ работа.

П.С. Во својот П.С. авторката А.Д. пишува: „во декември 2017 година, нето-платата изнесува 23.850 денари, а бруто-платата 35.017 денари, што значи дека даночно оптоварување е 31,89 отсто“. Би било умно малку да подразмисли за своите математичко-статистички вештини и да открие зошто оптоварувањето е 46,8, а не 31,89 отсто.