Аналитичарите порачуваат – да се искористи правото на глас на референдумот

Различни очекувања од претстојниот референдум за Договорот меѓу Македонија и Грција, но иста порака – да се излезе и да се гласа по сопствено убедување доаѓа од аналитичарите Петар Арсовски, Алберт Муслиу и Александар Кржаловски.
За аналитичарот Арсовски најважните очекувања од референдумот се тој да помине во атмосфера која е навистина демократска.
– Сите страни да имаат можност да го застапат својот став – Владата, опозицијата итн., да немаме инциденти, да има масовен одѕив, и луѓето во слободна и фер атмосфера да го изразат своето мислење и после кампањата да немаме поподелено општество, туку да имаме општество кое е посплотено. Тоа ми се генералните очекувања, вели Арсовски.
Што се однесува до цензусот дали тој ќе влијае или нема да влијае на успехот на референдумот, тој посочува дека Венецијанската комисија секако препорачува на референдуми да нема цензус, бидејќи инсистирањето на цензус ги спојува гласовите „не“ и апстинентите во едно купче.
– Но, и покрај тоа што е тоа така, мислам дека исходот на референдумот без оглед на неговиот технички епилог, односно без оглед дали ќе има или не цензус, само ќе ја засили одлуката на општеството во евроатлантските интеграции, дека гласот „за“ ќе победи. И потоа притисокот ќе се префрли назад на политичките партии кои ќе треба таа одлука на луѓето да ја спроведат, смета Арсовски
Муслиу, пак, е сигурен дека референдумот нема да пропадне, а тоа го потврдуваат и анкетите. Тој очекува и поголема одговорност од политичарите од власта и опозицијата и фокус на националните, а не партиските интереси.
– Мислам дека реално имаме добра шанса на Македонија како граѓани да и дадеме добар правец. Се надевам дека политичарите како што одминува времето и се приближуваме до денот на референдумот ќе се откажат малку повеќе од политикантството и ќе почнат да се бават со политика, а сите индикатори покажуваат дека за Македонија најдобро решение е членство во НАТО и ЕУ, како од надворешен така и од внатрешен аспект. Ако ние како граѓани ова го знаеме тогаш верувам дека и политичарите се свесни за тоа. Друга работа е што во целиот тој процес тие се обидуваат да добијат и политички придобивки што не го сметам за драматично, но сето тоа има лимит се додека не почне да влијае негативно на стратешките ориентации на државата, посочува Муслиу.
Според него, евентуално пропаѓање на референдумот би се сфатило од нашите евроатлантски партнери како наша стратешка ориентација во друг правец, додека успехот би било потврда дека ние како држава и како граѓани сме се европеизирале. – Европа подразбира и компромиси, а не подразбира политичари кои се инаетат и дејствуваат суетно, порачува Муслиу.
За Александар Кржаловски, директор на Македонски центар за меѓународна соработка, очекувањата за исходот од референдумот најмногу зависат од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе се согласи на референдумот да го повика членството да учествува и што ќе им препорача, а прогнозира и различни сценарија кои вклучуват и предвремени избори и поништување на Договорот.
– Моја претпоставка е дека тоа ќе биде да гласаат против, иако не се исклучени и опциите за бојкот и за гласање за. Меѓутоа, овие две опции се многу помалку веројатни. Мое очекување е дека ќе повикаат да се гласа против, а можно е да не дадат никаков став, односно да остават секој да гласа по сопствено убедување, без да назначат што е ставот на партијата. И тоа е можно. Во тој случај ако ВМРО-ДПМНЕ влезе во активна кампања сметам дека ќе се постигне цензусот од 900 и кусур илјади гласови. И во случај на постигнување на цензусот тогаш ВМРО-ДПМНЕ веројатно ќе се согласи на уставни промени, односно ќе ги поддржи, оценува Кржаловски.
Доколку, пак, додава, опозициската партија повика секој да гласа по своја волја, и логично да нема своја кампања во однос на референдумот, тогаш е тешко да се очекува да се постигне цензусот, но веројанто ќе се стигне до бројка од 700, па и 800 илјади гласови и во тој случај мнозинството ќе биде убедливо за кампањата „за“.
– Тогаш е можно дури и во тој случај ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните промени, но не верувам дека тоа ќе се случи. Сепак ќе остане можноста пратениците индивидуално по своја волја да гласаат и да се дојде до таа бројка од десетина пратеници за да се изгласат уставните промени. Но, ако бројката е помала од 700.000 гласови мислам дека ќе е проблематично воопшто за ВМРО-ДПМНЕ и за пратениците да поддржат какви било уставни промени. Тогаш е прашање како тие ќе се изведат и веројатно нови избори ќе бидат опција или ако бројката е многу под 700.000 гласови на пример 500.000 или помалку, тогаш мислам дека ќе е проблем дури и за СДСМ да продолжи со форсирање на Договорот со Грција кога помалку од четвртина од популацијата излегла на референдумот, па макар и да е 90 проценти поддршката за Договорот, вели Кржаловски.
Бидејќи, како што посочува, во моментов се профилираат три става, односно три можни кампањи за референдумот – „за“, „против“ и „бојкот“ во кои сега доминираат „за“ и „бојкот“, оти нема активна кампања „против“, прашање е која е целта на кампањата за бојкот бидејќи и според изјавите на премиерот и на неколку од министрите вклучително и министерката за правда Рената Дескоска бојкотот фактички не го руши Договорот.
– Толкувањето на владејачката партија е дека со бојкот на референдумот, со непостигнување на цензусот ќе се смета дека нема одлука на референдумот односно не е донесена одлука ниту за, ниту против и тогаш останува на сила она што веќе е договорено. Значи Договорот е поминат и во Собранието, ратификуван е, точно дека не е потпишан од Претседателот, меѓутоа не престанува да важи. Само во случај на постигнат цензус и мнозинство на гласачи „против“ само тогаш Владата ќе се повлече од Договорот со Грција, односно ќе го поништи, оценува Александар Кржаловски.