Ако населението изнесува 1,8 или 1,7 милиони жители, тогаш и БДП по жител ќе биде 10-15 отсто повисок


Никола Поповски

Деновиве сите се надеваат дека Македонија може да стане членка на НАТО во рок од 12-18 месеци и дека во истиот период можат да започнат претпристапните преговори за членство во ЕУ, што според објективните очекувања можат да завршат најдоцна за една декада. Словенечкиот амбасадор, на пример, со многу добра волја и оптимизам, деновиве, во едно телевизиско интервју ни најави дека по почетокот на преговорите членството се добива за околу 7 години ако земјата е добро подготвена, а најдоцна за 10 години. Ние, објективно, не спаѓаме во „добро подготвена“ земја во голем број области од општествениот живот, па можеме да очекуваме членство за околу 10 години по почетокот на преговорите. Се разбира, сè ова е условено од прашањето дали Македонија официјално и самоиницијативно ќе го смени своето име во „Република Северна Македонија“. Тоа веќе е сосема друго прашање за што одговорот ќе го знаеме во рок што не е подолг од една година. Но таа дилема сега да ја оставиме настрана.

Подготовките за преговори и членство во ЕУ воопшто не се некој бауч и на нив не треба да се гледа како на некоја страшна и нерешлива енигма. Тие се сеопфатни и тешки, бараат напор и реформи што не се секогаш и од сите добредојдени, подразбираат и соодветно жртвување на некои навики и лагодности на кои сме навикнати, но се остварливи. Сепак, потребно е да се има посветеност и секој во нашата веќе огромна администрација да си го сработи тоа за што е платен. Дури и тоа не е страшно бидејќи за секој општествен проблем и за секое прашање за кое ЕУ ќе сака да ги усогласиме нашето законодавство, институции, политики и практики постои некој државен службеник или одделение, сектор и слична организациска единица што е надлежна и што ги знае чекорите што треба да се преземат. Или барем да се надеваме дека ги знае. Колку и да е тешка и обемна, работата може да се заврши.

Конечно, тоа можам и лично да го потврдам од времето кога како член на Владата на Македонија која ни обезбеди својство на земја кандидат за членство во ЕУ во 2005 година раководев со ресор што одговори и ги презентираше најголемиот број одговори на прашањата за подготвеност за статусот на земја кандидат, односно околу 20 отсто од вкупниот број прашања и во вкупниот одговор што се достави до Комисијата на ЕУ на околу 19.000 страници партиципираше со околу 28 отсто. Од тогаш сум уверен дека ако на нешто се посветите и сакате да го завршите успешно, па макар на почетокот изгледа и како „невозможна мисија“, тогаш тоа е можно. Се разбира, ова треба да се сфати во релативна смисла, дека тоа е можно доколку зависи од вас самите, а не и од некои фактори и околности што се зададени, објективни и на кои немате никакво влијание.

Заради временските рокови и големите потребни напори пристапувањето кон ЕУ, доколку стане можно, ќе се случи со некоја друга влада и некои други актери на политичката сцена при крајот на третата деценија од овој век. Изгледа далеку? Да. Но сеедно, подготовките треба да почнат веднаш за да не ни се случи влезот во ЕУ да биде при крајот на четвртата деценија од овој век.

Некои работи можеме да ги спроведеме брзо и без за тоа да нè поттикне ЕУ. На пример, потребен ни е попис. Многу ни е потребен. Причината е едноставна – не знаеме колкаво е населението во Македонија и каква е неговата структура по многу негови обележја. Без тоа не сме способни ни ефикасно и ефективно да ја управуваме нашата економска и општествена иднина. Ние денес за себе тврдиме дека сме нешто под 2,1 милиони население, но сите знаат дека таа бројка не е точна и дека можеби се разликува од реалноста за цели 10-15 отсто, а можеби и повеќе. Тоа не е малку. Блиску до веројатноста е дека не заради стручни, финансиски, институционални и професионални проблеми, туку заради меѓуетнички и политички проблеми, попис не можеме самите да спроведеме, ниту сега ниту во блиска иднина. Тоа е жално, но вистинито.

Но нешто можеме да направиме. Можеме на пример да се обратиме до ЕУ и нејзината статистичка организација Евростат да ни помогне и пописот да го извршат тие. Законот можеме да го приспособиме, а можеме и да го финансираме самите тој процес колку и да чини (сигурно ќе е помалку од двата најголеми споменици од проектот „Скопје 2014“), иако сум уверен дека во еден дел за тоа ќе добиеме и финансиска помош токму од ЕУ. Уверен сум и дека од гордоста нема ништо да изгубиме доколку едно свое суверено право го препуштиме на меѓународна регионална организација каква што е ЕУ. Впрочем, со таквата гордост повеќе пати сме се отпоздравиле за многу посуштински теми.

Пописот во предвидениот рок може да се спроведе со попишувачи од земјите на ЕУ што не граничат со Македонија, а за да нема нејаснотии, непризнавања, двоумења и реакции, може да се дозволи на секој ЕУ-попишувач да му се придружи како посматрач секој политички или НВО-субјект што за тоа има основа и желба. Експерти на ЕУ можат да останат и во долгата фаза на обработка на податоците за да никој не се бунтува дека бил оштетен во таа фаза. Резултатите ќе бидат прифатливи, какви и да се за Македонија. Тие можат да покажат и некои неочекувани податоци, но и тие треба да се дознаат и да се прифатат како такви за да знаеме колку сме, кои сме, каде сме и какви сме. Со спроведен попис и со недвосмислени и кредибилни податоци можеме многу побрзо и полесно да ја приспособиме нашата идна економска, образовна, здравствена, земјоделска, социјална и секоја друга политика.

Втората работа што можеме брзо да ја приспособиме по евентуалниот попис е, на пример, да соопштиме дека ние, де факто, живееме со повисок стандард од оној што официјално статистички го прикажуваме. Оттука можеби ќе се отворат и некои одговори што сега ни економистите не можат да си ги дадат во врска со ниските приходи по жител и релативно повисокото ниво на стандард што постои во Македонија. Имено, нашиот БДП по жител сега го пресметуваме врз основа на податоците за големината на БДП што изнесува околу 10 милијарди евра и бројот на населението од околу 2,1 милиони. Така добиваме дека нашиот БДП по жител изнесува околу 4.691 евра (податоци за 2016 година) и тој, според податоците на Евростат, е приближен со тој на Србија (4.904 евра); БиХ (4.494 евра); понизок од оној на Црна Гора (6.355 евра) и Турција (9.909) и повисок од Албанија (3.728) и Косово (3.304). Тоа се земјите за идното евентуално проширување на ЕУ. Ако нашето население, на пример, не изнесува 2,1 милиони, туку 1,8 или 1,7 милион жители, што според виталните и миграциските статистики е многу веројатен резултат, тогаш и нашиот БДП по жител ќе биде барем 10-15 отсто повисок и ќе биде во границите меѓу 5.550 и 5.880 евра по жител, што барем малку ќе ја смени сликата за нашата економска моќ и нашиот стандард во споредба со оној на соседите и на ЕУ.

Вакви мали нешта што треба да се направат има многу. Илјадници, ако не и десетици илјади за да можеме да бидеме, како што кажа словенечкиот амбасадор „добро подготвена“ земја за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ.