Ципрас ќе го пречекаат протести пред Меѓународниот саем во Солун


Вниманието на грчката јавност денеска е насочено кон Солун каде што започнува 83. Меѓународен саем. На свеченото отворање ќе се обрати премиерот Алексис Ципрас и ќе ја објави агендата на владата и политиката што ќе ја следи во следниот период, а во исто време закажани се низа протести, како за економијата така и против Договорот од Преспа.

Солун е под драконски безбедносни мерки, а за да се спречат било какви инциденти ангажирани се над 5.000 полицајци од цела Грција.

Свеченото отворање на Саемот ќе биде во 19 часот по локално време, а паралелно се закажани четири различни протести.

Грчките организации од дијаспората и „Комисиите за борба за Македонија“ ги повикаа Грците „на мирен и решителен начин, без партиски обележја и без говорници“ да излезат на протест Против Договорот од Преспа.

Според грчките медиуми, на повеќе локации во Солун, се појавија постери со грчкиот премиер и со пораката „Непожелен“. Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и јавниот сектор, исто така ќе одржат протест, но исклучиво поради економската ситуација во земјата, со барање да се поништат сите мерки што произлегуваат од меморандумите.

Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, ги повикува граѓаните да им се придружат и против владината политика, но и поради Договорот од Преспа и НАТО. Засебни собири закажаа и анархистичките организации и здруженија. Годинава САД се почесна земја на Меѓународниот саем. Утрово беше свечено отворен штандот на САД, во присуство на американскиот државен секретар за трговија, грчкиот премиер и министри од грчката влада.

Според најавите, се очекува оваа година, Меѓународниот саем во Солун да биде најголем до сега со 1.500 штандови од 20 земји, а меѓу нив и Македонија. Според проценките, саемот ќе го посетат над 290 илјади посетители.

За време на саемот, кој ќе трае до 16 септември, обраќања и прес конференции, освен грчкиот премиер, ќе имаат и лидерите на речиси сите грчки политички партии.