Цената на нафтата уште ќе скока
Скока цената на бензините во Македонија. Скока и цената на суровата нафта на светскиот пазар. Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека последното поскапување се должи на растот на просечната цена на суровата нафта и на растот на курсот на денарот во однос на доларот. Во изминатите 14 дена просечната цена на барел нафта изнесувала 75,1 а претходно била 73,8 долари за барел. Курсот на денарот во однос на доларот изминативе две недели се искачи на 51,3 денари за долар а претходно бил 49,5 денари за долар.
Вчера цената на нафтата „брент“ се движеше околу 77,4 долари за барел. На почетокот на годинава почна со 66,87 долари за барел и има нагорна тенденција.
Има многу причини зошто цената на нафтата е на највисоко рамниште од 2014 година, укажуваат аналитичарите. Производството на нафта во Венецуела стрмоглаво падна, а може уште да паѓа, кога се множат кредиторите во земјата. Растот го поттикна и повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран. Иако рамнотежата меѓу понудата и побарувачката е најцврста од кога било, се очекува дека побарувачката ќе ја надмине понудата до крајот на годината. Глобалните резерви се вратени на петгодишен просек и натаму се намалуваат. Фактор што ги одржува цените е американската нафта од шкрилци, која додава по повеќе од еден милион барели дневно од септември лани. Цените на суровата нафта скокнаа за над 8 отсто минатиот месец и 15 отсто од почетокот на годинава. Аналитичарите сѐ уште очекуваат нафтата да достигне 100 долари за барел во 2019 година.
Лани, според Народната банка на Македонија, цената на нафтата „брент“ изразена во евра, забележала просечен годишен раст од 21% , во однос на просечната цена на нафтата во 2016 година. Особено во периодот август-декември лани има нагло зголемување на цените на нафтата на светските пазари, што доведе до поизразен раст на глобалната инфлација. Просечната цена на нафтата во 2017 достигна 54 долари по барел. Порастот во најголема мера беше одраз на зголемената глобална побарувачка, намаленото ниво на резерви и продолжувањето на договорот на земјите од ОПЕК и Русија за намалување на производството на нафта. Договорот е продолжен до крајот на 2018 година. Овој договор имаше за цел да придонесе за намалување на резервите на овој енергент на глобално ниво. Договорот го поддржаа и производителите на нафта што не се членки на ОПЕК, вклучувајќи ја и Русија, при што беше намалено производството на нафта за 1,8 милион барели дневно. Како резултат на високиот годишен раст на цената на нафтата на светските берзи, во 2017 година има скок на цените на енергијата во Македонија од 1,4 отсто, првпат по три години, стои во Годишниот извештај на Народна банка за минатата година.
За еден резервоар плус 250 денари
На почетокот на годинава, литар бензин евросупер 95 чинеше 66,5 денари. Еден резервоар од 50 литри во јануари чинеше 3.325 денари. Со последната промена на цената на бензинот, од денеска евросупер 95 чини 71,5 денари. Или, еден резервоар чини 3.575 денари.