Фронтекс: За 60 отсто намален бројот на мигранти во ЕУ


Бројот на лица кои незаконски влегуваат во Европската унија лани се намали за 60 отсто во споредба со претходната година, се наведува во денеска објавениот извештај на Европската агенција за гранична контрола – Фронтекс.

Минатата година, во ЕУ илегално влегле помалку од 205 илјади лица од трети земји, додека во 2016 година таа бројка изнесуваше 511 илјади.

За 2017 година, бројот на лица кои нелегално влегле во Унијата е најмалиот за претходните четири години, односно од почетокот на бегалската криза во 2015 година, кога во ЕУ влегоа околу 1,8 милиони луѓе.

Во извештајот на Фронтекс се наведува дека бројката за 2017 година сепак е поголема од онаа за периодот пред миграциската криза, кога во ЕУ, во просек, пристигнуваa помеѓу 72 и 140 илјади илегални мигранти годишно.

Лани, мигрантската рута преку Источниот Медитеран и Западен Балкан била значително помалку користена во споредба со претходните години.

Истовремено, регистрирано е двојно зголемување на илегалните мигранти во однос на 2016 година, кои преку западниот дел на Средоземното Море дошле до Европа, односно преку таа рута минале 23 илјади мигранти

– Сега Шпанија е под силен притисок, изјави директорот на Фронтекс Фабрис Леџери.

Тој наведе дека минатата година во Шпанија влегле 21 илјади илегални мигранти, главно од Мароко, Алжир и Гвинеја, додека во Грција имало пад од 80 отсто во однос на 2016 година