УЈП: Реномирани угостители од Скопје не даваат фискални сметки
Неиздавањето фискални сметки и сомнителното сторнирање на сметките се најчестите злоупотреби што ги открила Управата за јавни приходи (УЈП) во последните контроли што ги спровела во периодот од 19 април до 22 мај годинава. Како што информира директорот на УЈП Сања Лукаревска на денешната прес-конференција, во овој период од контролираните 311 објекти мобилните екипи на УЈП откриле неправилности во работењето кај 108 објекти низ целата државата, при што изигрување на регулативата било откриено и кај реномирани угостителски објекти во Скопје.
– Најголем број неправилности, 28, беа констатирани во Скопје, каде беа контролирани 92 објекти, а најмалку неправилности, по една има во Делчево и Македонска Каменица, рече Лукаревска.
Од почетокот на годината, додаде, од контролирани 3.086 објекти констатирани се неправилности во работењето кај 362 објекти, од кои 98 се во Скопје, а само еден во Делчево.
Со контролите биле опфатени хотели, ресторани, сендвичарници, барови, пицерии, автомеханичари, вукланизери, продавници за атоделови, салони за убавина, фризерници, цвеќарници, продавници за облека и манифестации што ги организрираат општините.
– Најчести неправилности утврдени со контролите се неиздавање фискални сметки, односно користење на компјутерски сметки/маркери како замена на фискални сметки, непоседување на резервен фискален систем на опрема, непоседување и неевидентирање на податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна смедководствена книга, неусогласен промет, односно разлика на готовински промет во каса и евиднетиран промет преку фискален систем на опрема, рече Лукаревска.
Највисок износ на разликата во каса од 82.879 денари, како што посочи, е констатиран кај даночен обврзник во Охрид каде евидентираниот промет преку фискален апарат изнесувал 53.873 денари, а во каса имало 136.752 денара.
– Врз основа на анализа на податоците од фискалните системи на опрема со вграден ГПРС уред констатирани се состојби со голем број на сторни фискални сметки кај некои даночни обврзници. Кај некои од овие обврзници е констатирано континуирано дневно сторнирање на фискални сметки што го надминува бројот од 130 дневно со сторниран вкупен дневен промет што се движи и до 40.000 денари, потенцира Лукаревска.
Во март и април годинава, како што рече, сторнирани се вкупно 4.127 сметки со вредност од над еден милион денари и тоа само кај еден угостителски објект во Скопје, од 100.000 до 500.000 денари има 185 сторнирани сметки кај три угостители во Скопје, Охрид и Прилеп, а од 50.000 до 100.000 денари сторнирани се 76 сметки за еден месец кај еден угостителски објект во Скопје.
– Вкупно во март и април кај 144 најчесто помали даночни обврзници утврдени се 5.097 сторни сметки. Тоа значи дека даночниот обврзник му дава на потрошувачот фискална сметка, но доколку тој не ја земе оди на ризик дека ќе биде сторнирани и врз основа на тоа се прави еден вид на затајување на данокот. Оваа состојба може да кажам дека е алармантна, рече Лукаревска.
Појасни дека законски не е ограничен бројот на фискални сметки што можат да бидат сторнирани, но додаде дека кај објектите кај кои постои сомнително сторнирање на сметки Управата спроведува повеќегодишни ДДВ контрлоли и контрола на персоналниот данок неколку години наназад за да се утврди вистинската состојба.
Најави дека наскоро УЈП ќе спроведе кампања за покревање на свеста на граѓаните да бараат, а фирмите да издаваат фискални сметки, како и дека летово ќе се зголемат контролите во туристичките агенции и летните фестивали и фестови.