Турската лира го повлече и Волстрит
Берзанските индекси на Волстрит паѓаат трет ден по ред откако продлабочувањето на економската криза во Турција ги притисна акциите на банките и ги наведе инвеститорите да се повлечат од ризични вложувања. Падот следи по зголемувањето на царините на алуминиум и челик од Турција, што ги воведе Трамп, за 20 односно 50 отсто.
„Тукушто одобрив дуплирање на царините на челик и алуминиум од Tурција, додека нејзината валута, турската лира, паѓа во однос на нашиот многу снажен долар. Нашите односи со Турција во овој момент не се добри“, напиша трамп на Твитер.
Курсот на лирата, кој и претходно беше под притисок, вчера потона за 18 отсто, што е најголем дневен пад од финансиската криза во Турција во 2001. При тоа, курсот на лирата во однос на доларот е на историски најниско ниво, па за еден долар се добиваат повеќе од 6 лири.
Од почетокот на годинава лирата изгуби околу 40 отсто од вредноста затоа што на турската економија и се заканува остро намалување на растот а можеби и рецесија, на што предупреди агенцијата Фич.