Спасовски: Западнобалканската мигрантска рута се уште e жива
Западнобалканската рута иако со помал интензитет се уште е жива, потенцира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на дипломатски брифинг на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) – МАRRI Friends Meeting.
– За жал по официјалното затворање на рутата, се појавија голем број криумчари на мигранти и се почесто мигрантите се жртви на истите, а неретко се жртви и на трговија со луѓе. Оваа проблематика е виско на агендата на МВР, а се разбира и на ЕУ и на сите регионални и меѓународни организации, рече Спасовски.
Регионот на Западен Балкан ЕУ го идентификува како влезна порта за мигрантите. Во текот на 2015 и првата половина на 2016 година меѓу 800.000 и еден милион лица транзитирале низ Македонија, при што околу 200 од нив побарале азил во земјава.
– Доколку се земе во предвид дека во овој период имавме само нешто повеќе од 200 барања за азил, можеме со сигурност да заклучиме дека Република Македонија беше и останува земја за транзит. Главна дестинација на овие лица се многу поразвиените западно европски земји, рече Спасовски.
Со оглед на тоа дека сторителите на кривични дела постојано ги менуваат своите начини на дејствување, заради зголемување на ефикасноста формирана е Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, со која е направен директен линк меѓу МВР и Јавното обвинителство, се со цел побрзо процесуирање на случаите поврзани со трговија со луѓе.
Во однос на соработката во рамките на МАРРИ, Спасовски рече дека визијата е МАРРИ Регионалниот Центар да добие структура спремна да спроведува проекти од поголем обем, самостојно да настапува пред донатори за средства потребни за проекти кои самите учеснички ги препознале како потребни.
Македонија претседавала со работната група за изработка на нова организациска структура и утврдување на внатрешните процеси, со што би се овозможило побрз проток на информации, поголема динамика во спроведувањето на конкретни проекти, како и подобро презентирање пред потенцијалните донатори за проекти од значење на МАРРИ учесничките.
Следната недела ќе има состанок на работната група во Регионалниот Центар во Скопје.
МАРРИ е единствена регионална иницијатива за проблематиката со миграциите во која членуваат шесте влади од Западен Балкан- Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Основана во контекст на Пактот за стабилност за ЈИЕ во 2004, МАРРИ е префрлена под регионална сопственост во 2008 година.