Се бара идејно решение за враќање на корзото во Ѓорче Петров


Општина Ѓорче Петров планира да го оживее некогашното корзо. За таа цел општинарите распишаа конкурс за избор на идејно решение за шеталиштето во реонскиот парк „Ѓорче Петров“. Се бараат идеи за дизајнирање четири типски монтажни објекти, за дизајн на урбана опрема (улични светилки и канделабри), за дизајн на клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња. Од Општината појаснуваат дека проектната програма е поделена во две групи од по два дела, при што заинтересираните субјекти може да учествуваат со по еден труд за секој од деловите на конкурсот.

„Со проектот, некогашното корзо во Ѓорче Петров ќе им се врати на жителите од овој дел на Скопје, односно зад супермаркетот ‘Тинекс‘ е предвидена мала чаршија со занаетчиски дуќани и кафетерии и амфитеатрална бина на потегот кон улицата ‘Ѓорче Петров‘. Архитектите треба да обрнат посебно внимание на сочувување на постоечките дрвени насади во овој парк“, појаснуваат од Општината, потенцирајќи дека идејните решенија треба да се одликуваат со функционалност и применливост.

Краен рок за предавање на изготвените идејни решенија е 13 април. Предвидени се парични награди за првонаградените три идејни решенија, а три и ќе се откупат.

Дополнителни информации за конкурсот може да најдат на веб страната на општина Ѓорче Петров.