Ребаланс на Буџетот кон средина на годината
Премиерот Зоран Заев очекува кон средината на годината да биде направен ребаланс на Буџетот, но, како што изјави, не да има корекција на стапките за раст.
Тој верува дека може да се постигне проектираниот раст од 3,2 проценти и покрај тоа што меѓународните финансиски институции ги намалија проекциите за растот на македонската економија.
– Верувам дека ако успееме да реализираме 65 проценти од најавената инвестициска офанзива, ќе го постигнеме растот од 3,2 проценти, а мојата амбиција е дека Македонија може да постигне раст од четири проценти, истакна Заев, одговарајќи на прашање по прес-конференцијата во Владата.
Тоа, вели, не зависи само од Владата, туку и од општините, институциите, инвестициите во инфраструктурата и низа други аспекти.
– Затоа сум среќен што министерот идната седмица ќе одлучи второстепено за одредено правно прашање на Скопски саем за да може точно на 31 да почне градбата. Исто така, Градот Скопје веќе даде одобрение за градба за Лимакс, рече Заев.
Целта на Владата е до крајот на мандатот да се постигне раст на економијата од пет проценти.